Свет
Во Австралија беснеат пожари, во опасност се и познати туристички места

Пожарникарите и натаму се борат со шумските пожари во Австралија, а властите наредија итна евакуација на најзагрозените лица, вклучително и оние од крајбрежните туристички дестинации.
Топлите, суви и ветровити услови предизвикаа опасност од пожари во Квинсленд. Денеска беа утврдени над 60 жаришта, од кои четири критични.
Речиси 1.500 пожарникари се на терен и се борат со шумските пожари во целата земја, а на жителите во повеќе градови им е издадено предупредување за итна евакуација.
Предупредување е издадено и за Нуса Норт Шор, популарна дестинација за одмор на речиси 150 километри јужно од Бризбејн.
„Чамците се во вода и се подготвени за поаѓање“, изјавил жителот Дејв Рајт за австралискиот ААП.
Противпожарните служби издадоа итно предупредување и за градот Пичеј.
Таму се урна и противпожарен хеликоптер во обид да го изгасне пожарот, објави австралиски Еј-би-си. Пилотот преживеал со полесни повреди.
Четиринаесет куќи во Квинсленд се уништени од крајот на минатата недела кога избувнаа пожарите поради што локалните власти прогласија вонредна состојба во 42 области.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Гутереш ги повика Израел и Хамас целосно да го почитуваат прекинот на огнот во Газа

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш денеска ги повика Израел и палестинската милитантна група Хамас целосно да го почитуваат прекинот на огнот во Појасот Газа.
Тој рече дека Палестинците во Појасот Газа се подложени на „неподносливо страдање“ додека израелските напади продолжуваат немилосрдно.
Гутереш им рече на новинарите во Женева дека улогата на ОН е меѓународната заедница да изврши притисок врз Израел и Хамас целосно да го почитуваат прекинот на огнот во Појасот Газа, пренесе Ал Џезира.
Министерството за здравство на Хамас објави дека повеќе од 400 луѓе, главно палестински деца и жени, биле убиени во текот на ноќта во израелските напади врз Појасот Газа.
Свет
Ница ја погоди земјотрес со јачина од 4,1 степени

Земјотрес со јачина од 4,1 степени според Рихтер вечерва ја погоди областа во близина на францускиот град Ница, соопшти Европскиот медитерански сеизмолошки центар (EMSC).
Земјотресот се случил на 16 километри северно од Ница, каде живеат околу 340.000 жители, додава EMSC.
Земјотресот се случил на длабочина од десет километри.
Свет
Путин ги стопира нападите врз украинската енергетска инфраструктура на 30 дена

Рускиот претседател, Владимир Путин, се согласи да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура. Руските медиуми јавуваат дека по разговорот со Доналд Трамп, Путин и наредил на војската да ги запре нападите врз овие цели на 30 дена.
Кремљ објави дека Путин и Трамп изразиле заеднички интерес за „нормализација на односите“ меѓу САД и Русија, а договорена е и размена на 175 затвореници меѓу Москва и Киев. Москва се согласи и да предаде 23 тешко ранети украински војници.
Кремљ истакна дека „клучниот услов“ за спречување на понатамошна ескалација на конфликтот е „целосен прекин“ на странската воена помош и размена на разузнавачки информации со Украина. Во текстот на Кремљ се наведува и дека Путин „одговорил конструктивно“ на предлогот за прекин на огнот на море и дека се очекуваат дополнителни преговори за ова прашање.
Белата куќа објави дека „лидерите се согласиле дека движењето кон мир ќе започне со прекин на нападите врз енергетската инфраструктура, како и технички преговори за спроведување на поморски прекин на огнот во Црното Море, целосен прекин на огнот и траен мир“.
Овие преговори треба да започнат веднаш, и тоа на Блискиот Исток.
„Лидерите опширно зборуваа за Блискиот Исток како регион на потенцијална соработка за да се спречат идни конфликти. Тие дополнително разговараа за потребата да се запре ширењето на стратешкото оружје и ќе работат со другите за да се обезбеди што пошироко распоредување“, додаде Белата куќа.
„Двајцата лидери се согласија дека иднината со подобрени билатерални односи меѓу Соединетите Држави и Русија ветува многу. Тоа вклучува огромни економски договори и геополитичка стабилност откако ќе се постигне мир“, се вели во соопштението на Белата куќа.
Трамп вчера најави дека денеска ќе разговара со Путин за завршување на војната во Украина. Белата куќа вчера објави дека американскиот претседател е „решен“ да постигне договор за ставање крај на руската војна против Украина и дека светот е блиску до мир.
Претходно, специјалниот пратеник на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, ја посети Русија и се сретна со Путин за да разговара за предлогот на САД за 30-дневен прекин на огнот. Кремљ соопшти дека преку Виткоф му биле пренесени „дополнителни сигнали“ на Трамп.