Uncategorized
Улогата на Наоми Кембел за туризмот во Кенија предизвика полемика
Назначувањето на британскиот супермодел Наоми Кембел за кениски амбасадор за туризам предизвика бура на Твитер во источноафриканската држава.
Многумина се прашаа зошто оваа функција не ѝ била дадена на истакната Кенијка како холивудската актерка Лупита Нионго. Други преминаа во нејзина одбрана, велејќи дека дебатата на социјалните мрежи веќе ја оправдала нејзината улога.
Туристичкиот сектор во Кенија е тешко погоден од коронавирусот, а бројот на посетители е намален за 72% во периодот од јануари до октомври минатата година.
„Секторот изгуби над 110 милијарди кениски шилинзи (1 милијарда американски долари) од приходите од директни меѓународни туристи поради пандемијата на Ковид-19 “, објави минатиот месец кенискиот Институт за истражување на туризам.
Земјата е позната по возбудливите сафарија, разновидност на дивиот свет и ресорти на плажа.
Кенискиот министер за туризам, Наџиб Балала, изјави дека договорот со г-ѓа Кембел бил направен минатиот викенд откако тој се сретнал со неа минатата недела додека била на одмор во Кенија.

50-годишната икона на стилот и филантроп објави фотографии од нејзиниот престој на Инстаграм, каде има 10 милиони следачи.

„Ние ја поздравуваме возбудливата вест дека Наоми Кембел ќе се залага за туризмот и ќе патува на меѓународно ниво за брендот ‘Волшебна Кенија’“, рече Балала. Тој не наведе дополнителни детали за договорот.
Изјавата, објавена на Твитер во вторникот, предизвика инстант револт кај некои, а други ги отфлија критиките за нејзиниот избор.
Еден корисник на Твитер наброја други познати личности од Кенија кои повеќе одговараат за амбасадорската улога, вклучувајќи ги моделите Ајума Насењана и Дебра Санајпеи, како и актерката Нионго.
Друг твитерџија напиша дека ваквата реакција открива нездрав став во Кенија: „На крајот на денот, сè е за тоа кој ќе ја заврши работата. Овој менталитет е тој што предизвикува непотизам и племенство во кениските институции “.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Стравична несреќа на автопатот Скопје–Куманово: Две возила целосно изгореа по судир, еден тешко повреден
Синоќа на автопатот Скопје – Куманово, пред клучката за обиколницата на главниот град, се случила тешка сообраќајна несреќа во која двете возила што се судриле целосно изгореле.
Според информациите од полицијата, судирот се случил помеѓу патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 25-годишниот А.В. од селото Бујковци, и товарно возило „мерцедес“ со полуприколка, со неготински таблички, управувано од Љ.Д. (56) од село Брест, штипско.
По ударот, двете возила се запалиле и целосно изгореле. Во несреќата, возачот на патничкото возило се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде му била укажана лекарска помош.
На местото на несреќата излегла увидна екипа.
Фото: илустрација (depositphotos)
Uncategorized
Бајден: Знаеме кои сме, време е да му го покажеме тоа на светот и на самите себе
Џо Бајден им се придружи на американските претседатели од редовите на Демократската партија во осудата на смртоносната пукотница во Минеаполис. Коментирајќи ја веста дека федералните агенти го убиле 37-годишниот медицински техничар Алекс Прети, Бајден рече дека чинот претставува „предавство на најосновните вредности на Американците“.
Во изјавата во која се повикува на уставното право на правична постапка, Бајден рече: „Ние не сме земја што пука во своите граѓани на улица. Ние не сме земја што дозволува бруталност врз граѓаните за остварување на нивните уставни права. Ние не сме земја што го гази Четвртиот амандман и толерира тероризирање на нашите соседи“.
„Луѓето од Минесота нè потсетија на сè што значи да се биде Американец, а тие веќе претрпеа премногу под оваа администрација. Насилството и теророт немаат место во САД, особено кога нивната сопствена влада ги таргетира американските граѓани“, додаде тој.
Во малку прикриена критика кон Доналд Трамп, чија администрација се соочува со растечки критики за тактиките за имиграција, Бајден истакна: „Никој не може да го уништи она за што се залага и во што верува Америка, дури ни претседателот, ако ние, целата Америка, се заложиме и проговориме“.
„Знаеме кои сме. Време е да го покажеме тоа на светот. Уште поважно, време е да го покажеме и на самите себе“, истакна тој. Тој повика на „целосни, фер и транспарентни“ истраги за „бесмислените“ убиства на Прети и Рене Гуд.
Изјавата на Бајден следува по осудите што ги упатија претходно Барак Обама и Бил Клинтон. И двајцата ги повикаа Американците да проговорат и предупредија дека основните американски вредности се нападнати по засилената репресија на администрацијата на Трамп против имиграцијата во Минеаполис.
По напуштањето на функцијата, Бајден претежно се држеше подалеку од јавноста. Тој моментално се лекува од рак на простата и е ангажиран во пишување мемоари и развивање на претседателската библиотека.
Неговите изјави доаѓаат во време кога многу демократи се незадоволни од неговата одлука да остане претседателски кандидат на партијата долго време во текот на изборниот циклус во 2024 година, потег што критичарите го оценија како ослабување на моментумот на партијата.
Бајден на крајот ѝ ја отстапи номинацијата на потпретседателката Камала Харис, која Трамп ја победи и освои втор мандат во Белата куќа.
Uncategorized
Најдено тело на четиригодишно дете кое паднало oд брод со мигранти
Крајбрежната стража на Грција вчеравечер уапси маж кој со брод се обидел да избега додека криумчарел мигранти, додека пак пред два дена, по дојава дека биле истоварени мигранти кај Икарија, властите пронашле тело на четиригодишно дете.
Патрола на крајбрежната стража го забележала бродот како се движи со голема брзина кон западниот брег на Хиос, по што започнала потера, а криумчарот отишол кон плажата Гларој каде ги „истоварил“ сите патници кои избегали.
Подоцна, Крајбрежната стража и локалната полиција подоцна пронајдоа 16 мажи, 11 жени и девет деца, по што биле однесени во прифатен центар на Хиос.

