Uncategorized
„Не потценувај го заморот – вози одморен!“

Покрај брзото возење и алкохолот, заморот е една од главните причини за предизвикување сообраќајни незгоди во летниот период. Особено критична е делницата од граничниот премин Табановце до Гевгелија и обратно, каде што секоја година се случуваат по неколку сообраќајни незгоди со тешки последици.
Една од причините за ваквата состојба е токму фактот што станува збор за европски коридор по кој поминуваат голем број возила и возачи кои по долги часови патување, како последица на заморот губат концентрација и внимание, неретко и заспиваат позади управувачот и како последица на тоа предизвикуваат сообраќајни незгоди со страшни последици.
Имајќи ја предвид ваквата состојба, МВР и РСБСП во текот на летниот период, во двата правци на коридорот 10, ќе организираат превентивно едукативни активности под мотото „Вози одморен“.
Целта на кампањата „Вози одморен“ е да се потсетат возачите за влијанието на заморот, за последиците од сообраќајните незгоди предизвикани од заморот и да се поттикнат да прават повеќе паузи, да консумираат повеќе течности, да патуваат одморени и наспиени и да го запрат своето возило веднаш штом ги почувствуваат првите знаци на замор.
Согласно наведеното МВР во соработка со РСБСП продолжува со едукативни, сообраќајно превентивни активности, но и со засилени контроли од страна на сообраќајната полиција.
„Сакам да потсетам само на податокот дека на територијата на целата држава во текот на јули минатата година 17 лица беа жртви на сообраќајни незгоди, додека, пак, во минатиот август таа бројка изнесуваше 19. Иако минатата година беше година со рекордно најмал број жртви – 125, сепак, евидентно е дека во летниот период овие бројки се поголеми споредено со другите периоди од годината. По Коридорот 10, како паневропски коридор, фреквенцијата на возила е драстично зголемена, посебно во летниот период, а заморот, кој е причина за пад на концентрацијата, може да има фатални последици, така што се одлучивме, заедно со РСБСП, превентивно да ги потсетиме возачите на потенцијалните опасности од заморот, но и на ризиците од пребрзото возење, управувањето на возило под дејство на алкохол и на други сообраќајни прекршоци кои се причини за тешки сообраќајни незгоди. Овој автопат е главната артерија која ја поврзува нашата држава со соседна Србија, така што граѓаните од пријателска Србија, како чести учесници во сообраќајот, главно, по Коридорот 10, но и граѓаните од другите држави кои го користат, се секогаш добредојдени гости во нашата земја. Ќе ја искористам оваа пригода да им посакам среќен пат и пријатен престој, без разлика дали поминуваат транзит или токму нашата држава им е дестинацијата каде што сакаат да го поминат одморот, но и да апелирам кон сите учесници во сообраќајот секогаш да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за безбедни патишта. Зголемувањето на безбедноста во сообраќајот е императив и во наредниот период продолжуваме со активности со цел да го намалиме бројот на жртви на патиштата“, рече министерот Спасовски.
„Сообраќајните незгоди кои се последица на заморот најчесто завршуваат фатално затоа што отсуствува можноста возачот да преземе какви било дејствија со цел барем делумно да се амортизираат последиците од сообраќајните незгоди. Апелирам до возачите да бидат внимателни и концентрирани кога учествуваат во сообраќајот, да не го потценуваат заморот, да прават минимум 15 минути пауза на секои два часа возење и да застанат и да одморат веднаш штом ги почувствуваат првите знаци на замор“- изјави Гордана Кожуваровска, претседател на РСБСП.
Важно е да се потенцира дека минатата година беше најбезбедна досега, со најмал број загинати лица во сообраќајни незгоди. Трендот на подобрување на безбедноста во патниот сообраќај е евидентен веќе неколку години наназад и целта на МВР и РСБСП е овој тренд да продолжи и во иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Uncategorized
Во Црна Гора мерките против коронавирусот продолжени за 14 дена

Епидемиолошките мерки – задолжително носење заштитни маски во здравствените установи, колективните центри и јавните превозни средства, аеродромите, продавниците, аптеките, бензинските пумпи – се продолжени за следните 14 дена, соопшти Институтот за јавно здравје.
Ваквата одлука, се наведува, е донесена во согласност со моментната епидемиолошка состојба, а врз основа на сеопфатна анализа на бројот на новозаболени и епидемиолошки показатели, што беше разгледана од работната група за контрола, превенција и сузбивање на заразната болест Ковид-19.
„Напоменуваме дека тековно важечки мерки се: задолжително носење заштитни маски во здравствени установи, колективни центри и средства за јавен превоз, задолжително носење заштитни маски во сите институции на јавната администрација, во објекти од витално значење: продавници за храна, аптеки и бензински станици, задолжително носење заштитни маски на аеродроми, железнички и на автобуски станици“, се вели во соопштението, пренесува „Блиц.рс“.
Uncategorized
Елтон Џон за Мајкл Џексон: Тој беше ментално болен

Сер Елтон Џон во своите мемоари „Јас: Елтон Џон“ го нарече кралот на попот Мајкл Џексон ‘ментално болна, вознемирувачка личност’.
Автобиографијата на Џон е полна со шокантни откритија за неговиот живот во шоу-бизнисот, а во еден дел тој детално ја опишува неговата дружба со покојната контроверзна ѕвезда.
„Го познавам Мајкл уште кога имаше 13 или 14 години. Тој беше најслаткото дете што можете да го замислите. Но, во одреден момент во годините што следеа почна да се одвојува од светот и реалноста, нешто слично како Елвис Присли”, пишува Џон. Тој во своите мемоари зборува и за зависноста на Џексон од лекови против болки.
„Господ знае што се случуваше во неговата глава и Бог знае со какви лекови на рецепт го полнеа. Секогаш кога ќе го видев во неговите подоцнежни години си мислев дека кутриот тотално ги изгубил нервите. И не на лесен начин… Тој стана навистина ментално болен, делуваше вознемирувачки“, напиша легендарниот британски музичар.
Uncategorized
Манасков се врати во Вардар

Македонскиот репрезентативец Дејан Манасков е нов член на Вардар и по пауза од шест години повторно го облекува „црвено-црниот“ дрес. Вардар го засилува тимот со искусен играч на позицијата лево крило кој зад себе има настапи во неколку европски екипи и настапи на ЕП и СП со репрезентацијата на Македонија.
-Вардар добива брз, прецизен и искусен играч со големо меѓународно искуство со што екипата повторно гради силен, респектабилен и конкурентен тим и за сезонава. „Црвено-црните“ полека го градат тимот со кој и сезонава ќе атакуваат на двојната круна во домашното првенство се вели во известувањето од клубот.
Манасков во Скопје доаѓа по неколку сезони минати во унгарски Веспрем каде беше еден од најдобрите стрелци на клубот со над 540 голови на над 160 натпревари. Претходно настапуваше за екипите на Борец Велес, Металург, Вардар, Вецлар, Рајн Некар и на крајот во Веспрем.