Забава
Поради скара на тераса маж во Германија заврши на суд
Маж од Бад Телц, Германија често правел скара на својата тераса. Меѓутоа, на парот кој живеел над него му пречеле чадот и миризбата. Случајот заврши на суд, а процесот се одолговлекуваше неколку години, јавуваат германските медиуми.
На убаво време соседот речиси секој ден правел скара, велат обвинителите. Иако во употреба имал само една електрична скара, на соседите им пречел чадот кој влегувал во нивниот стан на вториот кат, па пензионерите се обратиле на суд. Првото рочиште беше одржано во 2021 година пред судот во Волфратсхаузен.
Парот сакал соседот да прави скара на тераса само пет пати годишно, а најмногу два пати месечно. Тогашниот судија дал предлог за спогодба: ограничете ја скарата на четири пати месечно и 20 пати годишно. Сепак, договорот пропаднал бидејќи обвинетиот не се изјаснил. Тогаш биле сослушани десет сведоци од здружението на сопственици на станови, пишува магазинот Феникс.
Но, ниту тоа не донесе резултати. Тужбата пропадна на суд.
Во февруари 2023 година, Окружниот суд во Минхен се занимаваше со спорот меѓу соседите. Повторно беа сослушани другите соседи и сведоци. Овој пат судот донесе одлука: обвинетиот смее да прави скара не повеќе од четири пати месечно на својата тераса на приземјето на станбената зграда. Покрај тоа, тој не смее да користи скара во два последователни викенд дена или две последователни недели или државни празници.
Доколку мажот не ги почитува упатствата на судот, се соочува со казна до 250.000 евра.
Не постои законска регулатива која вели колку често можете да правите скара, објаснуваат од Здружението на станари во Минхен. Сепак, експертите за станари советуваат да се погледне договорот за закуп. Обично пишува кога и колку често можете да ја користите скарата. Ако тоа го нема во договорот за закуп, па дури и во куќниот ред, тогаш според здружението на станари, т.н. „соседски договор“ секојдневното користење на скарата не е разумно доколку на тоа се жалат соседите.
Кога случај како овој ќе заврши на суд, исходот може да биде многу различен. Судот во Бон пресуди дека сопственикот е должен да се погрижи скарата да биде дозволена само еднаш месечно и дека скарата мора да се најавува 48 часа однапред. Судот во Вестерштеде, пак, постави ограничување за скара десет пати годишно, пишуваат германските медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
Најагресивните раси на кучиња кои не се препорачуваат за неискусни сопственици
Секое куче може да биде агресивно, без разлика на расата. Порталот „Дог академи“ посочува некои од најагресивните раси кучиња и додава дека одредени раси на кучиња се посклони кон агресија за разлика од други. Во продолжение се расите на кучиња кои не се препорачуваат за неискусни љубители и сопственици кои немаат доволно време за обука, тренинг и за дружење со миленикот.
Чивава
Иако ова е мало, верно куче, одгледувачите многу добро знаат за неговата агресивност и проблеми со однесувањето. Чивавите може да бидат многу непријателски настроени кон туѓинци и кон други животни. Поради својата големина, не се сметаат за „најопасната“ раса, но доколку не се правилно одгледани и социјализирани, може да предизвикаат штета со каснувања.
Ротвајлер
Ова куче има вродена агресија поради што некои луѓе ги користат, пред сѐ, за борба со кучиња. Ова куче е заштитнички настроено и верно на својот сопственик, но има голем нагон за барање плен и затоа му треба добар тренинг. Сепак, ротвајлерот е интелигентно милениче и брзо учи, поради што не е проблем за сопствениците кои имаат искуство со агресивни раси.
Питбул-териер
Како силни, мускулести и кучиња со силна вилица, и питбул-териерите често се користат во уличните борби. Во погрешни раце, овие кучиња стануваат и сериозна опасност за околината, со доволно чести смртни исходи. Се препорачуваат само за искусни сопственици.
