Топ
Починат маж пронајден во запуштена сендвичарница во Тафталиџе
Безживотно машко тело во фаза на распаѓање е пронајдено кај поранешната сендвичарница „Густав“ на улицата Дрезденска во скопската населба Тафталиџе. Неофицијално, станува збор за сопственикот А. Р., кој престојувал во објектот на некогашната сендвичарница, каде што имало импровизиран кревет на кој спиел.
На социјалните мрежи соседите пишуваат дека телото попладнево било изнесено од сендвичарницата, која се наоѓа на аголот спроти основното училиште „Војдан Чернодрински“, и дека станува збор за сопственикот, кој наводно починал пред неколку месеци.Тој спиел во сендвичарницата на импровизиран кревет, каде то бил и пронајден. Претпоставките се дека го пронашол случаен минувач.
Од МВР за „Макфакс“ велат дека во 14.28 часот било пријавено дека има пронајдено починато лице на улицата Дрезденска во објект на поранешна сендвичница. „Во 15.10 часот од страна на доктор од итната медицинска помош е констатирана смрт и сѐ уште не е познат идентитетот на починатиот. Се работи на расчистување на случајот“, велат од полицијата.
Телото му е предадено на Институтот за судска медицина, каде што ќе биде извршена обдукција, по што ќе се знаат повеќе детали за причините за смртта и идентитетот на починатиот маж.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Дали Венко кој има златна виза за Дубаи е партнер на Заев во градење на 40-катницата во Дубаи, прашува Манасиевски
„Денес откриваме нови факти за бизнисите на Зоран Заев и Венко Филипче во Дубаи. По сведоштвото од страна на Томе Аврамски, поранешен соработник на Зоран Заев, дека во Дубаи Заев гради 42катница, а дополнително со Филипче имаат станови во друг објект, од СДС молк на темата и крици на беспомошност“, кажа Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„ВМРО-ДПМНЕ долго време веќе говореше во јавноста дека Заев и Филипче имаат златни визи за Дубаи, а за истите и самите потврдија, но не кажаа на кој начин ги добиле. По се изгледа, стекнувањето на златна виза е поради влог во недвижности.
Иако Филипче призна дека златната виза е последица на работен ангажман во некаква си болница во Дубаи и вети дека тоа ќе го докаже, јавноста не виде никакви документи.
Јавно го прашуваме Венко Филипче, каква е неговата улога во изградбата на 40катницата на Заев, за која сите слушнавме сведоштво? Дали златната виза на Венко во Дубаи е резултат на тоа што Венко Филипче е бизнис партнер на Зоран Заев во градење на згради? Од каде му пари на Венко за да си дозволи толку голем влог, со оглед на тоа дека тој самиот кажува дека има досега работено како доктор и како пратеник? Дополнително, Филипче треба да одговори на чии име се води станот за кој Томе Аврамски вели дека е во негова сопственост?
Почитувани граѓани, додека Венко и Заев продаваат грижа, морал и достоинство во државата, од друга страна гледаме како се расфрлаат со милиони за изградба на 40катница, и тоа не било каде, туку во Дубаи. Го повикуваме ЈО да го истражи случајот“, изјави Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Нацев кажа дека не бил во земјата кога се случи пожарот во „Пулс“ и се пожали на медиумски и јавен линч од безбедносни аналфабети
Судот ги слушна воведните зборови на сите 35 физички и три правни лица обвинети за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Александар Нацев, обвинет дека е реален сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“ и не подготвил и не поднел план за обезбедување на локалот вечерта кога се случи пожарот, исто како и сите негови претходници, рече дека нема вина и дека во текот на постапката ќе го докаже тоа.
„Девет месеци молчев и бев жртва на медиумски и јавен линч спроведен преку разни квазиексперти и безбедносни аналфабети. Со неверување гледав како со неверојатна леснотија одново и одново беше рушена пресумцијата на мојата невиност додека целиот тој период бев таргет и на разни неосновани политизирани клевети и навреди. Денес, сите овде сме исправени пред брутално силување на Законот за приватното обезбедување со цел одредени негови одредби да послужат како поткрепа на теоријата на случај во обвинението“, рече Нацев.
Со барањето одговорност од агенцијата за обезбедување „Рубикон“ тој смета дека малициозно се префрла вината што ја имаат државните органи задолжени за превенција, надзор и контрола.
„Во текот на ова судење ќе ги неутрализираме ваквите конструкции преку непобитни докази и околности, кои јавно ќе укажат на отсуство на каква било вина кај мене или каква било таканаречена каузална поврзаност со трагичниот настан за време на чие случување јас воопшто не бев ни присутен во државата“, рече Нацев.
Неговиот бранител рече дека во постапката ќе докажат дека „Рубикон“ вечерта немал обврска да направи и да пријави план за обезбедување оти имале само тројца обезбедувачи, а законот пропишува таква обврска за настани на кои се ангажираат петмина или повеќе, па рече дека ќе докаже оти Нацев не е реален сопственик на агенцијата, туку дека кусо време бил вработен како консултант поради неговата стручност.
И бранителите на правните лица „Рубикон“ и „ММММ кафе“ ДООЕЛ во денешните завршни зборови го оспоруваат обвинението, рекоа дека не е јасно со кои конкретни дејства одгворните лица ги презеле за да бодат обвинети правните лица и најавија дека во текот на постапката ќе докажат оти нема вина кај обвинетите правни лица.
