Забава
Оружјето на легендарните гангстери Бони и Клајд на аукција
Пиштолите од марката „Колт“ кои ѝ припаѓале на култната гангстерска двојка од времето на Големата депресија, Бони Паркер и Клајд Бероу, се ставени на аукција од страна на RR Auction, објави официјалната интернет страница на аукциската куќа.
Двата „колта“ биле подигнати од американските ренџери од местото на коешто била поставена заседата во којашто во 1934 година во сојузната држава Луизијана двојката била ликвидирана. Револверот со куса цевка од калибар со 38 милиметри, со дрвена резбана рачка бил пронајден на телото на Бони Паркер.
„Татко ми го зел оружјето од мртвата Бони Паркер, кој бил со бел медицински завој зацврстен на внатрешноста од нејзиниот бут. Татко ми рече дека една од причините зошто таа го носела пиштолот на овој начин, била дека ниту еден офицер, претпочитајќи да биде господин, во тоа време нема да си дозволил себеси да пребарува жена на такви места“, ја цитира аукциската куќа изјавата на Тексашкиот ренџер Френк Хамер Џуниор, син на Френк Хамер, кој ја организирал заседата во којашто паднале Бони и Клајд.
Клајд, исто така, немал време да го дофати од појасот својот полуавтоматски пиштол од 45 калибар, кој исто така бил запленет за време на пребарувањето на телото. Овој тип „колт“ инаку бил дел од вооружувањето на армијата на САД за време на Првата светска војна. Според службената верзија, „колтот“ бил украден од воено депо за оружје, на него има мали гребнатинки, најверојатно со коишто е прекриен натписот „сопственост на САД.“
Двата „колта“ му биле подарени на Френк Хамер како награда за успешната операција за ликвидирање на познатите криминалци. Во тој момент Бони и Клајд биле обвинети за 13 убиства и серија тешки грабежи, вклучувајќи и ограбувања банки.
Хамер Џуниор, признава дека на неговиот татко му било жал за убиството на „девојченцето“, како што тој ја нарекувал 24-годишната Паркер (со раст од 150 сантиметри, којашто едвај тежела 40 килограми), но ја оправдувал суровоста при организирањето на заседата, бидејќи било невозможно живи да бидат уапсени. „Немаше избор – или ние, или тие нас“, велел Хамер постариот. Во заседата инаку учествувале шест ренџери, а од истреланите 167 куршуми околу педесетина завршиле во телото на гангстерите.
Двата „колта“ ќе бидат понудени на наддавање во Њу Хемпшир на 30-ти септември. Организаторите очекуваат за секој пиштол понуда од 100 до 200 илјади долари. На колекционерите, исто така, ќе им бидат понудени и џебниот часовник на Клајд и кафената дрвена кутија на Бони, во којашто ги чувала пудрата и карминот, која била пронајдена во автомобилот во кој биле застрелани.
Приказната на Бони и Клајд, којашто Американците во текот на Големата депресија ја гледале како современа верзија на Робин Худ, стана тема за многу книги и филмови. Во Гибсленд, место каде што во заседата била застрелана двојката гангстери, повеќе од 70 години постои музеј посветен на сите учесници на настанот./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
Каков прв состанок сака секој хороскопски знак
Некои сонуваат за вечера со свеќи, други би побегнале на патување, а трети најмногу се вљубуваат додека се забавуваат на исто место во исто време. Идеалниот состанок не изгледа исто за секого – бидејќи ниту романтиката не е универзална. Каков состанок одговара на секој хороскопски знак, открива „Индекс“.
♈ Овен
Најлошо му е кога е сè пребавно и „премногу тивко“. Идеалниот состанок започнува спонтано: краток пијалок, па некаква активност – билијард, картинг, пикадо, видео игри – што било каде што нешто се случува и каде што може да се натпреварува (па макар и на шега).
♉ Бик
За него романтиката е во уживањето. Вечера во проверен добар ресторан, десертот не се прескокнува, па мирна прошетка – тоа е неговиот јазик на љубов.
♊ Близнаци
Не поднесуваат состаноци кои изгледаат како долга пауза. Им треба динамика: кафе, па изложба или паб квиз, па „ајде уште тука“ – идеално кога вечерта има неколку станици, а разговорот секогаш оди во нов правец.
♋ Рак
Бара чувство на сигурност и топлина. Пријатно бистро, домашна вечера или филмска вечер, со акцент на „ние“ – без врева, без глумење, со разговор што останува во срцето.
