Uncategorized
Политички земјотрес во Атина: европратеник од СИРИЗА обвинет за силување
Политичката ситуација во Атина се влошува со молскавична брзина еден месец пред изборите во Грција откако белгиските власти побараа од Европскиот парламент да му го укине имунитетот на грчкиот европратеник Алексис Георгулис, кој се соочува со обвиненија за силување, пренесува „Еурактив“.
По најавата од шефицата на ЕП, Роберта Мецола, Георгулис веднаш беше исклучен од левичарската партија СИРИЗА, а во вторникот беше исфрлен и од Европската обединета левица.
Лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас, побара итно да се расветли случајот.
„Без толеранција, без прикривање, без разлика на колку висока позиција е некој“, истакна Ципрас.
Европската обединета левица, од своја страна, рече дека исклучително сериозно ги сфаќа наводите за силување и дека е посветена на спречување и искоренување на сите форми на насилство и вознемирување.
Наводната жртва на Георгулис е поранешна вработена во ЕП ,која моментно работи за Европската комисија и исто така е во извршното тело на Грчката социјалистичка партија (ПАСОК).
Во објава на „Фејсбук“ во вторникот наводната жртва посочи дека инцидентот се случил на почетокот на 2020 година и дека таа веднаш поднела тужба за силување со придружните потребни податоци, како што се форензичките извештаи.
Четири месеци подоцна, во мај 2020 година, таа се почувствувала подготвена да им го даде името на насилникот на белгиските власти, кои се единствените одговорни за водење на случајот.
Сепак, останува нејасно зошто белгиските власти ги одолжиле постапките со оглед на тоа што жалбата е поднесена пред речиси три години.
Бриселски адвокатите посочуваат дека е голема веројатноста белгиските власти да почнале истрага уште тогаш, но дека побарале одземање на имунитетот на европратеникот дури кога собрале доволно податоци.
Георгулис тврди дека воопшто не бил запознаен со жалбата, а неговите адвокати тврдат дека тој е невин.
Грчката владејачка Нова демократија ја нападна СИРИЗА прашувајќи дали партијата е запознаена со случајот. Кога шпекулациите за недолично однесување стигнале до СИРИЗА пред неколку години, шефот на делегацијата, Димитрис Пападимулис, побарал објаснување од Георгулис, но тој категорично негирал дека постои некаков проблем.
Според „Еурактив“, и СИРИЗА подоцна почнала сопствена истрага, но без конкретни резултати бидејќи белгиските власти го истражувале случајот во тајност. Освен тоа, службите на ЕП не пријавиле никакво кривично дело, тврдат од СИРИЗА.
Наводната жртва, од друга страна, ја обвинија СИРИЗА дека нејзини членови го објавиле нејзиното името во грчкиот печат нарушувајќи ја нејзината приватност имајќи предвид дека таа го чувала случајот во тајност, дури и од нејзиното семејство.
И ПАСОК ја обвини СИРИЗА за обелоденување на доверливите информации, нешто што левичарската партија категорично го негира, а останува и фактот дека нејзиното име првпат било објавено во клучните провладини медиуми.
Случајот предизвика политички земјотрес во Грција пред парламентарните избори закажани за 21 мај. Владејачката Нова демократија води во анкетите со поддршка од 29 %, а веднаш зад неа следуваат СИРИЗА (24,6 %) и ПАСОК (9,5 %).
Се очекува ПАСОК да ја игра клучна улога во формирањето коалициска влада и ќе мора да биде партнер или со Нова демократија или со СИРИЗА, но скандалот со силувањето ја прави ситуацијата посложена.
Односите меѓу ПАСОК и Нова демократија, пак, се лоши откога беше откриено дека тајните служби под контрола на грчкиот премиер му го прислушувале телефонот на социјалистичкиот лидер Никос Андрулакис.
Според новиот изборен закон во Грција, речиси е неизбежен фактот дека само коалицијата може да успее да формира влада.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Трагедија во Петровец: 23-годишно момче загина откако врз него паднал тежок предмет при изградба на објект
На 19.02.2026 година во 15:00 часот во СВР Скопје било пријавено дека во индустриска зона на подрачјето на општина Петровец, при изведување работни задачи на објект во изградба на една фабрика, од висина паднал метален профил врз Е.А. (23) од Велес.
Од здобиените повреди тој починал на местото на настанот, а лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, соопшти МВР.
По насоки на јавен обвинител, телото на починатиот е дадено на обдукција. За настанот е известен трудов инспектор, а увид извршила увидна екипа на СВР Скопје.
Uncategorized
Објавени сите досиеја на Епстин: на листата повеќе од 300 имиња на познати личности
Главниот обвинител на САД, Пам Бонди, објави дека сите досиеја на осудениот сексуален престапник Џефри Епстин се објавени и дека во овие документи се наведени повеќе од 300 имиња на познати личности.
