Топ
Шестмина повредени, меѓу кои и четиригодишно дете, на патот Штип – Скопје
Синоќа во 20:45 часот било пријавено дека на автопатот Штип – Скопје, по клучката „Преод“, се случила сообраќајна незгода помеѓу возило „хонда сивик“ со скопски регистарски ознаки, управувано од И.И.(46) од Скопје и „хонда џез“ со скопски регистарски ознаки, управувана од Г.Ј.(34) од Скопје.
Во несреќата со тешки повреди се здобиле сопатниците од возилото „хонда џез“, М.Ј.(32) и четиригодишно дете, а со телесни повреди се здобил возачот Г.Ј., констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Со телесни повреди се здобиле и возачот И.И. и сопатниците В.И. и З.А. констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Мециновиќ до гласачите на СДСМ: Браната е пукната и ние сме вашата опција, затоа што Левица е опозицијата на ВМРО-ДПМНЕ
Во изминатите два месеци постигнавме нешто што не можевме да го замислиме. Во создавањето на ова движење, во овие 60 илјади луѓе кои се одважија да ја изберат нашата опција го имаме огледалото за иднината на Скопје, кажа кандидатот за градоначалник на Скопје од Левица, Амар Мециновиќ.
„Во следните две и пол години само дополнително ќе се мобилизира, на парламентарните избори Левица ќе претендира да биде прва партија во Скопје“, кажа Мециновиќ.
Тој се заблагодари на сите гласачи на Левица.
„Тие ни ја даваат енергијата која ја имаме за да се спротивставиме на оваа ламја режимска“, кажа Мециновиќ.
Тој исто така им се заблагодари и на сите неопределени кои излегле да гласаат и им порача дека навистина не е залудно.
„Со ова покажавме дека иднината во Македонија е навистина посветла. Ние сме разбудени и се повеќе и повеќе ќе го чувствуваат одговор. Сакам да им се заблагодарам и на гласачите на СДС. Сметам дека браната е пукната и ние сме вашата опција. Ве повикувам да останете зад контингентот на Левица, затоа што Левица е опозицијата на ВМРО-ДПМНЕ“, додаде Мециновиќ.
По оваа изборна трка, тој им порача на сите 60 илјади луѓе кои го дале гласот за него, дека ќе биде нивниот глас во парламентот, а ВМРО-ДПМНЕ ќе добие уште пожестока борба.
Македонија
(Видео) Фатмир Дехари падна од народот кој се обедини против раскалашеноста и недомаќинското работење, рече Мицкоски за победата во Кичево
Премиерот и лидер на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва многу порано отколку во првиот круг прогласи голема победа на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата. Рече дека ако некој се сомневал, народот покажал дека „Македонија повторно е твоја“.
„Победивме во Скопје. Убедлива победа на Орце. Победивме во скопски Карпош. Победа и во Аеродром и во Чучер Сандево. Беше жилава тешка борба со многу предизвици. Се одлучуваше во пет до 12, знаете дека не заслужува ни името да му го спомнам тој противкандидат се обиде да профитира на името на националните поделби, на етничките поделби. Не успеа. Поразен е. Брвеница останува Јоцо градоначалник. Победивме и во Валандово, Дојран и Крушево кои што досега имаа градоначалници од СДСМ. Победивме и во Кочани. Нашето Кочани кое мораме да го издигнеме и поткрепиме. Имаме победа и во Лозово, Могила, Македонски Брод, Росоман, Ранковце, Неготино, Чешиново Облешево, Виница, Дебарца, Кочне, Демир Капија, Пробиштип. Во неколку други се пребројуваат гласовите“, рече вечерва Мицкоски.
Посебно внимание во победничкиот говор тој посвети на Кичево.
