Топ
Притвор за двајца осомничени за убиството во Куманово

Судот им определи притвор од 30 дена на две лица кои учествувале во вооружената престрелка во Куманово во која едно лице беше убиено, соопшти кумановското обвинителство. Од таму додаваат дека и двајцата се осомничени за убиство, а други седум лица кои учествувале во претрелката се гонат за кривично дело „насилство“.
„Двајцата осомничени се гонат за сторено кривично дело ‘убиство’. Јавниот обвинител ценеше дека за обезбедување присуство на двајцата осомничени, како и заради натамошно обезбедување на непречен тек на постапката има потреба од определување мерка притвор. Затоа до судија на претходна постапка во Основниот суд Куманово достави предлог кој со решение е прифатен од страна на судот и за двајцата осомничени е определен притвор во времетраење од 30 дена“, велат од обвинителството.
Престрелката што се случи во средата на улицата Тоде Мендол во кумановската Дива населба беше последица на нарушени меѓучовечки односи меѓу две семејства. По употреба на огнено и ладно оружје, едно лице го загуби животот, а друго се здоби со убодни рани од нож. Во престрелката учествуваа девет лица, но се преземаат дејствија за утврдување на евентуално учество и на други, засега непознати лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Шефот на дипломатијата на Трамп ќе ја води работната група за безбедносни гаранции за Украина

Американскиот државен секретар Марко Рубио ќе ја води работната група која ќе изработи предлог за безбедносни гаранции за Украина, потврди висок функционер на Белата куќа и уште еден извор запознаен со плановите за „Си-ен-ен“.
Рубио, кој во моментов ја извршува и функцијата привремен советник за национална безбедност, ќе соработува со европски советници за национална безбедност на предлог со кој би ѝ се гарантирала одбрана на Украина доколку таа се согласи на договор со Русија за завршување на војната. Прв за ова извести „Аксиос“, кој објави дека Рубио ќе ги води разговорите.
Според изворите, во следните денови ќе се одржат низа состаноци на кои ќе се разговара за можните безбедносни гаранции.
Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп ја отфрли можноста за испраќање американски сили на украинска територија како дел од мировните планови, но не ги исклучи другите форми на американска поддршка.
„Претседателот разбира дека безбедносните гаранции се клучни за обезбедување траен мир и им наложи на својот тим за национална безбедност да координира со нашите европски пријатели, како и да продолжи соработката и разговорите за овие прашања со Украина и Русија“, изјави портпаролката на Белата куќа Каролин Левит на брифинг.
Свет
Каја Калас: На Путин не може да му се верува

Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, изјави дека Европската Унија ќе продолжи да ја таргетира воената економија на Русија и дека следниот пакет санкции против Москва треба да биде готов до следниот месец, објавува The Guardian.
Зборувајќи по виртуелниот самит на Европскиот совет за војната во Украина, еден ден по вонредниот состанок на украинските и неколку европски лидери со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон, Калас нагласи дека „единството меѓу лидерите на ЕУ на денешниот виртуелен самит беше опипливо“.
Таа додаде дека ги ставила темите за безбедноста на Украина и санкциите против Русија на врвот на агендата за разговорите следната недела меѓу европските министри за надворешни работи и одбрана.
„На Путин не може да му се верува дека ќе одржи какво било ветување или обврска. Затоа, безбедносните гаранции мора да бидат доволно силни и веродостојни за да ја одвратат Русија од прегрупирање и повторно напаѓање“, напиша Калас на социјалната мрежа X.
Македонија
Поради пожарот кај Јасен, затворен за сообраќај патот Македонски Брод – Скопје

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез е околу 30 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.