Топ
Обид за убиство во Струга – со нож го избол во стомакот, рацете и во вратот
Основното јавно обвинителство Струга отвори истрага против две лица, од кои едното е осомничено за обид за убиство и насилство, додека вториот осомничен му помогнал да го изврши обидот за убиство.
„На 2 август, поради претходно нарушени меѓусебни односи, првиот осомничен се обидел да лиши од живот едно лице. Вториот осомничен најпрво со својот автомобил БМВ Х6 го попречил патот на Фолксваген голф 7 во кој се превезувал оштетениот и уште едно лице. Двајцата осомничени излегле и се упатиле кон оштетените и ги нападнале физички, најпрво удирајќи ги со боксови. Во еден момент првиот осомничен извадил нож и му нанел повеќе убодни рани на оштетениот во стомакот, надлактицата и вратот, со што му предизвикал тешки телесни повреди. За тоа време вториот осомничен извикувал и го поттикнувал да го доврши делото“, соопшти обвинителството.
Сведокот-оштетен се обидел да ги оттргне и да ги спречи, па првиот осомничен и врз него извршил насилство, расекувајќи го со ножот на раката и предизвикувајќи чувство на загрозеност и страв во јавноста.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Струга достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кајмакоски по киднапирањето е дома; Рашиќ: „Смирено и храбро се соочил со напаѓачите“
Mиланка Рашиќ, која е задолжена за односи со јавноста за Даниел Кајмакоски, соопшти дека разговарала со него по ноќта помината во полициска станица. Таа потврди дека пејачот бил киднапиран синоќа во близина на „Бетон хала“ во Белград и сега е дома, но потребен му е мир.
„Од она што го чув од Даниел во краткиот разговор, ми се чини дека многу смирено и храбро се соочил со киднаперите. Сега му е потребен мир и во интерес на полициската истрага нема да дава изјави“, рече Рашиќ.
Додаде и дека полицијата трага по непознатите сторители, странски државјани, кои го врзале и го возеле во неговиот автомобил, барајќи му 20.000 евра.
Според досегашните информации, киднаперите се движеле во правец кон Рума, кога сообраќајната полиција се обидела да го запре возилото. Во обид да избегаат, тие удриле во банкина, излегле од автомобилот и побегнале. Даниел бил пронајден врзан, а потоа поминал неколку часа во полициска станица, давајќи искази за настанот.
Рашиќ изрази благодарност до сите кои се јавиле и се загрижиле за здравјето и безбедноста на пејачот: „Им благодариме од срце на сите добри луѓе.“
Македонија
(Видео) Српски „Телеграф“ објави снимка од возилото со кое бил киднапиран Кајмакоски: „Напаѓачите се во бегство, пејачот пронајден“
Сите елитни единици на српското Министерство за внатрешни работи – УКП, САЈ и Жандармеријата – учествувале во драматичната акција за спасување на познатиот пејач Даниел Кајмакоски (43), кој синоќа бил киднапиран во Белград, јави српски „Телеграф“.
Сè започнало со полициска рација на улицата Караѓорѓева, кога возач на бел „Волво XC60“ не застанал на наредбата од полицијата и започнал бегство во правец кон Бранков мост. Брзо било утврдено дека се работи за киднапирање на познатиот пејач.
View this post on Instagram
При обидот да го запрат возилото, напаѓачите ја пробиле полициската блокада и започнала потера низ градот, движејќи се кон Палата Србија, Арената, па потоа кон автопатот во насока на Шид.
„Во текот на потерата, напаѓачите со пиштол му се заканувале на Кајмакоски и побарале 20.000 евра за неговиот живот. Дополнително се заканиле дека нивни соучесници, кои наводно го надгледуваат неговиот дом, ќе ѝ наштетат на неговата сопруга и деца“, пишува „Телеграф“.
По поминувањето на патарината Шимановци, возачот направил грешка под притисокот од полицијата и кај исклучувањето за Рума удрил во заштитна ограда. Двајца вооружени напаѓачи побегнале во темнината, додека полицијата во возилото го пронашла врзаниот Даниел Кајмакоски.
Теренот околу Рума моментално е под целосна блокада. Специјалците од САЈ и Жандармеријата користат службени кучиња и најсовремена термовизиска опрема во потрагата по бегалците, кои, според исказот на жртвата, комуницирале на турски јазик.
Вишото јавно обвинителство го квалификувало случајот како киднапирање, пишува „Телеграф“.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Заев се јави во одбрана на својот криминал, тој е таткото на бизнисот со канабис
Олицетворението на криминалот, главата на октоподот во корупцијата и лидерот на СДС од сенка, Зоран Заев се јави во одбрана на својот криминал кој изминативе денови се запленува во форма на дрога од неговата му родна Струмица, велат од ВМРО-ДПМНЕ по објавата на експремиерот Заев на социјалните мрежи, во која тврди дека владејачката партија шири лаги.
„Негови први пријатели на кои им даваше тој заедно со Венко Филипче лиценци за одгледување на марихуана за медицински цели, гледаме деновиве дека тие за тоа не го користеле канабисот туку за нелегална продажба на нелегален продукт – дрога.
Над 20 тони дрога беа изнесени само од фирмата “ЦБД Медплант” во сопственост на Христијан Котев, син на Тони Котев, претседател на ОО Ново Село во времето на Заев. Заев и Венко им дадоа лиценци на овие луѓе, а гледаме како заврши истото.
Заев е таткото на бизнисот со Канабис. Оттука нека каже дали неговото семејство и нему блиски луѓе се влезени во тој бизнис? Зошто јавно лаже?
Дополнително, за тоа дека градел облакодери во Дубаи има сведоштва од негови познаници и соработници кои јавно тоа го кажуваат. Заев треба јавно да каже врз кој основ и како стигнал до златна виза во Дубаи?
Заев е исплашен до толку од одговорност што по се изгледа, почнува да станува клаустрофобичен?
Заев се потврди дека ја води СДС, а Венко е парадерот. Одговорност и правда ќе има“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

