Топ
Црквата загрижена, бара МВР да ги истражи сатанистичките симболи во Драчево

Отец Оливер Петровски, од хуманитарната организација на скопската православна епархија при М.П.Ц- ОА „Свети Спас”, е загрижен поради случајот со сатанистички симболи во Драчево и бара надлежните да се вклучат во негово расветлување.
„Пред извесно време во нашиот град беа осквернети неколку цркви со сатанистички графити. Нашата хуманитарна организација, благодарение на братот Ивица, веднаш излезе на местото на настанот и ги санираше осквернетите храмови. Тогаш, се надевав дека тоа е дело на деца кои воопшто и не знаат што означуваат графитите што ги цртаат. Но… денес во нашата населба Драчево беше ритуално масакрирано маче. Беа испишани латински зборови со кои се велича нечестивиот и пентаграм. За жал, веќе не мислам дека се работи за деца кои не знаат што прават. Мислам, а се надевам дека грешам, дека ова е дело на некоја група и затоа бараме од надлежните служби сериозно да го разгледаат и расчистат овој случај во најбрз можен рок.Наши членови и волонтери денес беа на местото на настанот и се потрудија да ги снема овие сатанистички графити и искрено се надевам дека повеќе нема да ги видиме”, пишува тој на социјалната мрежа Фејсбук.
Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ вчера објави фотографии на социјалните мрежи од распарчено маче и сатанистички пораки напишани на улица во Драчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Не помина предлогот на СДСМ за намалување на ДДВ-то на струјата и храната

Наместо да донесат одлука што директно ќе го олесни товарот врз семејните буџети, пратениците од владејачката коалиција одбија да ги поддржат измените и дополнувањата на Законот за ДДВ, со кои предложивме намалување на ДДВ-то за електричната енергија од 18 на 5 отсто и укинување на ДДВ-то за основните прехранбени производи, објави пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи.
Како што рече, во време кога цените на храната растат без контрола, кога електричната енергија стана најскапа во регионот, кога граѓаните се принудени да живеат во постојана неизвесност за наредниот месец, мнозинството ги отфрли конкретните мерки, што веднаш ќе значеа помали сметки за струја и поевтина храна.
Предлогот предвидуваше намалување на ДДВ-то за струјата, што, како што велат предлагачите, ќе значеше 13 отсто пониски сметки за над 600 илјади домаќинства. За сметка од 3.000 денари, граѓаните ќе заштедеа 400 денари месечно, а за повисоките сметки, заштедата ќе беше уште поголема.
Истото тоа важи и за основните прехранбени производи. Намалувањето на ДДВ на нула проценти ќе значеше директно поевтинување на храната, односно над 3.000 производи ќе беа поевтини, меѓу кои лебот, брашното, млекото, јајцата, маслото, шеќерот и сите други основни продукти што секојдневно ги купуваат граѓаните, рече Битиќи.
Најави дека СДСМ ќе продолжи политички да се бори за системски решенија за замрзнување на цените на основните производи, за фиксни маржи што ќе спречат злоупотреби, за итна примена на Законот за нефер трговските практики, за поевтин зелен картон и за зголемување на платите преку замрзнување на придонесите.
Економија
Битиќи: Граѓаните тонат во сиромаштија, пратениците да го прифатат предлогот на СДСМ за намалување на ДДВ на струјата и храната

