Uncategorized
13. издание на фестивалот на нова музика ЗДРАВО, МЛАДИ на 23 септември во МКЦ
На 23 септември (сабота), со почеток во 20 часот, па сè до раните утрински часови следниот ден, ќе се одржи 13. јубилејно издание на фестивалот на нова музика ЗДРАВО, МЛАДИ, кој повторно го носи свежиот звук на светската музика во Скопје.
На 5 бини во Младинскиот културен центар ќе настапат повеќе од 20 артисти од 11 земји од Европа. Како и секоја година, програмата на фестивалот цели кон жанровска разновидност, нови и надежни артисти, како и веќе етаблирани музичари во својата музичка кариера. Надоаѓачките артисти се срцевината на фестивалот.
Во салата „25 Мај“ во МКЦ, популарно позната како Денсинг-сала, централниот настан ќе го отвори настапот на рускиот џез-панк состав „Оми“ по кој следуваат фолк-сензацијата Џутко и „Плодови земље“ од Хрватска, потоа домашниот состав „Мај тиар“ со нов состав и најава за новиот албум, хрватската психоделична банда „Немања“ за на крајот вечерта на оваа бина да се затвори со долгоочекуваниот настап на хрватскиот антирапер Војко В и „Доуп куќата“.
Киното „Фросина“ е наменето за млади надоаѓачки артисти, а некои од нив настапот на ЗДРАВО, МЛАДИ им е посебен предизвик во нивните новопечени кариери. На оваа бина ќе се проследат настапите на новата ѕвезда на српската поп-музика, Жива, Португалката маѓионичарка на уку лелето, Рита Брага, домашниот џез-фолк состав „Калата“ и францускиот рапер Јоланде Башинг.
Клубот МКЦ е резервиран за електронските артисти на фестивалот. Овде публиката ќе има можност да го чуе легендарниот рокенрол-изведувач Јан Свенониус и неговиот последен проект „Ескапизам“, францускиот електронски артист, чиј настап долго се очекува YMNK, кралевите на кумбијата, „Маускович денс бенд“, Италијанците Планет Опал и ѕвездите на вечерта, Британците од PVA, кои за многу кратко време ќе се искачат многу високо на светските топ-листи.
Џебното кино во МКЦ е резервирано за промоција на литературно-музичкиот колектив „Слово култ“, со настап на 3 електронски артисти, ЏејДи Зази, Елизабета Костадиновска и Маргарет Аноун.
На платото пред МКЦ, пак, со свој диџеј-сет ќе нè загреваат во текот на целата фестивалска вечер – резидент диџејот на Здраво Млади, диџеј Фиц заедно со поддршка од локалните диџеј уметници Ајнур Касо и Ертунч Сали.
Младинскиот културен центар ветува уште едно спектакуларно издание на фестивалот, кој оваа година е финансиран од страна на Министерството за култура и Град Скопје, како и настапите на артистите, кои се дел од програмата „Лајвјуроп“.
Билетите се по цена од 800 денари сè до денот на фестивалот. Билетите може да се набават на билетарницата на МКЦ или на онлајн-линкот за продажба на билети на МКЦ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Претежно облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде претежно облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Попладне наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 20 л/м2), локално поројни и проследени со грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 15, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени.
Во Скопје претежно облачно со повремени врнежи од дожд, особено попладне кога во делови од котлината ќе бидат поројни. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 18 степени.
До четврток ќе преовладува променливо облачно и посвежо време со повремени врнежи од дожд и ретка појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец (над 60 км/час). Пораст на температурата се очекува кон крајот на седмицата.
Uncategorized
Премиерот Џафери и владиниот државен врв во чест на 9 Мај: Цврсто стоиме на браникот против фашизмот и во одбрана на европската идеја
Владиниот државен врв ги одбележува денешниот голем и значаен датум за Република Северна Македонија и за демократскиот свет, 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.
Делегација на Владата на Република Северна Македонија, предводена од претседателот на Владата, Талат Џафери, во состав со министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, и заменик-министерката за правда, Викторија Аврамовска-Мадиќ, положи цвеќе и им оддаде почит на борците од Народноослободителната борба пред споменикот „Ослободители на Скопје“ на платото пред Владата на Република Северна Македонија.
На официјалната церемонија, реализирана со воени почести, почит оддадоа и положија цвеќе и: делегација на Сојузот на борците од НОАВМ, предводена од Наум Бурески, претседател на Градскиот одбор на Сојузот на борците, од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Билјана Блажевска, аѓутант, делегација на Собранието на Република Северна Македонија, предводена од Снежана Калевска-Ванчева, пратеничка, делегација на Армијата на Република Северна Македонија, предводена од бригаден генерал Орце Јордев, како и претставници од дипломатскиот кор во државата, меѓу кои и амбасадорот на Европската Унија, Дејвид Гир, делегација на Град Скопје, претставници на политички партии.
Претходно, во церемонија со воени почести, делегации од Владата, од Кабинетот на претседателот на државата, од Собранието, од Сојузот на борците од НОАВМ, претставници од дипломатскиот кор, од Град Скопје, од политичките партии, оддадоа почит и положија цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел.
Република Северна Македонија секогаш била на вистинската страна на историјата. Така било за време на Втората светска војна кога земјата била рамо до рамо со прогресивните антифашистички сили. Нашата држава е создадена на рушевините на фашизмот, во извојуваната слобода и со прогресивната идеја за напредок. И, денес, во сложениот геополитички контекст, стоиме со сојузниците како рамноправна членка на НАТО и идна членка на Европската Унија темелејќи го развојот на демократијата.
Пораката на премиерот Талат Џафери и на Владата во чест на денешниот 9 Мај, Ден на победата над фашизмот и Ден на Европа, е дека цврсто стоиме и ќе стоиме на браникот пред какви било форми на современ фашизам, кои се закана за мирот и прогресот насекаде во светот. Исто така, со искрена почит кон големата европска идеја, на која се темели изградбата на Европската Унија, ќе продолжиме да придонесуваме во заштитата и афирмацијата на европските вредности како гаранти на мирот и перспективите и на Република Северна Македонија. Република Северна Македонија припаѓа во европското семејство на народи и држави и стремежот на граѓаните за членство во Европската Унија заедно ќе го оствариме.
Uncategorized
Oсмани: Ја победивме албанската опозиција со над 40.000 гласа, да се почитува волјата на народот
Прелиминарните резултати покажуваaт длабока победа на Европскиот Фронт, наспроти албанската опозиција со над 40 илјади гласа, изјави кандидатот за претседател, Бујар Османи, кој според првичните неофицијални резултати е пред неговиот опонент од албанскиот опозициски блок, Арбен Таравари.
„Оваа победа само докажува дека Европскиот фронт станува една голема локомотива за европската иднина на нашата држава“, рече Османи, додавајќи дека волјата на народот е јасна и треба да се почитува од сите.
Како што додаде, резултатите покажуваат дека се уште имаме поделено општество, притоа нагласувајќи дека Албанците, Турците, Бошњаците, Ромите кажале дека самите одлучуваат за својата иднина и никогаш нема да дозволат некој друг да одлучува за нив.
Приврзаниците на ДУИ вечерва се собраа на плоштадот „Скендербег“ во Скопје за да ја слават објавата на првичните неофицијални резултати од првиот круг.