Топ
Осомничен за убиството во Старата чаршија уапсен на Косово, почнува постапка за екстрадиција
Обвинителството донесе Наредба за спроведување истражна постапка против турски државјанин за кого постои основано сомнение дека е извршител на кривично дело – Убиство од член 123, како и едно кривично дело Убиство во обид односно согласно член 123 во врска со член 19 од Кривичниот законик.
Во новогодишната ноќ, во кафе бар во Старата скопска чаршија, осомничениот 25-годишник со престојувалиште во Тетово започнал расправија со двајца други турски државјани на возраст од 22 и 23 години, од кои едниот со престојувалиште во Скопје, а другиот жител на германскиот град Есен.
По расправијата, двајцата оштетени со други лица заминале кон плоштадот, меѓутоа бидејќи не успеале да најдат такси повторно се вратиле кон чаршијата и поминале во близина на истиот кафе бар. При повторна средба со осомничениот, расправијата продолжила, а тој извадил нож со кој му нанел четири удари во градниот кош и срцето на оштетениот Ахмет Мерт Доган, кој починал на лице место. Со еден удар му нанел телесна повреда – убодна рана во грбот и на другиот оштетен, со намера и него да го лиши од живот, по што побегнал од местото на настанот.
Во текот на вчерашниот ден беа преземени повеќе дејствија за обезбедување докази, беше наредена обдукција на починатиот, беа подигнати траги за вештачење, беа извршени разговори со повеќе лица, а беа обезбедени и снимки од видео надзор преку кои беше извршена идентификација на осомничениот.
Со дејствија на потрага истражните органи добија сознанија дека осомничениот се наоѓа во Косово, каде е лишен од слобода од косовските органи, така што јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор во отсуство врз основа на кој веднаш ќе биде иницирана постапка за екстрадиција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
До 1 милион евра помош од државата ќе добијат компании за истражување и развој, а 4.400 евра годишно по лице ќе добиваат компаниите со нови вработувања
За да ја намали невработеноста за 20 %, колку што бара од нас Европската Унија, Владата од овој месец нуди поддршка за компаниите со нови вработувања и за компаниите со истражувања и развој. Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, поддршката од државата за компаниите заедно со измените на законите кои дозволуваат сезонски вработувања на невработени вработени, студенти и пензионери без да ги изгубат стекнатите права, очекува значително да се намали невработеноста во земјава.
„Од први јануари 2026 година почнува да се применува и Законот за финансиска поддршка на инвестициите кој претставува силен инструмент за поттикнување на економскиот раст, зголемување на конкурентноста и отворање на нови, квалитетни работни места. Со овој закон државата обезбедува финансиска поддршка за компании кои инвестираат, остваруваат раст на приходите и ја задржуваат стабилноста на вработувањето. Поддршката е насочена кон нови вработувања со повисоки плати при што компаниите може да добијат до 20% од исплатената нето плата односно до 4.400 евра годишно по лице како и значителна поддршка за истражување и развој до 50% од оправданите трошоци и максимален износ до еден милион евра“, рече министерот Дурмиши.
Поддршката од државата, според министерот, е охрабрување за трансформација на економијата кон поголема продуктивност и додадена вредност, а комбинацијата од двата закона вели дека е начин за сузбивање на сивата економија како и активна финансиска поддршка на формалната економија.
„Тоа е јасен сигнал дека државата создава стабилна, предвидлива и фер деловна клима со повеќе формални работни места за работниците и силна поддршка за компаниите кои инвестираат и придонесуваат за растот на нашата економија“, рече министерот Дурмиши.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2024 година во земјава имало околу 694 илјади вработени, од кои приближно 85 илјади биле неформално ангажирани. Со олеснувањето за работно ангажирање сезонски работници министерот Дурмиши очекува 12.000 сезонски работници во земјоделството да бидат регистрирани за работата и околу 5400 непријавени работници во туризмот, угостителството и услугите. Очекувањата се вкупно 17.400 лица да бидат опфатени со измените кои според министерот носат корист и за работниците и за работодавачите. „Работодавачите добиваат флексибилност и поедноставна административна постапка, а работниците добиваат исплата по час, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда на работа или професионално заболување како и јасна правна заштита на нивните права. На овој начин воспоставуваме поправедни и потранспарентни услови на пазарот на трудот“, рече министерот Дурмиши.
Во првата фаза за сезонските работници се опфатени дејностите каде што анализите покажале дека сивата економија е најизразена – земјоделството, шумарството, рибарството, објектите за сместување, сервисните дејности за храна и дејностите во домаќинството.
Топ
МВР со детали за смрта на двегодишното дете: Пред полноќ со мајката гледале огномет, па забележала крв на главата
МВР објави детали за трагедијата на новогодишната ноќ, по што загина двегодишно дете во Скопје.
Според информациите од полицијата, на 1 јануари во 00:58 од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека кај нив во многу тешка состојба и со стран предмет во глава е донесено двегодишно дете од Скопје. Полициски службеници излегле на местото и извршиле службен разговор со мајката Г.Д.(21), која појаснила дека на 31.12.2025 пред полноќ излегла пред дворот од куќата на подрачјето на Гази Баба со детето и гледајќи огномет слушнала звук, по што забележала крв од главата на детето.
Во полициска станица е извршен службен разговор и со таткото на детето М.А.(26). Во 01:58 часот на 02.01.2026 детето починало, а лекар констатирал смрт.
По наредба на јавен обвинител, телото на детето е дадено на обдукција и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Кочани по трагедијата во Швајцарија: „Со вас сме, не како набљудувачи, туку како родители што ја носат истата рана“
Родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани упатија јавно сочувство до семејствата на жртвите во пожарот во швајцарски бар, наведувајќи дека веста за трагедијата повторно ја разбудила болката што никогаш не заминала.
„Веста нè врати таму каде што болката никогаш не замина — во моментот кога животот засекогаш се подели на ‘пред’ и ‘по’. Ние, семејствата на починатите во пожарот во ‘Пулс’ – Кочани, знаеме што значи ненадејно да ти се урне светот“, наведуваат тие.
Во пораката истакнуваат дека ја познаваат болката кога ќе остане столче, тишината што зборува погласно од зборовите и тежината на секој здив.
„Нашите мисли, молитви и срца се со семејствата на загинатите, со повредените и со сите кои ја носат оваа незамислива болка. Од срце сме со вас — не како набљудувачи, туку како луѓе кои ја носат истата рана“, порачуваат тие.
Пораката е објавена на Фејсбук, со апел дека во вакви моменти најважни се човечноста, солидарноста и подадената рака, како потсетник дека никој не треба да биде сам во болката.