♌ Лав
Сака сè да изгледа како настан. Коктели на убаво место, добра светлина, малку гламур и чувство дека вечерта е посебна – дури и ако трае само неколку часа.
♍ Девица
Не поднесува хаос, но го вреднува трудот. Идеалниот состанок е организиран и смислен: кафе, па прошетка или мал излет – деталите се важни, но на тивок, прецизен начин.
♎ Вага
Ја сака естетиката и атмосферата. Вино, убава околина, галерија или некој културен настан, па вечера на место каде што не мора да се викаш за да се слушнеш – сè треба да биде „по мерка“.
♏ Шкорпија
Не се пали на генерички сценарија: сака нешто интимно, малку мрачно, со доза на напнатост. Добар бар, музика, долг разговор и чувство дека „нешто се случува“, и без многу зборови.
♐ Стрелец
Најсреќен е кога состанокот е мини авантура. Роуд трип до блиско место, улична храна, нешто ново и смешно, план кој се менува во движење – за него романтиката е во слободата.
♑ Јарец
Вреднува квалитет без драма. Сериозна, добра вечера, добро вино и разговор со смисла. Без потреба од спектакл, но мора да се почувствува почит и намера.
♒ Водолија
Бега од клишеа. Идеалниот состанок е неконвенционален: стендап, паб квиз, алтернативен концерт или нешто сосема случајно – што подоцна ќе стане добра приказна.
♓ Риби
Најнежни од сите. Прошетка покрај вода, топло вино или чоколадо, мирна атмосфера и романтика што повеќе се чувствува отколку што се планира.
Естрада
По нападите врз Чолиќ и Кајмакоски, Хари Мата Хари не стравува: „Нема што да земат од мене, не станав богаташ од оваа работа“
Познатиот пејач Хари Мата Хари наскоро ќе одржи концерт во Белград, а особено се радува што по 10 години објави нова песна. На прес-конференција, тој отворено зборуваше за својата кариера, за колегите од естрадата, но и за актуелната клима на страв по неодамнешните инциденти.
По нападот врз домот на Здравко Чолиќ, кога беше фрлена бомба, и по киднапирањето на Даниел Кајмакоски, дел од музичката сцена изрази загриженост. Но, Хари тврди дека нема причина да се плаши.
„Мислам дека не сум толку важен. Немам обезбедување. Немам што да им дадам, немаат што да земат од мене“, изјави Хари, додавајќи дека е убеден дека не се замерил со никого, пренесе „Пинк“.
„Не станав богаташ од оваа работа, ниту некого премногу го иритирав. Не сум се дружел со погрешни луѓе“, додаде тој.
Забава
(Видео) Нова мисија на „Спејс икс“ и НАСА: Четворица астронаути заминаа во Вселената
Во петок наутро, во 5:17 по локално време од Cape Canaveral, беше успешно лансирана мисијата Crew-12 со четворица астронаути на бродот на капсулата на SpaceX, која треба да пристигне на Меѓународната вселенска станица (ISS) во сабота попладне, јави „Си-ен-ен“.
Лансирањето доаѓа поради намалениот број на членови на станицата, која од средината на јануари функционираше со само тројца астронаути. НАСА го забрза терминот поради предвремено враќање на претходната мисија Crew-11, предизвикано од здравствен проблем кај еден член.
Liftoff of Crew-12! pic.twitter.com/jQ804lyjkm
— SpaceX (@SpaceX) February 13, 2026
Новиот екипаж го сочинуваат: Џесика Мир и Џек Хатавеј од НАСА, Софи Адено од Европската вселенска агенција, Андреј Феѓаев од Роскосмос.
За време на нивниот отприлика осуммесечен престој на станицата, астронаутите од мисијата Crew-12 планираат да спроведат низа истражувачки проекти. Меѓу нив се: ултразвучни прегледи на крвните садови за проучување на промените во циркулацијата, фармацевтски истражувања поврзани со бактериите што предизвикуваат воспаление на белите дробови, како и симулирано слетување на Месечината за да се процени како наглите промени во гравитацијата влијаат врз човечкото тело и когнитивните способности.
НАСА смета дека полната екипираност на станицата е клучна за максимално искористување на нејзиниот потенцијал. Според администраторот Џаред Ајзакман, досегашната практика и тековните мисии се клучни за иднината на комерцијалните вселенски станици.

