Uncategorized
Истанчен моќен звук и виртуозност во изведбите со „Пијано трио“

Музичкиот репертоар на фестивалот Охридско лето вчеравечер продолжи со концерт посветен на истакнатиот македонски уметник, флејтистот Илија Зимбо.
Во негова чест тројцата етаблирани музичари, обоистката Татијана Петрушевска-Караскаковска, фаготистот Марјан Милошевски и пијанистот Петар Макариевски, обединети во „Пијано трио“, во црквата „Света Софија“, на публиката ѝ доловија сонати од Блаве, Пуланк и Сен-Санс, а во вториот дел од концертот го отсвирија „Патетичното трио“ од Глинка и „Триото за обоа, фагот и пијано“ од Пуланк. Тие на сцената покажаа истанчен моќен звук, висока интерактивност, прецизност и индивидуалност и виртуозност во изведбите.
„Зимбо беше исклучително искрен и посветен пријател и колега. Веруваше на луѓето околу себе, веруваше на своите колеги, веруваше на своите пријатели. Имено, таа симбиоза на пријателство и соработка на сцената доведе до тоа во далечната 2014 година нашето трио да се формира и да оддаде скромна почит кон неговото севкупно творештво. И, еве, по речиси 10 години, таа карика, т.е. нашиот пријател Илија Зимбо, како и почитта едни кон други, остана наш двигател и инспирација да продолжиме и понатаму да создаваме, но истовремено да им покажеме на новите генерации кои се вистинските вредности во животот“, вели пијанистот Макариевски.
Првиот концерт како трио во чест на нивниот пријател и колега Илија Зимбо членовите на овој музички состав го имаа во 2014 година на фестивалот Есенски музички свечености.
„Заедно со Марјан и Петар организиравме концерт и промоција на неговото ЦД по повод одбележување годишнина од неговата смрт, а со цел да се присетиме на неговото дело. На концертот настапија некои од колегите со кои Илија соработуваше во текот на својата кариера, а имавме и краток документарец за неговиот почеток и развој како флејтист. На тој концерт се изведоа дела што тој најмногу ги сакаше. Ние тројца дотогаш, се разбира, соработуваме, но првпат таа вечер настапивме како трио. Понатаму продолживме да дејствуваме како ансамбл и непрекинато концертираме веќе десет години. Оваа година се договоривме со Охридско лето и со селекторката Бисера Чадловска за концерт во рамките на годинешното издание на фестивалот, гостување кое на некој начин одбележува наш јубилеј, па решивме да го посветиме концертот на Илија како заслужен охриѓанец и уметник. Понатаму, верувам дека ќе правиме слични концерти и ќе одбележуваме годишнини во име на одржување на сеќавањето на неговото дело и придонес за музичката култура во Македонија“, појаснува првата обоистка во оркестарот на НОБ, Татијана Петрушевска-Караскаковска.
Илија Зимбо е роден во Охрид 1969 година, а почина во Скопје во 2011 година. Тој е истакнат македонски солист, камерен музичар и прв флејтист во оркестарот на НОБ. Иако прерано згасна неговиот живот, останаа многубројните настапи како солист, камерен музичар, настапи со оркестри во Европа и пошироко, тонски видеозаписи за МРТ, но и награди на многубројни престижни натпревари.
Неговата способност за екпериментирање и поместување на границите на звучноста на флејтата беше инспирација за повеќе македонски композитори, како Томислав Зографски, Љубомир Бранѓолица, Панде Шахов и Тома Манчев, да компонираат специјално за Зимбо.
Флејтистот Илија Зимбо беше дел од програмата на фестивалот Охридско лето одржувајќи концерти во 1993, 1998 и во 2001 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Uncategorized
МЖСПП: Државниот инспекторат за животна средина се врати во матичното министерство

