Забава
Тони Цетински: Мојот официјален профил на Инстаграм беше хакиран

Хрватскиот пејач Тони Цетински вели дека некој му го хакирал профилот на Инстаграм.
„ВАЖНО! Мојот официјален профил на Инстаграм е хакиран и одземен. Правиме се што можеме за да го вратиме“, напиша 55-годишниот пејач предупредувајќи ги своите следбеници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Забава
На кого ќе му припаднат милионите на Озборн?

Години наназад беше познат како Принцот на темнината, неговиот глас беше симбол на бунт, а животот сè освен вообичаен.
Но, во позните години, Ози Озборн често истакнуваше: „Семејството ми е сè.“
По неговата смрт на 22 јули на 76-годишна возраст, по долга борба со Паркинсонова болест, стана јасно дека зборовите на Ози не биле само празна фраза.
Кој ќе го наследи неговото богатство?
Својот тестамент Озборн го составил уште пред неколку години, кога здравјето му било веќе сериозно нарушено. Во него јасно било наведено дека речиси целото богатство — проценето на околу 220 милиони долари — ќе ѝ припадне на неговата сопруга Шерон и на нивните деца.
Иако бил речиси неподвижен, Ози само 17 дена пред смртта одржал проштален концерт, по кој тивко се повлекол од сцената. Бил решен да остане верен на публиката до последниот здив.
Ќерката која го напуштила не била заборавена
Интересно е што неговата најстара ќерка, Ејми, иако со години далеку од јавноста, не била изоставена од тестаментот. На само 16 години го напуштила семејниот дом, одбивајќи да учествува во реалното шоу „Озборнови“, кое семејството го претвори во поп-културен феномен.
Иако се занимавала со музика, никогаш не сакала да ја користи славата на својот татко. Сепак, наследила една третина од богатството, но нејзиниот дел бил структуриран така што ќе го добива на квартални исплати сè додека не наполни 50 години.
Ози не сакал да изостави ниту едно дете. Освен Ејми, наследството го делат и Кели и Џек, кои со години често биле присутни во медиумите. Кели, покрај дел од парите, ќе ја наследи и семејната куќа во Хенкок Парк, која моментално е ставена на продажба, додека Џек ќе го добие имотот во Калифорнија и дел од правата на музичкото наследство на Ози.
Шерон Озборн, неговата долгогодишна сопруга која била покрај него и во најтешките моменти, имала клучна улога во изработката на тестаментот. Заедно со Кели и Џек, ќе има надзор над распределбата на наследството.
Сепак, останува непознато што им оставил на децата од првиот брак, како и на посвоеното дете од таа заедница. Иако односите можеби не биле идеални, последните години од животот покажале дека за него семејната поврзаност била поважна од сликата во јавноста.
Во знак на благодарност и хуманост, Ози го донирал целиот приход од прошталниот концерт — околу 190 милиони долари — за истражувања на Паркинсоновата болест, на болницата во Бирмингем и на фондацијата „Cure Parkinson’s“.
Забава
Ози Озборн се враќа дома за последно збогум, погребна поворка низ Бирмингем

Обожавателите утре ќе имаат можност да му оддадат последна почит на легендата на хеви-метал музиката, Ози Озборн, кога поворката ќе патува низ неговиот роден град Бирмингем. Телото на пејачот на „Блек сабат“ ќе биде вратено за поворка што ќе се движи по Брод стрит во центарот на градот од 13 часот в среда“, објави Би-би-си.
Погребното возило ќе ги мине мостот „Блек сабат“ и клупата на која илјадници обожаватели оставија пораки и положија цвеќе. Градоначалникот на Бирмингем, Зафар Икбал, рече: „Ќе оддадеме последна почит на една од најголемите живи легенди на Бирмингем“.

Клупата на мостот „Блек сабат“, која обожавателите од целиот свет ја затрупаа со цвеќе и пораки
Озборн почина на 76-годишна возраст на 22 јули.
Неговата смрт е на помалку од три недели по учеството, заедно со своите колеги од бендот, на прошталната свирка на „Блек сабат“, „Назад кон почетокот“. Десетици музичари, вклучувајќи членови на „Металика“ и на „Аеросмит“, настапија на концертот во Вила „Парк“.
Погребната поворка, која е планирана пред приватниот погреб на Озборн, ќе му овозможи на неговото семејство да ги види многуте спомени што ги оставиле неговите лојални обожаватели оддавајќи му почот.
Локалните музичари од „Бостин брас“ ќе ја придружуваат поворката. Опишувајќи го како син на Бирмингем, Икбал рече: „Тој го стави Бирмингем на мапата. Тој го стави Астон на мапата“.
Луѓе од далечни места, како Мексико, САД и Полска, оттогаш патуваат во градот за да додадат на морето цвеќиња и пораки на мостот „Блек сабат“.
„Брод стрит“ ќе биде затворен за сообраќај од 7 часот в среда, а трамваите и автобусите ќе бидат пренасочени во текот на денот и ќе бидат повторно отворени што е можно побргу по настанот, изјави портпаролот на градскиот совет.
Забава
Животни навики што го зголемуваат ризикот од деменција

