Македонија
Филипче: Иван е добар, следува најважниот период од неговото закрепнување
Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, утрово во Клиниката за Државна Кардиохирургија го посети пациентот на кого му беше трансплантирано срце.
„Утрово го посетив Иван, тој е буден и се чуствува добро. Изрази огромна благодарност до семејството Диневи, докторите и целата јавност за поддршката која ја добива. По успешната операција следува најважниот период од неговото закрепнување, периодот во кој телото на Иван треба да го прифати новиот орган. Докторите максимално посветено ќе го водат низ овој процес, да им посакаме среќа на сите. Верувам дека овој историски подвиг на македонското здравство, овој највисок акт на човечност и хуманост, ќе ја подгине свеста за органодарителството и ќе имаме уште многу успешни трансплантации“, рече министерот Филипче.
Пред два дена, за првпат во Северна Македонија се изведе трансплантација на срце. Со овој голем исчекор се испиша историја во македонското здравство, во македонската кардиохирургија.
Органодарителството е највисокиот чин на човекољубие и на алтруизам. По дијагностицирањето на мозочната смрт, семејството се согласи да ги донира срцето и бубрезите од починатата пациентка и се даде шанса за втор живот на тројца пациенти.
Оваа комплексна операција, која за првпат се изведе докажа дека здравјето на граѓаните е на прво место, и етиката и хипократовата заклетва ги надминуваат сите разлики.
На трансплантацијата работеа стручен и врвен тим на кардиохирурзи под водство на Проф. д-р. Сашко Јовев од Државната кардиохирургија, акад. д-р. Жан Митрев од „Клиника Жан Митрев“, Проф. д-р. Александар Николиќ од болницата „Аџибадем Систина“ и Националната Координаторка за трансплантација д-р. Маја Мојсова од Универзитетска Клиника за Анестезија, Реанимација и Интензивно лекување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бојмацалиев: 27 милиони денари вложени во објектот на ЕВР Гази Баба
Денеска, дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, оствари работна средба со раководството на Единицата за внатрешни работи Гази Баба, каде што беше брифиран за активностите и изготвените планови од СВР Скопје, а по кои постапуваат полициските службеници од оваа организациска единица, во насока на гарантирање на безбедноста на училиштата, јавниот превоз, сузбивање мигранти, обезбедување спортски натпревари, итн.
„Во делокругот на кривичните дела на подрачје на ЕВР Гази Баба случени се 248 кривични дела кои се гонат по службена должност, каде за истите се сочинети 40 кривични пријави против 61 сторител и расчистени се 43 кривични дела”, информираше Бојмацалиев. Притоа, тој истакна дека вработените во ЕВР Гази Баба имаат драстично подобрени работни услови преку реконструираниот објект во вредност од 27 милиони денари.
„Кога станува збор за ЕВР Гази Баба целиот објект е квалитетно решен и просторниот проблем на Отсекот за оружје, експлозивни и опасни материи-Скопје при Одделот за граѓански работи, но и на Единицата за недозволена трговија со дрога и оружје, унапредувајќи го квалитативното ниво на работа на овие организациони единици кои се од исклучителна важност”, рече Бојмацалиев.
Во оваа прилика Бојмацалиев ги посети и раководителите на организациските единици во рамки на СВР Скопје кои во моментот во ЕВР Гази Баба слушаат обука „Улогата на полицијата за време на изборите 2024”, во насока на гарарантирање на безбеден и мирен изборен процес.
„Уверен сум дека колегите на обуката ќе ги утврдат веќе стекнатите знаења кои ги демонстрирале и во претходните изборни циклуси. Можам да кажам дека МВР е целосно подготвено за спроведување на фер, слободни и демократски избори по европски терк”, рече Бојмацалиев.
Македонија
Демири и Баланс МК разговараа за зголемување на опфатот на пациенти со инсулинска пумпа и сензори за мерење на гликемијата
Министерот за здравство д-р Илир Демири вчера оствари средба со претставници на Асоцијацијата за детски дијабетес Баланс МК. На средбата, разговараа за зголемување на опфатот на пациенти со инсулинска пумпа и сензори за континуирано мерење на гликемија.
„Министерството за здравство и Баланс МК имаат успешна соработка која продолжува и во следниот период со цел подобрување на квалитетот на живот на пациентите со дијабетес во земјава“, вели Демири.
Минатата година за првпат се набавија 650 сензори за безболно мерење гликемија во крвата кај деца и млади до 18 години со дијабет тип 1, бремени жени со дијабет тип 1 и слепи лица.
Македонија
ЛДП отвора нов штаб во Центар
Либерално демократската партија денеска ќе отвори нов штаб во центарот на Скопје, каде граѓаните ќе добијат можност да ја разгледаат програмата на партијата за претстојните избори, како и да споделат свои идеи врз основа на кои ќе се креираат политики со цел подобрување на социо-економската состојба во државата.
„Со години наназад докажуваме колку сме посветени да ја оствариме волјата на народот, неуморно го трасираме патот на земјата кон Европската унија и креираме политики со кои го подобруваме животот на граѓаните и ја унапредуваме државата на секое поле и токму во таа насока е отворањето на новиот штаб каде луѓето ќе можат да ги слушнат нашите планови за идното дејствување, да остварат личен контакт со членовите на партијата и да дадат свои предлози и сугестии врз основа на кои ќе ги создаваме идните политики“, посочија од ЛДП.
Оттаму наведоа дека се навистина среќни што имаат уште еден простор, што ќе преставува централно место, од каде што ќе се шират политиките што ги креира партијата.
„Водејќи се од нашето мото „Секој е важен“, упатуваме отворена покана до сите граѓаните до го посетат штабот и лично со нас да зборуваат за предизвиците со кои се соочуваат за заеднички да правиме суштински промени кои ќе ја водат државата напред“, истакнаа од ЛДП.
Од партијата наведоа дека очекуваат голема поддршка од граѓаните на претстојните избори, бидејќи нивните заложби се во вистинска насока.
„Секојдневно сме меѓу граѓаните, ги слушаме нивните мислења, бидејќи навистина ни значи да создаваме политики со кои ќе го подобриме животот во Македонија и ќе ги надминеме сите предизвици на патот кон ЕУ, за да станеме дел од Унијата, а со тоа, последователно, да ја унапредиме државата на секое поле“, наведоа од ЛДП.
Од партијата посочија дека вратите на новиот штаб се отворени за сите граѓани. Штабот е лоциран на улица „Ленинова“, спроти кафе-барот „Локал 45“.