Пратениците на СДСМ го поднесоа предлог-законот за намалување на ДДВ-то за струјата и за основните прехранбени продукти и бараат поддршка тој да се прифати со што ќе се намали ДДВ-то за електричната енергија од 18 на 5 отсто, како и за основните прехранбени производи од 5 на нула проценти. Со ова ќе им се помогне на граѓаните, а секое одложување и неприфаќање значи финансиски товар врз семејствата, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната собраниска седница.
Тој потенцира дека намалувањата на ДДВ за струјата и за основните прехранбени производи се системски одговор на скапотијата, која со секој изминат ден станува сè потешка. Според последните податоци, граѓаните во Македонија плаќаат најскапа струја во регионот со просечна цена од 6,08 денари за киловат-час, а зголемена е и потрошувачката кошница која во февруари достигна 63.773 денари, што е зголемување од 521 денар за само еден месец.
„Индексот на трошоците на живот во јануари е 4,9 % повисок во споредба со истиот месец лани, а индексот на цените на мало бележи раст од 5,2 %. Ова е реалност што граѓаните ја чувствуваат при секое одење во маркет, при секоја платена сметка за струја. Затоа замрзнувањето на цените на нивото од 1 февруари не е целосно решение затоа што цените се зголемија, па се одлучи да се замрзнат. За тоа што се случува во реалниот живот, зборува вредноста на потрошувачката кошница, која во февруари достигна 63.773 денари, што е зголемување од 521 денар за само еден месец. Денес, за да се задоволат основните потреби, едно семејство треба да издвои 2,9 минимални плати, што е јасен показател дека просечниот граѓанин едвај врзува крај со крај“, рече Битиќи.
Намалувањето на ДДВ-то за електричната енергија, потенцира Битиќи, ќе значи конкретно финансиско олеснување за над 600 илјади домаќинства, кои во јануари мораа да платат од 20 до 30 % повисоки сметки за струја. Владата во делот на енергетиката потфрли.
„Податоците се поразителни. Во ноември официјално планираниот увоз на струја од соседните земји беше 0 GWh, но реалноста беше поинаква – увезени беа 351,3 GWh. Ова се случи и во декември – повторно планиран увоз од 0 GWh, а фактички беа увезени 425,7 GWh. Граѓаните се изложени на милоста и немилоста на увозните цени на струјата. Затоа и сметките растат. Поради што и овие измени и дополнување се неопходни. Со нивното усвојување, за сметка од 3.000 денари за струја, граѓаните ќе заштедат околу 400 денари месечно, а за сметка од 5.000 денари, заштедата ќе изнесува околу 700 денари“, рече Битиќи.
Со предлогот за укинување на ДДВ-то за основните прехранбени производи најголема корист ќе имаат домаќинствата со ниски примања, кои трошат најголем дел од своите приходи на храна. Наместо несоодветни и половични мерки, како што е замрзнувањето на маржите само на 102 групи на производи, вели Битиќи, ова решение ќе ги опфати сите 238 групи на производи. Ќе имаме поевтинување на над 3.000 основни прехранбени продукти – леб, брашно, млеко, јајца, шеќер, масло и многу други. Предложените измени и дополнувања на Законот за данокот на додадената вредност не се за СДСМ, не се за власта, не се за опозицијата – тие се за граѓаните. Нивното усвојување ќе значи пониски сметки за струја, поевтина храна и помала инфлација“, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи.
Македонија
Ако маркетите ги објавуваат цените на сите производи на интернет, купувачите ќе бидат заштитени oд скриени трошоци, рече Стојаноски

Mаркетите да ги објвуваат сите цени на веб-страниците со цел подобра информираност на потрошувачот и олеснување на споредливоста на цените, предвидуваат измените на Законот за заштита на потрошувачите, кој е поднесен од парламентарното мнозинство.
Бојан Стојаноски, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, изјави дека на денешната седница во понатамошна парламентарна постапка ќе помине законот со кој се уредува обврската за трговецот да ги означува и да ги објавува стоките со продажната и единечната цена за стоките на недвосмислен, видлив и читлив начин, а со цел подобра информираност на потрошувачот и за олеснување на споредливоста на цените.
„Големите, средните и малите трговци, кои вршат дејност на трговија на мало, со шифра 47, во согласност со националната класификација на дејности, се должни на својата веб-страница да ја објават одделно за секој свој продажен објект тековната продажна, односно единечната цена во моментот на објавување на секоја стока што ја нудат за продажба. Усогласување на цените ќе се врши на дневна основа, а при објавувањето на цените, ќе се применуваат одредбите од овој закон за означување на цените“, рече Стојаноски.
Исто така, како што додаде, со овој закон се дава овластување за министерот за економија и труд да го пропише со подзаконски акт начинот на објавувањето на цените на стоките и податоците што треба да се објават во согласност со став 1 од овој член.
„На ваков начин ќе се обезбеди основа за подобра информираност на потрошувачите за цените на стоките што сакаат да ги купат и ќе се олесни споредливоста на цените. Исто така, им даваме и овластување на инспекторите да постапуваат на терен и да казнуваат доколку овој основ не биде застапен во маркетите“, рече Стојаноски.
Образложи дека одредбите од член 15 од овој закон нема да се однесуваат за микротрговец и трговец поединец, па во оваа насока се врши допрецизирање на прекршочните одредби. Со објавувањето на цените на интернет ќе се обезбеди постигнување на следниве цели: Првата е транспарентност. Потрошувачите ќе имаат лесен пристап до информациите за цените; Втората е фер конкуренција. Трговците ќе бидат еднакво обврзани да ги почитуваат овие одредби; И, третата, заштита на потрошувачите. Тие ќе бидат заштитени од нефер практики, како што се скриените трошоци или нејасните цени.
Овој закон досега успешно е имплементиран во Израел, Италија, Франција и во Хрватска и секаде има намалување на цените, рече Стојаноски.
Додаде дека на ваков начин се дозволува потоа по основ на овој закон и на објавените цени да се креираат апликации и алатки на интернет, каде што граѓаните ќе може директно да ги споредуваат цените и да одлучуваат во кој маркет ќе може да добијат најмногу за своите пари.