Македонија
ЦУК: Активни се пет пожари, во текот на вчерашниот ден изгаснати 44
Центарот за управување со кризи извести дека вчера биле изгаснати 44 пожари, а активни се пет пожари.
Како што известува ЦУК, сè уште гори во општина Долнени, село Зрзе – еден крак село Рилево, а втор крак село Сливје, каде што горат сува трева и деградирана шума; село Кошино, каде што горат ниска вегетација и деградирана шума; село Костинци кон село Зрзе, таму гори сува трева; пожар има и во општина Куманово, село Бељаковце, каде што се запалени сува трева и ниска шума, и во општина Гостивар, село Долна Ѓоновица, каде што горат дабова шума, ниска шума, ливади и грмушки.
Изгаснати се пожарите на 44 места, и тоа:
– општина Илинден, 1: атар на населбата Илинден кон с. Арачиново (трска);
– општина Арачиново, 1: с. Арачиново (ѓубре, трска и сува трева);
– општина Кисела Вода, 1: булевар Борис Трајковски (ѓубре, тополи и сува трева);
– општина Гази Баба, 1: улица Перо Наков (ѓубре, бандери и дрвена ограда);
– општина Студеничани, 3: с. Моране (стрниште и сува трева), с. Љубош (сува трева и шупа) и с. Батинци (ѓубре);
– општина Карпош, 1: с. Бардовци (ѓубре и сува трева);
– општина Сарај, 2: с. Рашче (сува трева), с. Семениште (сува трева);
– општина Бутел, 1: с. Горно Оризари (сува трева и ѓубре);
– општина Аеродром, 3: на улица Божин Николов (ѓубре), с. Лисиче (сува трева), на улица Тодор Чангов (сува трева);
– општина Битола, 3: кај бензинската пумпа „Пелагонија петрол“ (сува трева), с. Брод, местото Ергела (сува трева); кај германските гробишта (ѓубре);
– општина Прилеп, 10: во четири одделни интервенции кај касарната во Прилеп (сува трева), с. Алинци (стрништа), кај фабрика „11 Октомври“ (сува трева) и во два наврата кај с. Тополчани (стрништа); под Маркови Кули (сува трева); с. Житоше (сено);
– општина Долнени, 4: с. Дебреште (стрниште), с. Ропотово (стрништа); с. Стровија (сува трева и шума); с. Бело Поле (стрниште);
– општина Василево, 1: с. Пиперево (сува трева и трска);
– општина Струга, 5: кај училиштето „Јахја Кемал“ (сува трева), с. Ливада (дива депонија), кај Калишки пат (сува трева), с. Велешта (сува трева) и кај селата Подгорци и Вевчани (стрниште и сува трева);
– општина Кичево, 1: с. Туин (сува трева и грмушки);
– општина Дебар, 1: кај Дебарско Езеро (сува трева);
– општина Македонски Брод, 1: с. Грешница, местото наречено Попов Камен (смрека и лисната постелка);
– општина Велес, 3: градска депонија (ѓубре), с. Отовица (ѓубре); с. Иванковци (стрниште);
– општина Тетово, 1: с. Долна Лешница (сува трева).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Аманет да си го браниме јазикот од сите напади, денес ги има повеќе од било кога
Значајни за Македонија, но и за останатите словенски народи, Кирил и Методиј, основоположниците на словенската писменост имале единствена мисија: да создадат писмо за својот јазик, да шират просвета, „за слепи да прогледаат и глуви да чујат“.
Беа на страната на послабите и обесправените, во одбрана на оние кои немаа писмо и книги на свој јазик, создавајќи им слово, преведувајќи книги од грчки на словенски.
Се бореа со мудра мисла и со моќта на ЗБОРОТ. Правично, правдоборно и со факти, истакнуваат од Левица по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители.
„Користејќи го говорот на македонските Словени од околината на Солун, Кирил ја создава првата словенска азбука – глаголицата.