Пам Бонди тврди дека никакви записи поврзани со истрагата за Џефри Епстин не се објавени „поради срам, повреда на угледот или политичка чувствителност“, објави „Фокс њуз“.
Во писмо од саботата таа објави дека сите досиеја на Епстин се објавени во согласност со Законот за транспарентност на документите.
Според написите „Фокс њуз“ го добиле писмото адресирано до претседателот на Комитетот за правосудство на Сенатот, Чак Грасли, републиканец од Ајова, конгресменот Дик Дарбин, демократ од Илиноис, претседателот на Комитетот за правосудство на Претставничкиот дом, Џим Џордан, републиканец од Охајо, и конгресменот Џејми Раскин, демократ од Мериленд.
Писмото, како што е неведено од медиумот, содржи список од повеќе од 300 имиња на познати личности, вклучувајќи го американскиот претседател Доналд Трамп, поранешниот претседател Барак Обама и поранешната прва дама Мишел Обама, британскиот принц Хари, основачот на „Мајкрософт“ Бил Гејтс, актерот Вуди Ален, сопственикот на „Фејсбук“ Марк Закерберг, пејачот Курт Кобејн и Брус Спрингстин.
Некои од споменатите имиња имале обемен директен контакт преку е-пошта со Епстин или неговата соработничка Гислен Максвел, додека други биле споменати во дел од документот (вклучувајќи пишување во печатот) кој на прв поглед не е поврзан со прашањата за Епстин и Максвел, се наведува во писмото.
Документот наведува широк спектар на материјали, вклучувајќи информации за организации и мрежи за кои се тврди дека се поврзани со трговијата со луѓе и финансиските операции на Епстин во корпоративните, непрофитните, академските и владините сфери, како и интерни е-пораки, меморандуми и белешки од состаноците на Министерството за правда за тоа дали да се покрене обвинение, да се отфрли или да се продолжи истрагата.
Документите, исто така, вклучуваат записи поврзани со потенцијалното уништување или прикривање на релевантен материјал и документација поврзана со притворањето и смртта на Епстин, вклучувајќи извештаи за инциденти, интервјуа со сведоци и извештаи од медицински испитувач и обдукција.
Во писмото се наведува дека лицата чии имиња беа редигирани поради чувствителност не беа вклучени, се додава во писмото, додавајќи дека процесот на редигирање бил обемен, вклучувајќи консултации со жртвите и нивните адвокати.
Кембел спомената стотици пати
Името на британската манекенка Наоми Кемпбел се појавува стотици пати во документите на Министерството за правда на САД за осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, а истражувањето на документите покажува дека Кемпбел побарала лет со приватниот авион на Епстин, била видена во неговата вила во Њујорк и на островот, но нејзиниот адвокат тврди дека таа не била свесна за неговите злосторства и дека никогаш не учествувала во несоодветно однесување.
Во милионите документи објавени по смртта на Епстин во 2019 година, беа прикажани е-пошта и преписка што покажуваат дека Кемпбел побарала да се сретне со Епстин во неговата вила во Њујорк и ја користела неговата мрежа за да присуствува на луксузни настани низ целиот свет, пишува Њујорк Тајмс (NYT).
Во една од е-поштата испратена до асистентката на Епстин, Кемпбел навела дека „сака да го види Џефри“, а на крајот од пораката се потпишала како „исцрпена убавица“.
Во интервјуата со федералните истражители, неименуваните жртви на Епстин рекле дека тој ги запознал со Кемпбел на друштвени настани и дека ја виделе во неговата вила и на неговиот остров.
Документите покажуваат дека моделот останал во својата околина и во контакт дури и откако Епстин беше осуден во Флорида во 2008 година за охрабрување на малолетници да се занимаваат со проституција.
Адвокатот на моделот Кемпбел, Мартин Сингер, рече дека неговата клиентка немала сознанија за „страшните кривични дела“ на Епстин сè до неговото апсење во 2019 година и дека таа немала никаков контакт со него потоа.
Uncategorized
Стравична несреќа на автопатот Скопје–Куманово: Две возила целосно изгореа по судир, еден тешко повреден
Синоќа на автопатот Скопје – Куманово, пред клучката за обиколницата на главниот град, се случила тешка сообраќајна несреќа во која двете возила што се судриле целосно изгореле.
Според информациите од полицијата, судирот се случил помеѓу патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 25-годишниот А.В. од селото Бујковци, и товарно возило „мерцедес“ со полуприколка, со неготински таблички, управувано од Љ.Д. (56) од село Брест, штипско.
По ударот, двете возила се запалиле и целосно изгореле. Во несреќата, возачот на патничкото возило се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде му била укажана лекарска помош.
На местото на несреќата излегла увидна екипа.
Фото: илустрација (depositphotos)