Неаполски мастиф
Овие кучиња станаа светски познати веројатно и поради кучето Фанг кое се појавува во серијалот „Хари Потер“. Иако големо и силно, ова куче е исклучително верно. Агресивно е кон туѓинци и кон секое лице или животно што го смета за закана. Тренингот и социјализацијата на мастифот треба да почнат кога сѐ уште е мало куче – за да се спречи агресивното однесување подоцна.
Чау-чау
Иако изгледаат како „плишани мечиња“, и овие кучиња се познати по својата недружељубива и агресивна природа. Тие обично може да се одгледуваат за лов и чување имот. За ова куче да ја потисне својата агресија, му треба постојана обука и строга контрола.
Аргентинска дога или мастиф
Бара строго воспитување, доследен тренинг и искусен сопственик за да се спречи секакво агресивно однесување. Не треба да се чува во домаќинства со други животни.
Германски овчар
Во погрешни раце, и овој домашен миленик може да биде опасен и агресивен, бидејќи е природен заштитник на својата територија, па така и на своето семејство. Поради неговата висока интелигенција и брзо учење, денес често се користи и како полициско-воено куче.
Германската армија почна со обука на службени кучиња за откривање на инфекција со коронавирусот.
Мексиканската армија оваа недела стана побогата за еден член – тримесечен германски овчар. Тој ќе биде дел од специјалната единица за наоѓање и помош на преживеани лица по земјотрес и други п
Јазовчар
Како и чивавата, и јазовчарот е мало куче склоно кон агресија. Поради нивната големина, тие често се чувствуваат загрозени и тоа обично резултира со ‘ржење, лаење и гризење заради заштита. Ним им треба тренинг и социјализација што почнува што е можно порано, поради потиснување на агресијата.
Далматинец
Познатите точкести кучиња се заштитен знак на противпожарните единици, но и тие важат за агресивни кучиња, што произлегува од нивната тврдоглавост и нагонот за бранење на својата територија. Покрај тоа, далматинецот има и висок нагон за плен, поради што може да нападне и дете. Со соодветни вежби и социјализација, и ова куче може да биде одлично семејно милениче.
Забава
Си Ен Ен објави вознемирувачко видео на кое раперот Пи Диди брутално ја тепа поранешната партнерка Каси
Вознемирувачки снимки од надзорни камери, на кои се гледа како американскиот продуцент и рапер Шон Комбс (54), познат како Пи Диди, врши брутално насилство врз неговата поранешна партнерка Касандра Вентура (37), позната како Каси, во хотелот Интерконтинентал во 2016 година објави „Си-ен-ен“.
На видеото се гледа како Пи Диди, само со крпа на себе, трча по Каси низ ходникот од хотелот. Додека таа се обидувала да влезе во лифтот, тој ја фатил за глава и ја удрил од подот. Ја удира со нога додека таа лежи неподвижна на земја, па ги зема двете чанти со кои девојката се обидувала да побегне. На крајот Диди ја одвлекува во соба.
Забава
Победникот на Евровизија ја повика Швајцарија да воведе трет пол во официјалните документи
Победникот на Евровизија, Немо Метлер, ја повика швајцарската влада да признае трет пол во официјалните документи.
Метлер истакна дека е апсолутно неприфатливо таква можност веќе да не постои во Швајцарија, пишува „Гардијан“.
„Треба да бидеме застапени и во политиката. Многу е важно луѓето да се чувствуваат видени“, рече Метлер, кој на прашањето по победата со кого првин би сакал да разговара, без размислување, го именува швајцарскиот министер за правда, Бит Јанс.
Во средата, според неговиот портпарол, министерот му испратил СМС-порака на Метлер, во која му ја честитал победата на Евровизија и го поканил да се видат.
Пред 18 месеци швајцарската влада го отфрли токму овој предлог.