Uncategorized
Унгарскиот парламент ја одложи ратификацијата на членството на Шведска во НАТО
Унгарскиот парламент нема да гласа за кандидатурата на Шведска за членство во НАТО на седницата следната недела, според дневниот ред објавен денеска.
Шведска, која ја напушти долгогодишната политика на воена неутралност по руската инвазија на Украина, се надеваше дека формално ќе се приклучи на Алијансата на самитот на НАТО на 11-12 јули. Иако има силна поддршка од другите членки, како што се САД, сепак Турција и Унгарија досега ја блокираа ратификацијата на нејзиното членство.
Агнес Вадаи, претставник на опозициската партија Демократска коалиција, изјави за Ројтерс дека претставниците на владејачката партија Фидес и на демохристијанските партии, на состанокот на комисијата, не го поддржале предлогот прашањето да се вклучи на дневниот ред на пленарната седница следната недела.
Влијанието на Турција
„Парламентарната комисија одби да го стави гласањето на дневен ред следната недела“, рече Вадаи, додавајќи дека нејзината партија повторно ќе предложи гласање во понеделник во парламентот. Вадаи рече дека е „очигледно“ оти Фидес одлучил да го закаже гласањето во зависност од позицијата на Турција.
„Премиерот Виктор Орбан се движи во тандем со (турскиот претседател Таип) Ердоган (…) го игнорира унгарскиот суверенитет и (…) го уништува единството на НАТО“, рече таа. „Како што изгледа денес, нема да има ратификација пред самитот на НАТО“, додаде таа.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон рече дека има намера да разговара со Орбан подоцна во четвртокот по медиумските извештаи дека унгарскиот парламент ќе ја одложи ратификацијата на кандидатурата на Шведска за НАТО. Портпаролот на унгарската влада и Министерството за надворешни работи не одговориле на прашањата на Ројтерс.
Орбан: Шведска шири лаги за Унгарија
Унгарскиот парламент ќе заседава следниот понеделник, вторник и петок. Ќе гласаат за неколку предлог-закони, меѓу кои и за буџетот за 2024 година. Процесот на ратификација е закочен во парламентот од јули минатата година, но Орбан прво изрази загриженост за аспирациите на Шведска и Финска за членство во НАТО дури во февруари.
Тој ги обвини двете земји, меѓу другото, дека шират „отворени лаги“ за демократијата и владеењето на правото во Унгарија. Сепак, унгарските претставници ја одобрија кандидатурата на Финска на крајот на март.
Повторувајќи ја позицијата на Турција, Ердоган му рече на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во телефонски разговор во неделата дека Шведска мора да ги прекине протестите на поддржувачите на забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК) во Стокхолм за да добие зелено светло за приклучување кон алијансата.
Западен официјален претставник изјави за Ројтерс во средата дека сојузниците на НАТО ги засилиле напорите да ја убедат Турција да ја прекине блокадата на Шведска, но не е јасно дали ќе успеат пред самитот во Литванија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Возило паднало во водите на реката Радика, има загинати, во прекин сообраќајот Маврово-Дебар
Патничко моторно возило попладнево паднало во реката Радика, на локација кај Манастирот „Св. Јован Бигорски“.
„Од 18:30 часот, сообраќајот на регионалниот пат Маврово -Дебар е во прекин поради извлекување на патничко моторно возило од сообраќајната незгода со загинати лица од водите на реката Радика во близина на Манастирот св.Јован Бигорски, соопшти АМСМ.
Uncategorized
(Видео) Владата ги намали парите за загаден воздух за 50 отсто во споредба со лани, рече Лукаревска и праша кои конкретни мерки се преземени
Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на денешната седница посветена на пратенички прашања го праша министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, за кратењето на буџетските средства за заштита на животната средина и за тоа како Владата планира да се справи со аерозагадувањето кога од година на година ги намалува средствата за оваа намена.
„Во ребалансот на буџетот за 2025 година – заштитата на животната средина како функција на државата има евидентно намалување на буџетските средства за 13,4 % во износ од 868 милиони денари помалку сведувајќи се од 6,4 милијарди на речиси 5,6 милијарди денари за фискалната година. Најголемата промена е во ставката – намалување на загадувањето, каде што првично планираните 3,2 милијарди денари се сведуваат на 2,6 милијарди денари, што претставува приближно 19 % намален буџет, а во однос на претходната година планирано е тој да се намали за 48,2 %, тоа е речиси 50 %“, рече Лукаревска.
Таа нагласи дека е несвојствено да се кратат средства за области кои се рак рана на општеството и изрази загриженост за тоа како ќе се справиме со загадувањето, кој ќе биде третманот за отпадни води, како ќе ја заштитиме природата, каков квалитет на воздухот ќе имаме, како ќе се зајакне надзорната функција на Државниот инспекторат за труд и како ќе се унапредува животната средина.
„Моето прашање е кои конкретни мерки ги преземате како Влада, односно како ресорно министерство во борбата против аерозагадувањето имајќи го предвид фактот дека од година на година со секој буџет и ребаланс на буџетот ги намалувате средствата за справување со овој огромен проблем ?“, праша Лукаревска.
Лукаревска постави прашање и до министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, за неисполнувањето на обврските од реформската агенда, односно обврските за три реформи, кои се однесуваат на подобрување на деловната клима за малите и средните претпријатија.
Uncategorized
Израелски напад врз училиште во Појасот Газа
Петмина Палестинци загинаа при израелскиот напад врз училиште во квартот Ал Туфа, источно од градот Газа, каде се сместени раселени лица.
Помеѓу загинатите има и деца. При нападот повредени се и повеќе лица кои се хоспитализирани.
Израелската армија соопшти дека неколку осомничени лица се идентификувани надвор од обележаната линија за прекин на огнот и оти отвориле оган врз нив.
Хамас нападот го оцени како „брутално злосторство“ и уште едно кршење на Договорот за прекин на огнот.
Според палестинското Министерство за здравство во Газа, од стапувањето во сила на Договорот за прекин на огнот, убиени се 400 Палестинци.