„Со последните две измени на постоечкиот Закон за инспекциски надзор во декември 2024 и јануари 2025 година Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) како и останатите 14 државни инспекторати продолжуваат да функционираат како органи во состав на матичните министерства. Тоа значи дека Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), согласно процедура, спогодбено ги превзема вработените, движните и недвижни ствари, документацијата, побарувањата и намирувањата на обврските, средствата за работа, како и сите права и обврски кои произлегуваат од склучените договори на инспекциските служби, настанати до денот на влегувањето во сила на овој закон, со што фактички ДИЖС продолжува да работи без својство на правно лице и буџет од прва линија“, известува Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Финансиите ќе се водат како посебна Подпрограма во Буџетот на Министерството, но ДИЖС, односно инспекторите и понатаму ја имаат самостојноста во водењето на инспекциските постапки.
Главната активност на Државниот инспекторат за животна средина, согласно регулативата, е да вршат надзор над управните акти кои ги издава МЖСПП, А-интегрирани еколошки дозволи и Елаборати, односно вршат надзор над спроведувањето на условите пропишани во истите. Со инклузијта се очекува подобрување на координацијата во имплементацијата на политиките за справување со загадување на животната средина и со отпадот.
Во однос на бројот на државни инспектори, проценката укажува дека за покривање на потребите за инспекторирање во областа животна средина на државно ниво се потребни приближно 40 државни инспектори.
Министерството за животна средина и просторно планирање со преземањето на ДИЖС ги презема и неговите планови за вработување и унапредување кои што ќе бидат усогласени со плановите за вработување и унапредување на Министерството. Државниот инспекторат во моментот нема одобрени нови вработувања и унапредувања од страна на Министерството за финансии, но се очекува позитивен одзив на надлежните институции во однос на зголемување на бројот на инспекторите.
Од друга страна на локално ниво се уште повеќе од 50% од општините немаат назначено овластени инспектори за животна средина иако согласно Законот за инспекциски надзор во животната средина до крајот на 2022 година ја имаа таа обврска.
Во „Програмата на Владата 2024-2028“ предвидено е и формирање на единствено централно инспекциско тело со ингеренции на сите нивоа, надлежно за справување со загадување на животната средина и со отпадот. Ваквата поставеност на инспекцискиот надзор за животна средина треба да овозможи ефикасен и правичен инспекциски надзор над загадувачите на животната средина“, соопшти МЖСПП.
Uncategorized
Сузбиен меѓународен канал за шверц на дрога во вредност од 707 илјади евра, требало да заврши во Турција

Запленети 188 килограми и 636 грама наркотична дрога марихуана во заедничка акција на Царинската управа и Бирото за јавна безбедност. Со акцијата е спречен меѓународен канал за шверц на дрога. Две лица се лишени од слобода и против нив е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Гевгелија за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Ова го истакнаа директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, и директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, во изјава за медиумите на граничниот премин Богородица.
„Царинската управа влезе во трага и спречи меѓународен канал за шверц на дрога. Во заедничка акција со Бирото за јавна безбедност на граничниот премин Богородица запленети се 188 килограми и 636 грама наркотична дрога марихуана, која требало да заврши во Турција.
Случајот го следиме подолго време, што на крајот успешно резултира со откривање на криминалната мрежа, која требало да оперира во неколку држави“, истакна Николовски.
Сторителите на кривичното дело, двајца возачи, едниот од Тетово, а другиот од Кумановско, на 8 февруари влегуваат на Блаце со камион и на 9 февруари едниот од нив го презема камионот и од место меѓу Куманово и Паланка оди кон Богородица. На Богородица е извршена детаљна контрола на камионот, при што помеѓу компресирана рециклирана хартија во четири бали е пронајдена дрогата. Проценетата вредност на дрогата, информира Николовски, на црниот пазар изнесува 707 илјади евра.
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, порача дека криминалното мочуриште во државата повеќе нема да го има.
„Заедничката акција, која траеше неколку дена, покажува дека заеднички можеме во интерес на граѓаните. Криминалното мочуриште што го имаме во државата повеќе нема да го има. Ова не е место за нив. Заеднички координирано со Царинската управа координирано работиме во неколку области. Мора да бидеме координирани. Заедно покажуваме дека можеме да работиме силно и успешно за заеднички успеси и превенција на криминалот. Нема место за криминал. Македонија мора да биде на ниво на напредните држави. Системот и законите мора да владеат. Ги сузбиваме криминалот и корупцијата на сите нивоа“, истакна директорот Јанев.
Случајот, како што беше истакнато од страна на директорите, е резултат на зајакнатата соработка и добро координирани акции на царинските и полициските службеници.
Uncategorized
Опљачкана аптека на Бит-пазар

Утрово во СВР Скопје било пријавено дека во текот на ноќта била опљачкана аптека на Бит-пазар. Полицијата направи увид.
„Денеска во 08.15 било пријавено дека во текот на ноќта со употреба на сила и погоден алат било влезено во аптека на подрачјето на Бит Пазар и биле одземени пари од касата. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, извести полицијата.