Uncategorized
Путин до африканските лидери: Западот е лицемерен, Русија ќе им дели жито и на сиормашните земји
Рускиот претседател Владимир Путин им порача на африканските лидери дека ќе им даде десетици илјади тони жито во рок од неколку месеци и покрај санкциите од Западот, кои, според него, го отежнуваат извозот на жито и вештачки ѓубрива на Москва.
„Русија очекува рекорден принос на жито и е подготвена да го замени украинскиот извоз во Африка на комерцијална и хуманитарна основа“, рече Путин.
„Во следните три-четири месеци ќе бидеме подготвени да испорачаме од 25.000 до 50.000 тони бесплатно жито во Буркина Фасо, Зимбабве, Централноафриканската Република и во Еритреја“, рече Путин, чии зборови беа проследени со аплауз.
Путин нагласи дека Москва се повлече од договорот бидејќи ниту едно од нејзините ветувања за отстранување на пречките за извоз на сопственото жито и вештачките ѓубрива не е исполнето.
На самитот Путин изјави дека повеќе од 70 отсто од украинското жито извезено благодарение на тој договор завршило во богатите и средно богатите земји, вклучително и во Европската Унија.
„Посиромашните земји, како Судан, добија помалку од три отсто од украинското жито“, рече Путин додавајќи дека западните санкции го спречуваат извозот на руско ѓубриво во сиромашните земји.
„Тука имаме еден парадокс. Од една страна, западните земји ја попречуваат испораката на нашето жито и вештачките ѓубрива, а од друга, лицемерно нѐ обвинуваат за моментата состојба на светскиот пазар на храна“, рече Путин.
На самитот во Санкт Петербург учествуваат 49 од 54 африкански земји заедно со 17 шефови на држави и четворица премиери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Сончево и топло со мала до умерена облачност, попладне нестабилно време со пороен дожд и грмежи
Сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне наместа, особено во северните делови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме со силен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 14, а максималната ќе достигне од 24 до 29 степени.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Во следните денови ќе се задржи топло време, но во попладневните часови наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално ќе има услови процесите да бидат поинтензивни во форма на краткотрајно невреме, со силен ветер, интензивен пороен дожд и изолирана појава на град.
Uncategorized
Претежно облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде претежно облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Попладне наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 20 л/м2), локално поројни и проследени со грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 15, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени.
Во Скопје претежно облачно со повремени врнежи од дожд, особено попладне кога во делови од котлината ќе бидат поројни. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 18 степени.
До четврток ќе преовладува променливо облачно и посвежо време со повремени врнежи од дожд и ретка појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец (над 60 км/час). Пораст на температурата се очекува кон крајот на седмицата.
Uncategorized
Премиерот Џафери и владиниот државен врв во чест на 9 Мај: Цврсто стоиме на браникот против фашизмот и во одбрана на европската идеја
Владиниот државен врв ги одбележува денешниот голем и значаен датум за Република Северна Македонија и за демократскиот свет, 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.
Делегација на Владата на Република Северна Македонија, предводена од претседателот на Владата, Талат Џафери, во состав со министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, и заменик-министерката за правда, Викторија Аврамовска-Мадиќ, положи цвеќе и им оддаде почит на борците од Народноослободителната борба пред споменикот „Ослободители на Скопје“ на платото пред Владата на Република Северна Македонија.
На официјалната церемонија, реализирана со воени почести, почит оддадоа и положија цвеќе и: делегација на Сојузот на борците од НОАВМ, предводена од Наум Бурески, претседател на Градскиот одбор на Сојузот на борците, од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Билјана Блажевска, аѓутант, делегација на Собранието на Република Северна Македонија, предводена од Снежана Калевска-Ванчева, пратеничка, делегација на Армијата на Република Северна Македонија, предводена од бригаден генерал Орце Јордев, како и претставници од дипломатскиот кор во државата, меѓу кои и амбасадорот на Европската Унија, Дејвид Гир, делегација на Град Скопје, претставници на политички партии.
Претходно, во церемонија со воени почести, делегации од Владата, од Кабинетот на претседателот на државата, од Собранието, од Сојузот на борците од НОАВМ, претставници од дипломатскиот кор, од Град Скопје, од политичките партии, оддадоа почит и положија цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел.
Република Северна Македонија секогаш била на вистинската страна на историјата. Така било за време на Втората светска војна кога земјата била рамо до рамо со прогресивните антифашистички сили. Нашата држава е создадена на рушевините на фашизмот, во извојуваната слобода и со прогресивната идеја за напредок. И, денес, во сложениот геополитички контекст, стоиме со сојузниците како рамноправна членка на НАТО и идна членка на Европската Унија темелејќи го развојот на демократијата.
Пораката на премиерот Талат Џафери и на Владата во чест на денешниот 9 Мај, Ден на победата над фашизмот и Ден на Европа, е дека цврсто стоиме и ќе стоиме на браникот пред какви било форми на современ фашизам, кои се закана за мирот и прогресот насекаде во светот. Исто така, со искрена почит кон големата европска идеја, на која се темели изградбата на Европската Унија, ќе продолжиме да придонесуваме во заштитата и афирмацијата на европските вредности како гаранти на мирот и перспективите и на Република Северна Македонија. Република Северна Македонија припаѓа во европското семејство на народи и држави и стремежот на граѓаните за членство во Европската Унија заедно ќе го оствариме.