Uncategorized
„Пети Смит – сон на животот“ вечерва во Кинотека
Вечерва во 20 часот, во рамките на осмото издание на „Off-fest“, во Кинотеката на Македонија ќе биде прикажан документарниот филм „Пети Смит – сон на животот“ („Patti Smith: Dream Of Life“) на режисерот Стивен Себринг
Снимен во период од единаесет години, долгометражниот деби филм на уметникот и фотограф Стивен Себринг претставува оригинален и интимен портрет на легендарната пејачка, музичарка, поетеса и активистка. Филмот е своевиден поглед низ клучалка во филозофијата и уметноста на Пети Смит, следејќи ги нејзините почетоци како панк-икона во седумдесеттите, преку енергичните живи настапи и неформалната комуникација со пријателите и соработниците (Филип Глас, Мајкл Стајп, итн.), па сe‘ до предизвиците на секојдневниот живот и прераната смрт на нејзиниот сопруг Фред ‘Соник’ Смит од MC5, и смртта на братот Тод. Преку прекрасната фотографија (црно-бела и во боја), Себринг ја доловува сржта на природата на оваа витална и мошне значајна американска уметница. Трогателна посвета, едновремено моќна, забавна, сурова и оригинална, како и главната протагонистка во филмот. „Не постои човек што е само едно. Јас не сум само моден фотограф. Пети Смит дефинитивно не е само рок-икона. Таа е многу повеќе од тоа. За мене, овој филм претставува обид да се открие која е и што е Пети Смит“. – Стивен Себринг
Режисерот Стивен Себринг е роден во Јужна Дакота, пораснал во Аризона, а раната младост ја поминал занимавајќи се со атлетика, фармерство и столарство. Интересот за фотографијата го развива во тинејџерските денови, кога едновремено ја проучува и филмската камера. Во тој период отвора и фото-студио со рок на траење од неколку години, за да конечно избега од ограничувањата и стереотипите на американскиот југозапад, преселувајќи се во Европа, со цел да ги прошири своите хоризонти. Се етаблира како фотограф познат по својот карактеристичен стил на спојување на суровиот реализам и фантазијата на високата мода. Работејќи за голем број модни списанија и фотографирајќи низа рекламни кампањи на големите компании, тој успеа, меѓу другото, да сними и режира неколку кратки филмови. Средбата со Пети Смит, а особено нејзините концерти, го инспирираа да се впушти во оваа 11-годишна авантура наречена „Пети Смит – сон на животот“, што може да се смета за своевиден експеримент, со оглед на неговиот скромен бекграунд како филмски режисер. Во меѓувреме, Себринг режираше и два кратки филма за линијата DKNY на Дона Каран, кои поминаа одлично кај критиката, а беше и автор на неколку фотографски монографии. Неговите фотографии се присутни во книгата на Пети Смит „Patti Smith Complete; Lyrics, Reflections and Notes for the Future”, како и на нејзините албуми „Gung Ho”, “Land” и последниот „Twelve” од 2007 година. Соработката со Пети Смит продолжува со продукцијата на уметничката инсталација „Objects of Life”, како и со создавањето на книгата “Patti Smith: dream of life” којашто претставува, всушност, хроника на многубројните моменти, музички транскрипти и необјавени фотографии што произлегоа од необичното искуство на снимањето на овој филм.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Бајден: Знаеме кои сме, време е да му го покажеме тоа на светот и на самите себе
Џо Бајден им се придружи на американските претседатели од редовите на Демократската партија во осудата на смртоносната пукотница во Минеаполис. Коментирајќи ја веста дека федералните агенти го убиле 37-годишниот медицински техничар Алекс Прети, Бајден рече дека чинот претставува „предавство на најосновните вредности на Американците“.
Во изјавата во која се повикува на уставното право на правична постапка, Бајден рече: „Ние не сме земја што пука во своите граѓани на улица. Ние не сме земја што дозволува бруталност врз граѓаните за остварување на нивните уставни права. Ние не сме земја што го гази Четвртиот амандман и толерира тероризирање на нашите соседи“.
„Луѓето од Минесота нè потсетија на сè што значи да се биде Американец, а тие веќе претрпеа премногу под оваа администрација. Насилството и теророт немаат место во САД, особено кога нивната сопствена влада ги таргетира американските граѓани“, додаде тој.
Во малку прикриена критика кон Доналд Трамп, чија администрација се соочува со растечки критики за тактиките за имиграција, Бајден истакна: „Никој не може да го уништи она за што се залага и во што верува Америка, дури ни претседателот, ако ние, целата Америка, се заложиме и проговориме“.
„Знаеме кои сме. Време е да го покажеме тоа на светот. Уште поважно, време е да го покажеме и на самите себе“, истакна тој. Тој повика на „целосни, фер и транспарентни“ истраги за „бесмислените“ убиства на Прети и Рене Гуд.
Изјавата на Бајден следува по осудите што ги упатија претходно Барак Обама и Бил Клинтон. И двајцата ги повикаа Американците да проговорат и предупредија дека основните американски вредности се нападнати по засилената репресија на администрацијата на Трамп против имиграцијата во Минеаполис.
По напуштањето на функцијата, Бајден претежно се држеше подалеку од јавноста. Тој моментално се лекува од рак на простата и е ангажиран во пишување мемоари и развивање на претседателската библиотека.
Неговите изјави доаѓаат во време кога многу демократи се незадоволни од неговата одлука да остане претседателски кандидат на партијата долго време во текот на изборниот циклус во 2024 година, потег што критичарите го оценија како ослабување на моментумот на партијата.
Бајден на крајот ѝ ја отстапи номинацијата на потпретседателката Камала Харис, која Трамп ја победи и освои втор мандат во Белата куќа.
Uncategorized
Најдено тело на четиригодишно дете кое паднало oд брод со мигранти
Крајбрежната стража на Грција вчеравечер уапси маж кој со брод се обидел да избега додека криумчарел мигранти, додека пак пред два дена, по дојава дека биле истоварени мигранти кај Икарија, властите пронашле тело на четиригодишно дете.
Патрола на крајбрежната стража го забележала бродот како се движи со голема брзина кон западниот брег на Хиос, по што започнала потера, а криумчарот отишол кон плажата Гларој каде ги „истоварил“ сите патници кои избегали.
Подоцна, Крајбрежната стража и локалната полиција подоцна пронајдоа 16 мажи, 11 жени и девет деца, по што биле однесени во прифатен центар на Хиос.
Uncategorized
Возило паднало во водите на реката Радика, има загинати, во прекин сообраќајот Маврово-Дебар
Патничко моторно возило попладнево паднало во реката Радика, на локација кај Манастирот „Св. Јован Бигорски“.
„Од 18:30 часот, сообраќајот на регионалниот пат Маврово -Дебар е во прекин поради извлекување на патничко моторно возило од сообраќајната незгода со загинати лица од водите на реката Радика во близина на Манастирот св.Јован Бигорски, соопшти АМСМ.

