Uncategorized
Швајцарците ќе ни помогнат да се справиме со поплавите и ризиците од катастрофи
Швајцарски експерти за справување со ризици од поплави ќе ѝ помогнат на Македонија да изгради стратегија и изнајде најсоодветни мерки за справување со поплавите и ризиците од катастрофи.
На работилницата, што се одржа во рамки на проектот „Подобрување на отпорноста кон поплави во Полошкиот Регион“, кој се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и е финансиран од швајцарската Агенција за развој и соработка (SDC) и швајцарскиот Секретаријат за економски прашања (SECO), експертите ги презентираа најновите меѓународни случувања и современи пристапи за намалување на ризикот од катастрофи.
Целта на проектот е да се направи суштинска промена во начинот на справување со ризикот од поплавите во Полошкиот Регион, кој се смета за најранлив во однос на ова прашање. Само во 2015 и 2016 година во регионот се случија неколку поплави од кои една со катастрофални последици која однесе човечки животи и направи голема материјална штета.
Швајцарскиот експерт за управување со кризи и намалување на ризици од катастрофи, универзитетскиот професор Маркус Цимерман, ги сподели искуствата на Швајцарија и успешноста на моделите што се применуваат на национално и светско ниво. Според Цимерман, во текот на реализацијата на проектот, кој ќе трае четири години, треба да се подобри подготвеноста и да се зајакнат капацитетите на институциите за заштита од поплави. Предвидено е градење стратегиски важна инфраструктура, воспоставување системи за навремено предупредување и алармирање, како и одржлив урбанистички и економски развој во општините од овој регион.
На работилницата беа презентирани и наодите од истражувањето и оценувањето на Планот за управување со ризикот од поплави во регионот. Овие податоци ќе им овозможат на експертите и проектните партнери да предложат конкретни мерки за намалување на ризикот од поплави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Возило паднало во водите на реката Радика, има загинати, во прекин сообраќајот Маврово-Дебар
Патничко моторно возило попладнево паднало во реката Радика, на локација кај Манастирот „Св. Јован Бигорски“.
„Од 18:30 часот, сообраќајот на регионалниот пат Маврово -Дебар е во прекин поради извлекување на патничко моторно возило од сообраќајната незгода со загинати лица од водите на реката Радика во близина на Манастирот св.Јован Бигорски, соопшти АМСМ.
Uncategorized
(Видео) Владата ги намали парите за загаден воздух за 50 отсто во споредба со лани, рече Лукаревска и праша кои конкретни мерки се преземени
Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на денешната седница посветена на пратенички прашања го праша министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, за кратењето на буџетските средства за заштита на животната средина и за тоа како Владата планира да се справи со аерозагадувањето кога од година на година ги намалува средствата за оваа намена.
„Во ребалансот на буџетот за 2025 година – заштитата на животната средина како функција на државата има евидентно намалување на буџетските средства за 13,4 % во износ од 868 милиони денари помалку сведувајќи се од 6,4 милијарди на речиси 5,6 милијарди денари за фискалната година. Најголемата промена е во ставката – намалување на загадувањето, каде што првично планираните 3,2 милијарди денари се сведуваат на 2,6 милијарди денари, што претставува приближно 19 % намален буџет, а во однос на претходната година планирано е тој да се намали за 48,2 %, тоа е речиси 50 %“, рече Лукаревска.
Таа нагласи дека е несвојствено да се кратат средства за области кои се рак рана на општеството и изрази загриженост за тоа како ќе се справиме со загадувањето, кој ќе биде третманот за отпадни води, како ќе ја заштитиме природата, каков квалитет на воздухот ќе имаме, како ќе се зајакне надзорната функција на Државниот инспекторат за труд и како ќе се унапредува животната средина.
„Моето прашање е кои конкретни мерки ги преземате како Влада, односно како ресорно министерство во борбата против аерозагадувањето имајќи го предвид фактот дека од година на година со секој буџет и ребаланс на буџетот ги намалувате средствата за справување со овој огромен проблем ?“, праша Лукаревска.
Лукаревска постави прашање и до министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, за неисполнувањето на обврските од реформската агенда, односно обврските за три реформи, кои се однесуваат на подобрување на деловната клима за малите и средните претпријатија.
Uncategorized
Израелски напад врз училиште во Појасот Газа
Петмина Палестинци загинаа при израелскиот напад врз училиште во квартот Ал Туфа, источно од градот Газа, каде се сместени раселени лица.
Помеѓу загинатите има и деца. При нападот повредени се и повеќе лица кои се хоспитализирани.
Израелската армија соопшти дека неколку осомничени лица се идентификувани надвор од обележаната линија за прекин на огнот и оти отвориле оган врз нив.
Хамас нападот го оцени како „брутално злосторство“ и уште едно кршење на Договорот за прекин на огнот.
Според палестинското Министерство за здравство во Газа, од стапувањето во сила на Договорот за прекин на огнот, убиени се 400 Палестинци.