Македонија
Герасимовски: Дом за стари лица, нова градинка и зголемени субвенции за граѓаните, буџетски приоритети за Центар во 2026
Советот на Општина Центар на 3. Седница едногласно го усвои Буџетот за 2026 година. Проектираниот основен буџет на Општина Центар за наредната година изнесува 1.217.450.000 денари и претставува највисок буџет досега. Од вкупниот износ, 527.230.000 денари, односно 43 проценти, се наменети за капитални инвестиции, додека 690.220.000 денари, односно 57 проценти, се планирани за тековни оперативни расходи, известуваат од општина Центар.
Буџетот е реален и транспарентен, со фокус на реализирање на проектите зацртани во програмата за вториот мандат на градоначалникот Горан Герасимовски.
„Секој денар е насочен кон проекти што носат подобри услови за живот, поквалитетно образование, повеќе грижа за најмладите и повозрасните и уреден јавен простор. Ова е буџет со кој ги исполнуваме ветувањата дадени пред граѓаните“, рече Герасимовски.
Во делот на капиталните проекти се планирани значајни вложувања со долгорочен ефект. Општина Центар обезбеди средства за изградба на модерен дом за стари лица, со услови усогласени со европските стандарди, додека за најмладите се предвидува нова детска градинка во близина на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, со капацитет до 100 деца. Овие проекти, нотирани во програмата, се клучни за подобрување на квалитетот на животот на сите генерации во локалната самоуправа.
Во рамките на стратешките инвестиции, се планира изградба на граѓанско-административна зграда, која ќе биде симбол на отворена и достапна општина, со капацитет од 300 паркинг-места. Реализацијата на овој проект тежок 380.000.000 денари, ќе се одвива фазно, со цел да се обезбеди квалитетна и функционална инфраструктура.
Дополнително, на местото на монтажниот паркинг во Буњаковец, е предвидена изградба на нова катна гаража со капацитет од околу 250 возила, како решение за проблемот со недостиг од паркинг-места во тој дел од Центар.
Во образованието се инвестира и преку изградба на два нови базени во основните училишта „11 Октомври“ и „Димитар Миладинов“.

Како дел од капиталните вложувања, општина Центар значително го зголемува и буџетот за зеленило, на 20.000.000 денари, со цел заштита и унапредување на животната средина во урбани услови, информира Општината.
Буџетот предвидува и низа активности за уредување на јавниот простор и подобрување на инфраструктурната мрежа, меѓу кои реконструкција на улица Ленинова, од Партизанска до Градски парк, како и реконструкција на повеќе локални улици, уредување на пјацети и потегот од Зелено пазарче до улица Македонија, поставување пристапни рампи и набавка на нова урбана опрема.
Во локалниот економски развој и дигитализацијата, Буџетот за 2026 година опфаќа мерки насочени кон подобрување на квалитетот на живеење и современо управување со општината. Меѓу нив е и Смарт системот за мерење бучава, ветен во програмата за 2026 година, а реализиран уште на крајот на 2025 година. Вкупно 30 дигитални уреди се поставени на најфреквентните локации со цел континуирано следење на нивото на бучава и враќање на мирот и спокојот на граѓаните.
Наредната година ја воведуваме Центарската картичка, со која жителите ќе добиваат попуст за одредени производи и услуги, доградба на ГИС-порталот во мобилна апликација, активирање на уште една бесплатна Wi-Fi зона на Боемска, продолжување на поддршката за НЕЕТ младите и почеток на меѓународен проект финансиран од Европската комисија, во соработка со АЛДА.
Значаен раст има и во вложувањата во социјалната заштита, образованието и културата. Еднократната парична помош за новороденче во следната година се зголемува од 7.000 на 10.000 денари, а финансиската поддршка за повозрасните граѓани во социјален ризик од 2.500 на 5.000 денари.
Бесплатниот оброк е една од клучните мерките ветени во делот на образованието и поддршката на семејствата во Центар. Од септември 2026 година, сите ученици во целодневната настава ќе добиваат оброк на трошок на општината, обезбедени се средства и за бесплатни екскурзии преку проектот „Ја сакам Македонија“.
Продолжува успешниот проект на воведување училишни униформи, а се зголемува и финансирањето на обезбедувањето во училиштата. Буџетот за образование е зголемен од 51.000.000 денари во 2025 година на 72.840.000 денари во 2026 година, што покажува тенденција на понатамошен раст.
Двојно зголемен е и буџетот за култура, кој покрај средствата за веќе етаблираните проекти како „Центарска симфонија“, „Нешто што ќе остане“, „Вечер под ѕвездите“ и „Мурали и графити“, воведува и нови културни содржини како детскиот фестивал „Детелинка“, „Звукот на иднината“ и „7/8 Центарски такт“. Со овие вложувања, Општина Центар ја позиционира 2026 година како година на културен подем и континуирана поддршка на уметноста и младите.
Новата финансиска рамка е скроена во соработка со граѓаните. Општина Центар им се заблагодарува за идеите и предлозите, кои помогнаа во креирањето на проекти и буџетски решенија што одговараат на реалните потреби на жителите. Ваквата соработка е темел за развој и отчетност, нов буџет насочен кон подобрување на секојдневието и квалитетот на животот во општината, се додава во соопштението на општина Центар.