Стареењето носи со себе многубројни стравови, но еден особено се издвојува – губење на меморијата.
Можноста да ги заборавиме сопствената адреса, лицата на најблиските или како да ги извршуваме наједноставните задачи влева страв во коските кај многу луѓе. Тој страв дури има и име: деменција.
Деменцијата е општ термин за состојби што предизвикуваат сериозен когнитивен пад до тој степен што влијаат на секојдневниот живот. Иако некои луѓе се генетски посклони, експертите истакнуваат дека одредени животни навики исто така може значително да го зголемат ризикот.
Важно е да се напомене дека менувањето на овие навики не е гаранција против деменција, но носи многубројни други придобивки за целокупното здравје.
Игнорирање на влијанието на храната врз мозокот
Старата поговорка – она што е добро за срцето е добро и за мозокот – сè уште важи. Експертите нагласуваат дека исхраната игра клучна улога во зачувувањето на когнитивните функции. Тие препорачуваат медитеранска исхрана, богата со здрави масти, посно месо, интегрални житни зрна, овошје и зеленчук. Таканаречената диета УМОТ, која нагласува бобинки, лисстест зелен зеленчук, риба и маслиново масло, е храна за која е докажано дека е добра за здравјето на мозокот.
Игнорирање на постојните здравствени проблеми
Хроничните болести, како дијабетес, висок крвен притисок и висок холестерол, се познати фактори на ризик за деменција. Редовното и сериозно лекување на овие состојби, особено оние од васкуларна природа, е клучно за намалување на ризикот. Ова ја штити вашата циркулација и осигурува дека вашиот мозок добива доволно крв и кислород,- што е клучно за спречување на васкуларната деменција, една од најчестите форми на болеста.
Недостиг на квалитетен сон
Мозокот се поправа за време на длабокиот сон. Потоа се чисти од бета-амилоид, токсичен протеин кој придонесува за Алцхајмеровата болест. Затоа е важно да се добие доволно квалитетен, реставративен сон. Апнејата при спиење, која често не се препознава кај постарите возрасни лица, може драстично да го намали квалитетот на вашиот одмор. Лековите за спиење може да ги нарушат и природните циклуси на спиење на вашето тело, што значи дека вашето тело не го добива потребниот одмор за консолидирање на спомените.
Занемарување на пријателите и на семејството
Социјалната поврзаност е исклучително важна за менталното здравје. Осаменоста, изолацијата и депресијата негативно влијаат не само на когнитивната функција туку и на стапките на смртност. Некои експерти предупредуваат дека осаменоста кај постарите лица е речиси исто толку опасна како и умереното пушење. Одржувањето социјални контакти, без разлика дали преку разговор, слушање или заеднички активности, го одржува умот активен и ангажиран.
Прекумерно пиење алкохол
Постојат сè повеќе докази дека алкохолот е штетен за здравјето – од оштетување на црниот дроб до зголемен ризик од рак, а особено е штетен за мозокот. Како што старееме, нашиот црн дроб потешко го обработува алкохолот, а тоа е директен токсин, кој, меѓу другото, може сериозно да го наруши сонот. Експертите советуваат дека ако сте загрижени за вашата меморија, намалувањето на алкохолот треба да биде еден од првите чекори.
Избегнување физичка активност
Активниот начин на живеење е клучен за здравјето на мозокот. Ова не значи само одење во сала за вежбање, туку и секојдневни активности, како што е одење наместо возење. Препораката за постари лица е 30 минути аеробни вежби пет дена во неделата. Вежбањето го подобрува кардиоваскуларното здравје, што директно влијае на здравјето на мозокот. Важно е да се почне со вежбање на време долго пред да се појават какви било когнитивни промени.
Заштита од повреди на главата
Повредите на главата се поврзани со поголем ризик од деменција. Иако можеби немаат големо влијание врз нивото на популацијата, кај лицата што доживуваат тешка повреда на главата ризикот може значително да се зголеми. Затоа експертите даваат едноставен, но важен совет: ако возите велосипед, секогаш носете кацига. Тоа е мала претпазливост што може да има големо влијание.
Игнорирање на симптомите на депресија
Депресијата, дури и во својата најблага форма, може да ги наруши сите навики што се клучни за когнитивното здравје – од дружење и физичка активност до правилна исхрана и грижа за себе. Затоа лекувањето на депресијата е исклучително важно и може да биде еден од начините за подобрување на когнитивното стареење и намалување на ризикот од деменција.
Деменцијата не е ничија вина
Иако бројот на луѓе со деменција се зголемува, ова делумно е затоа што луѓето живеат подолго. Добрата вест е дека ризикот од развој на болеста, всушност, малку се намалил на одредени возрасти, веројатно благодарение на подобрата грижа за кардиоваскуларното здравје. Денес постојат и лекови што може да го забават напредувањето на Алцхајмеровата болест, најчестата форма на деменција.
Сепак, важно е да се нагласи дека некои луѓе ќе развијат деменција поради генетика или други фактори на кои не може да влијаат. Не е фер да се очекува таквите луѓе да живееле погрешно. Промената на животните навики значи да се направи сè што е во наша моќ за да се намали ризикот, но без да се чувствуваме виновни ако болеста се појави.