Нивната мисија нема само просветителска кауза, туку и политичко-културолошка, општествено-дипломатска, а меѓу другото, и во смисла на декомпонирање на јазично-теолошкиот систем на тогашното германско свештенство.
Солунските браќа се бореа и против тријазичноста:
„Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така еднакво за сите? Зарем не дишеме воздух сите еднакво? Па тогаш, како не се срамите да признаете само три јазика, а за сите други народи сакате да бидат слепи и глуви?“
Кирил Филозоф своевремено ги бранеше јазикот и писмото пред многу векови. Денешните наши тенденции се да ги поттикнуваме граѓаните на критичко мислење, а особено младите. Кирил Филозоф нека биде пример пред сите нив и пред сите нас за одбрана, конструктивност и правдоборност!
Кирил и Методиј создадоа азбука, преведуваа, просветуваа. Проблемот го решија трајно, но оставија аманет.
Аманет за да си ги браниме јазикот, азбуката и просветата од сите внатрешни и надворешни напади.
Денес напади има повеќе од било кога! Но денес имаме и аргументи за одбрана повеќе од било кога.
Да се продолжи достојно влогот на Кирил и Методиј“, порачуваат од Левица.
Македонија
Мицкоски: Горди сме на делото на светите браќа Кирил и Методиј – нивната дејност темелена на македонскиот јазичен извор ги спаси Словените од одродување
Светите Кирил и Методиј со своето дело ја задолжија не само сесловенската, туку и европската и светската култура и на тој начин со златни букви се запишаа во историјата и националната меморија на целиот словенски род, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, по повод Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј,
„Нивната посветеност е пример дека ниедна цел не може да остане недостижна, доколку силно се вложиш и макотрпно работиш. Со својата просветителска работа, преведувањето на мноштво книги на старословенски, но пред се создавањето на глаголицата како словенска азбука, тие станаа факелот кој го осветли патот на милиони Словени и на тој начин ги спаси од асимилацијата која тријазичната ерес сакаше да им ја наметне.
Нашата гордост како Македонци е дотолку поголема, што нивниот темел на старословенскиот јазик како основа на нивната дејност, беше говорот на македонските Словени од околината на Солун. Македонскиот јазичен извор ја напои жедта на целиот словенски род и на тој начин ги спаси од одродување.
Нам, како генерација ни преостанува да го чуваме нивното дело и да бидеме горди на нивната работа која повеќе од еден милениум живее како тука во Македонија, така и речиси во половина Европа.
Македонија
Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска учествува на 19. Конгрес на Конференција на европски уставни судови во Молдавија
Претседателката на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Добрила Кацарска, учествуваше на 19. Конгрес на Конференцијата на европските уставни судови (CECC) кој оваа година се одржа во Кишињев, Република Молдавија.
Во рамките на Конгресот, се одржаа три пленарни сесии со фокус на односот помеѓу уставните и меѓународните судови, политиката и правото во корелација со надлежностите на уставните судови и примената на уставните принципи во вонредни ситуации кога се ограничуваат слободите и правата.
Кацарска, имаше активно учество и на состанокот на претседателите на уставните судови – членки, каде, беа разгледани и беше одлучено за повеќе прашања од значење за функционирањето на оваа асоцијација.
Во текот на овој конгрес се одлучи Уставниот суд на Албанија да претседава со оваа асоцијација и да го организира следниот конгрес на Конференцијата на европските уставни судови, кој треба да се одржи за три години.
На Конгресот се обратија и претседателката на Република Молдавија, Маја Санду, претседателката на Европскиот суд за човекови права Сифора О’лири претседателката на Венцијанската комисија Клер Бази Малори.
На дводневниот 19 Конгрес на Конференцијата на европски уставни судови којшто се одржа од 22-23 мај 2024 година учествуваа членови и делегации од над 35 уставни судови.