Uncategorized
Тони Китановски, Баба Сисоко и диџеј Гоце САФ со албум снимен на три континенти
Концертна промоција на албумот „Afro Gitano“: Албум снимен на три континенти што нуди музичко патување без граници. Тони Китановски, Баба Сисоко и диџеј Гоце САФ сабота, 8 ноември, PUBLIC ROOM (во рамки на Skopje Design Week)
Во сабота, на 8 ноември, во Јавна соба, како дел од програмата на Skopje Design Week, македонската публика ќе има ретка можност да ја доживее концертната промоција на албумот „Afro Gitano“ ,заеднички проект на Тони Китановски, легендарниот Баба Сисоко од Мали и диџеј Гоце САФ.
Овој необичен спој на африкански ритми, балканска душа и урбан електронски грув претставува автентично музичко патување што ги руши границите меѓу жанровите и континентите. Китановски вели дека „Afro Gitano е музика што се движи како реката, како луѓето, како слободата“.
Албумот, снимен во време на пандемијата на три континенти и во шест земји, ја носи енергијата на спонтаноста и заедништвото. „Едноставно ќе пролета идеја што ни се чини добра, и тројцата се нафрламе на неа како мала глутница“, раскажува Китановски, откривајќи ја суштината на нивната уметничка хемија.
Африка, Балканот и урбаната сцена во едно
За Баба Сисоко, кого Китановски го опишува како „музичар од највисок ранг и гриот кој со музиката придонесува за мирот на земјата“, оваа соработка претставува спој на духовноста на западноафриканската традиција и џез-импровизацијата.
Во проектот се вклучува и диџеј Гоце САФ, кој со својата хип-хоп енергија внесува современа урбана димензија: „Џезот и хип-хопот се од иста мајка,“ вели Китановски, додавајќи дека триото создава „компактна единица во која секој ја задржува својата музичка суштина, а заедно пловиме беспрекорно.“


Музика што ја почитува традицијата и ја прегрнува слободата
Во „Afro Gitano“, Китановски ја продолжува својата долгогодишна мисија – да создава музика што е истовремено прастара и современа, длабоко вкоренета и бескрајно слободна. „Музиката е секогаш онолку добра колку што е блиска до коренот,“ вели тој, нагласувајќи дека искреноста кон себеси е единствениот пат до автентичност.
Албумот го издава лондонска издавачка куќа, а како што посочува Китановски, „само оригиналноста може да ја отвори портата кон светот.“
Настан што обединува музика, уметност и дизајн
Настапот е дел од Skopje Design Week – платформа што ги поврзува различните уметнички дисциплини. „Музиката е дизајн од невидливи треперења во воздухот и со тоа природно се вклопува во настанот,“ додава Китановски.
Публиката може да очекува концерт исполнет со ритам, импровизација и слобода. „Сакам да си поминат убаво, да се изнаиграат без да им биде гајле за другите околу нив, и секој да си пее различна песна од нашиот репертоар на пат за дома – само тогаш ќе знам дека албумот е навистина добар,“ вели Китановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Бајден: Знаеме кои сме, време е да му го покажеме тоа на светот и на самите себе
Џо Бајден им се придружи на американските претседатели од редовите на Демократската партија во осудата на смртоносната пукотница во Минеаполис. Коментирајќи ја веста дека федералните агенти го убиле 37-годишниот медицински техничар Алекс Прети, Бајден рече дека чинот претставува „предавство на најосновните вредности на Американците“.
Во изјавата во која се повикува на уставното право на правична постапка, Бајден рече: „Ние не сме земја што пука во своите граѓани на улица. Ние не сме земја што дозволува бруталност врз граѓаните за остварување на нивните уставни права. Ние не сме земја што го гази Четвртиот амандман и толерира тероризирање на нашите соседи“.
„Луѓето од Минесота нè потсетија на сè што значи да се биде Американец, а тие веќе претрпеа премногу под оваа администрација. Насилството и теророт немаат место во САД, особено кога нивната сопствена влада ги таргетира американските граѓани“, додаде тој.
Во малку прикриена критика кон Доналд Трамп, чија администрација се соочува со растечки критики за тактиките за имиграција, Бајден истакна: „Никој не може да го уништи она за што се залага и во што верува Америка, дури ни претседателот, ако ние, целата Америка, се заложиме и проговориме“.
„Знаеме кои сме. Време е да го покажеме тоа на светот. Уште поважно, време е да го покажеме и на самите себе“, истакна тој. Тој повика на „целосни, фер и транспарентни“ истраги за „бесмислените“ убиства на Прети и Рене Гуд.
Изјавата на Бајден следува по осудите што ги упатија претходно Барак Обама и Бил Клинтон. И двајцата ги повикаа Американците да проговорат и предупредија дека основните американски вредности се нападнати по засилената репресија на администрацијата на Трамп против имиграцијата во Минеаполис.
По напуштањето на функцијата, Бајден претежно се држеше подалеку од јавноста. Тој моментално се лекува од рак на простата и е ангажиран во пишување мемоари и развивање на претседателската библиотека.
Неговите изјави доаѓаат во време кога многу демократи се незадоволни од неговата одлука да остане претседателски кандидат на партијата долго време во текот на изборниот циклус во 2024 година, потег што критичарите го оценија како ослабување на моментумот на партијата.
Бајден на крајот ѝ ја отстапи номинацијата на потпретседателката Камала Харис, која Трамп ја победи и освои втор мандат во Белата куќа.
Uncategorized
Најдено тело на четиригодишно дете кое паднало oд брод со мигранти
Крајбрежната стража на Грција вчеравечер уапси маж кој со брод се обидел да избега додека криумчарел мигранти, додека пак пред два дена, по дојава дека биле истоварени мигранти кај Икарија, властите пронашле тело на четиригодишно дете.
Патрола на крајбрежната стража го забележала бродот како се движи со голема брзина кон западниот брег на Хиос, по што започнала потера, а криумчарот отишол кон плажата Гларој каде ги „истоварил“ сите патници кои избегали.
Подоцна, Крајбрежната стража и локалната полиција подоцна пронајдоа 16 мажи, 11 жени и девет деца, по што биле однесени во прифатен центар на Хиос.
Uncategorized
Возило паднало во водите на реката Радика, има загинати, во прекин сообраќајот Маврово-Дебар
Патничко моторно возило попладнево паднало во реката Радика, на локација кај Манастирот „Св. Јован Бигорски“.
„Од 18:30 часот, сообраќајот на регионалниот пат Маврово -Дебар е во прекин поради извлекување на патничко моторно возило од сообраќајната незгода со загинати лица од водите на реката Радика во близина на Манастирот св.Јован Бигорски, соопшти АМСМ.

