Топ
Приведени 10 лица поради нападот на полицајци во Прилеп
ОВР Прилеп до Основното јавно обвинителство Прилеп поднесе кривична пријава против 10 лица, и тоа: Е.Е.(28), Е.И.(30), Ф.Ќ.(37), С.А.(40), Ф.Ќ.(43), С.М.(57), Ѓ.А.(21), Р.В.(30), Е.В.(29), И.В.(52) од Прилеп, поради „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“, казниво по член 383 став 3 од Кривичниот законик.
Завчера околу 20.00 часот, полициски службеници од Полициско одделение Чашка, додека вршеле службени дејствија на стариот пат Прилеп-Велес, сопреле за проверка три патнички моторни возила, без регистарски ознаки, при што едното возило избегало. Останатите две возила биле натоварени со огревни букови дрва, кои од страна на полициските службеници биле одземени.
Притоа наишла поголема група граѓани, меѓу кои и десетте пријавени лица, кои почнале агресивно да се однесуваат и игнорирајќи ги усните наредби, со тврди предмети ги искршиле стаклата од полициското службено возило. Првопријавениот со тврд предмет го нападнал полицискиот службеник Д.Ц., а потоа останатите пријавени ги нападнале неговите колеги, по што полициските службеници испукале неколку предупредувачки истрели во воздух и пријавените се повлекле. Повредениот Д.Ц. бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје, каде што му биле констатирани тешки телесни повреди, а четворица полициски службеници се со телесни повреди. Десетте пријавени лица се приведени и предадени на обвинителството, соопшти МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
Таравари поднесе тужба за клевета против Изет Меџити
Претседателот на поделената Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, преку својот адвокат, Aбидин Абдули, вчера поднесе тужба за клевета во Основниот суд Скопје 2 против градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.
Тужбата доаѓа по изјавите дадени од Меџити во телевизиска емисија на „Лајм“, каде што тој тврдел дека Таравари за време на својот мандат како министер, издал седум лиценци за фабрики за преработка на канабис.
Според соопштението, пред поднесувањето на тужбата бил даден и законски рок за јавно извинување, кој Меџити не го искористил.
Таравари категорично ги демантираше овие обвинувања, оценувајќи ги како невистинити и клеветнички. Тој претходно најави дека ќе преземе правни чекори доколку не биде упатено јавно извинување за дадените изјави.
Со поднесувањето на тужбата во Основниот суд Скопје 2, случајот сега се очекува да добие институционален тек.
Македонија
Мицкоски: Јас бев најнапаѓан човек од Артан Груби, на Прочка се креваа дронови над куќата на мојата сестра
На денешната седница за пратенички прашања претседателот на Владата, Христијан Мицкоски беше прашан за актуелната тема во јавноста со апсењето на поранешниот вицепремиер Артан Груби. Мицкоски посочи дека ја разбира вознемиреноста и револтот на јавноста, па дури и коментари од различни етнички заедници, затоа што на граѓаните, како што рече, уште им е свежо сеќавањето како во минатото власта се договарала со правосудството.
„Јас како човек бев најнапаѓаниот политичар од истото ова лице, Артан Груби. Се сеќавате на онаа фамозна реплика во еуфорија и хистерија, позната како „па-па Мицко“. Се сеќавате како на ден Прочка се креваа дронови над семејната куќа на мојата сестра и тој имот се претставуваше како мој скриен имот. Се сеќавате колку пати во јавни изјави од страна на Артан Груби и сите тие кои во тоа време беа дел од Владата предводена од СДСМ, ме напаѓаа мене лично и со ниски страсти и со лаги и со клевети и ад хоминем. Впрочем ден денес од страна на ДУИ и одредени нивни функционери, кои за жал не се тука, главниот таргет сум јас. И сега по некоја чудна логика јас како претседател на Владата излегувам и се договорам со овие кои сакаат да го видат мојот политички, а дел од нив и човечки крај. Мислам дека тука нема никаква логика“, рече премиерот Мицкоски.
Тој потсети дека првичната теза на опозицијата била дека имало договор и Груби бил пуштен, па откако бил уапсен ставот на опозицијата станал дека ДУИ го спасува Мицкоски, за да на крајот од денот кога се случила одлуката на обвинителството и судот кажале дека имало договор помеѓу Мицкоски и Груби.
„Ова беше хронологијата на сите настани и ниту еден нема никаков здрав разум. Само едно можам да заклучам – дека Фројд работи кај нив. Тоа што тие го мислат и тоа што тие го правеле, мислат дека сите ние го правиме. Мислат дека ако тие така фингирале процеси и рушеле влада на времето, преку т.н. обоена револуција, со лаги конструкции, клевети, со фингирани процеси во судството, дека и сега и ние така работиме. Не. Многу е едноставно, бегалецот е обезбеден од органите на редот. Сè понатаму е одлука на друга власт, тоа е судската власт и нема никаква врска со Владата. Но, потсвеста е чудна и сега секој од нив се преиспитува што знае ова лице“, истакна Мицкоски и дополни дека стравот на опозицијата е да не се прошири делото од Лотарија на здравство или на производството на канабис.
„Повеќе го нема Љупчо Коцевски и луѓето околу него, да бидат нивниот последен штит. Сега ќе дојде нов независен обвинител и очекуваме правдата да биде заштитена, а тие на кои совеста им работи, немирни се и тешко спијат, сега велат доаѓа крајот. Фактот е дека лицето е обезбедено и допрва почнува агонијата за поединци. Тоа треба сите да го знаат. Ќе повторам, апсолутно ги разбирам граѓаните кои што се револтирани, апсолутно го поддржувам нивниот револт и емоција, но процесот сам по себе ќе даде одговор. Времето работи на нивна штета. Има една грчка изрека, ‘Големите работи се случуваат во тишина’ и тоа ги мачи“, заклучи премиерот Мицкоски.