„Морам да признам и да соопштам една посебно силна порака. Таа е од нашето Кичево. Падна Фатмир Дехари. Падна од народот кој се обедини против раскалашеноста, недомаќинското работење и се докажа дека никој не е посилен од народот. Но, покажавме и што можеме кога сме обединети. Таму соработувавме различни вери различни припадности, против оние кои го влечеа градот надолу. Ова ја отвора вратата дека можеме да се обединиме Македонци Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и останати, христијани и муслимани, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и другите околу вредностите и во онаа политика која што им е потребна на граѓаните“, рече Мицкоски.
За него победата во Кичево е показател дека народот е поголем од политиката и вербата во подобро утре е посилна од секој страв. Најави дека во следниот период Кичево мора да биде во владиниот фокус.
„Помина и времето на локални шерифи кои градеа кариера преку малверзации, ситни манипулации, со децении се шалтаа од еден во друг ќош, само за политички да преживеат. Тоа време вечерва завршува и во скопски Карпош. Тоа е порака до сите оние кои со нечесни подземни игри мислеа дека ќе го излажат народот. Епа, вистината им се распрсна пред очи. Бомбата која ја спремаа за други им прсна во рака“, рече Мицкоски.
Овој резултат Мицкоски смета дека е силна порака за СДСМ и нагласи дека не е среќен поради нивниот дебакл, но ваквиот резултат смета дека е одраз на тоа пто партијата не се реформирала и не атила чекор со времето.
Изборите Мицкоски смета дека се голема порака и за ВМРО – ДПМНЕ.
„Овие избори се порака и до нас, да не се забегува во победата туку да се носиме со одговорноста дадена од граѓаните и да ја оправдаме. Да се менуваме и подобруваме. И таа порака е разбрана. Обврска да продолжиме уште посилно и да не се опуштиме ниту еден ден и да ја претвориме надежта во конкретни резултати“, рече Мицкоски.
Им се заблагодари на сите што им дале поддршка, на сите што гласале различно им порача дека ја почитува нивната одлука, а оние кои не излегоа на гласање им кажа дека ја слушнал и нивната тишина и нема да ги убедува со зборови туку со дела.
Најави дека вечерва ќе слави со народот во Брвеница и Кичево, а за неколку часа ќе тргне за Брисел оти од утре „мора да се продолжи со уште поголема одговорност“.
Македонија
Орце Ѓорѓиевски: Скопје е ослободено!
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ја слави победата на денешните избори. Тој вели дека вечерва не победил само тој, туку дека победило Скопје.
„Скопје е ослободено!
Вечерва, не победив само јас.
Победивте вие. Скопје победи!
Победи идејата дека овој град може да стане место на достоинство, ред и иднина.
Победи народот кој реши да се спротивстави на неправдата, нашиот горд народ кој никогаш не се откажува!
Вечерва ја славиме победата на духот над безнадежноста,
на храброста, на народот над оние што го потценуваа, кој сега ги пративме во историјата.
Но вечерва, исто така, нашата борба не завршува тука. Само што почнува.
Влегуваме во ново време, време на работа и на дела, не на изговори.
Ние нема да застанеме додека секој човек не се чувствува горд што живее во своето Скопје.
Секоја улица, секој плоштад, секој дом во овој град бара работа, ред и правда.
И токму тоа ќе му го дадеме.
Ќе се борам. Ќе се бориме. Секој ден, со сета сила.
Ќе се борам против небрежноста, против хаосот, безредието и рамнодушноста која му ја оставија на овој град.
Ќе се борам за секое дете што заслужува подобра иднина, за секој човек што бара достоинство.
Им благодарам на сите кои стоеја со мене – моето семејство на кое многу му должам, мојот тим и сите вие!
Најмногу благодарам на Премиерот Hristijan Mickoski, мојот најсилен столб!
Ви се поклонувам!
И ќе завршам со една моќна мисла на големиот Винстон Черчил:
,,Историјата ќе биде наклонета кон мене, затоа што јас имам намера да ја напишам”
Да живее Скопје!
Да живее идејата дека најдоброто допрва доаѓа!“, објави Ѓорѓиевски на „Фејсбук“.

