Забава
Македонец и Казакстанка се венчаа под вода
Анте и Катерина, својата љубов ја крунисаа со брак под вода, јавува Охридњус. Нивната венчавка се одржа во изворите на Дрим кај Свети Наум, со што Анте и Катерина Тодоровски станаа првиот пар во Македонија што судбоносното ДА го “кажа“ под вода
Подводната свадбена церемонија ја организираше нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид, потпомогнат од ресторанот „Острово“. Венчавката ја изврши меѓународниот нуркачки инструктор Милутин Секуловски, кој истакна дека тоа е свадбен подарок за нивните колеги Анте и Катерина, кои исто така се професионални нуркачи.„Венчавката се одвиваше на длабочина од 3 метри и траеше околу дваесетина минути. Младенците под вода го кажаа судбоносното ДА, си разменија венчални прстени и се бакнаа, истакна Секуловски.Тој рече дека олеснителна околност било тоа што младенците биле професионални нуркачи.„Во спротивно младенците ќе треба најпрвин да минат основен курс по нуркање“, појасни Секуловски, додавајќи дека Нуркачкиот центар „Амфора“ е подготвен доколку има интерес во иднина да организира подводни венчавки. „За цена не сме размислувале, но ќе се договориме“, додаде Секуловски.Четириесет годишниот Анте е роден во Скопје, но живее и работи во Минхен, Германија, додека неговата шест години помлада сопруга по потекло е од Казахстан. Семејната веселба на Анте и Катерина се случи минатиот викенд во еден од рестораните крај плажата „Градиште“.Подводната венчавка на Анте и Катерина е овековечена со видео снимка и фотографии кои ги направи професионалниот фотограф и нуркач, Емил Јовановиќ.„Малку е поспецифично да се работи под вода, но мислам дека видео и фото-материјалот што го направивме е одличен. Ова е нешто ново и за нас и сигурно ќе го понудиме снимениот материјал на телевизии и продукции низ Балканот, а преку интернет ќе го види и светот“ рече Јовановиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
„Ми делуваше како некој дедо“: Сара Фостер за состанокот со Џорџ Клуни кога имала 19 години
Сара Фостер откри дека во 1990-тите, кога имала 19 години, била на состанок со Џорџ Клуни, но искуството за неа било „многу непријатно“. Состанокот ѝ го договориле Синди Крафорд и нејзиниот сопруг Ренди Гербер.
Во подкастот The World’s First Podcast, Фостер раскажа дека веднаш почувствувала дека состанокот е „тотално не“, додавајќи дека Клуни ѝ изгледал „како дедо“ и дека разликата во години ѝ била многу чудна. Таа истакна дека никогаш не ги разбирала врските меѓу 19-годишни девојки и многу постари мажи.
„Сигурна сум дека Џорџ Клуни е супер човек, но се сеќавам дека сите четворица седевме на маса, а јас во главата си мислев: ‘Сакам да пропаднам во земја.’ Тој ми делуваше како некој ‘дедо’. Навистина ми беше многу непријатно. Бев тотално во лоша состојба“, раскажа таа.
Фостер смета дека ни Клуни не бил особено заинтересиран и дека состанокот бил резултат на добра намера на заедничките пријатели. Подоцна, таа беше во долга врска со тенисерот Томи Хас, со кого има две ќерки. Клуни, пак, е во брак со Амал Клуни од 2014 година и имаат близнаци.
Фото: ЕПА
Забава
Им треба секунда да се налутат: Најексплозивните хороскопски знаци
Според астролозите, постојат хороскопски знаци кои тешко ги контролираат емоциите и можат да „експлодираат“ за миг. Ова се трите најтемпераментни:
Овен
Овните се исклучително импулсивни и често реагираат без многу размислување, особено кога чувствуваат притисок или провокација. Не сакаат чекање и ограничувања, па нивните испади знаат да бидат нагли и бурни. Лутината им е силна, но краткотрајна – брзо се смируваат, како ништо да не се случило.
Лав
Лавовите најсилно реагираат кога се чувствуваат потценети или игнорирани. Нивниот темперамент е тесно поврзан со гордоста и потребата за почит. Лутината ја покажуваат отворено – со глас, гестикулации или директна конфронтација – но доколку добијат признание или извинување, брзо се смируваат.
Шкорпија
Шкорпиите не „експлодираат“ гласно, но нивните реакции се длабоки и интензивни. Најмногу ги погодуваат предавство и неискреност. За разлика од Овенот и Лавот, ним им треба повеќе време да се смират, а нарушената доверба тешко се обновува.
Забава
Кучер со пофалби за поранешната сопруга: Горд сум на неа, растури
Актерот Ештон Кучер ретко зборува јавно за својата поранешна сопруга Деми Мур, но овојпат направи исклучок и јавно ја пофали нејзината работа.
Промовирајќи ја својата нова серија The Beauty, Кучер во интервју за Entertainment Tonight се осврна на филмот The Substance („Супстанца“) од 2024 година, во кој глуми Мур.
„Нејзината улога во Супстанца доби исклучителни пофалби и навистина сум многу горд на неа – растури“, изјави Кучер.
Мур и Кучер започнаа врска во 2003 година, се венчаа во 2005, а за разделбата информираа во 2011 година. Разводот беше финализиран околу две години подоцна. Иако Мур во мемоарите Inside Out наведе дека Кучер ѝ бил неверен, актерот во 2020 година изјави дека меѓу нив „нема зла крв“.
Кучер додаде дека не се дружат, но дека останал во контакт со ќерките на Мур од бракот со Брус Вилис, нагласувајќи дека има голема љубов и почит кон нив.

