Естрада
Ким Кардашијан се врати во САД придружувана од 20 телохранители
Ѕвездата на американските реални шоу, која беше ограбена во Париз, пристигнала во понеделникот во Њујорк придружувана од обезбедување кое се состоело од дваесет телохранители, пренесува таблоидот порталот TMZ.
За безбедноста на ѕвездата, исто така, биле ангажирани и припадници на полицискиот оддел на Њујорк, пишува порталот кој е добро информиран за случувањата во животите на славните личности, кој постави видео од пристигнувањето на Ким Кардашијан и нејзиниот сопруг Кание Вест. Колоната во кој била Кардашијан се состоел од 10 автомобили.
Кардашијан беше ограбена ноќта кон понеделникот, околу три часот утрото, во хотел во Париз, каде присуствуваше на „Париската модна недела“. Според медиумите, ѝ бил украден ковчегот со накит проценет на вредност меѓу 5 и 6 милиони долари. И прстен кој е проценет на 4 милиони долари. Кардашијан, исто така, останала и без два мобилни телефона.
Во грабежот учествувале пет мажи во полициски униформи. Тие ја врзале својата жртва и ја затвориле во бањата. Портпаролката на Кардашијан изјавила дека ѕвездата не настрадала, но дека доживеала силен шок.
Веднаш по дознавањето на веста за ограбувањето на неговата сопруга, Кание Вест го прекина концертот во Њујорк, извинувајќи се со неодложни семејни причини./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Естрада
По нападите врз Чолиќ и Кајмакоски, Хари Мата Хари не стравува: „Нема што да земат од мене, не станав богаташ од оваа работа“
Познатиот пејач Хари Мата Хари наскоро ќе одржи концерт во Белград, а особено се радува што по 10 години објави нова песна. На прес-конференција, тој отворено зборуваше за својата кариера, за колегите од естрадата, но и за актуелната клима на страв по неодамнешните инциденти.
По нападот врз домот на Здравко Чолиќ, кога беше фрлена бомба, и по киднапирањето на Даниел Кајмакоски, дел од музичката сцена изрази загриженост. Но, Хари тврди дека нема причина да се плаши.
„Мислам дека не сум толку важен. Немам обезбедување. Немам што да им дадам, немаат што да земат од мене“, изјави Хари, додавајќи дека е убеден дека не се замерил со никого, пренесе „Пинк“.
„Не станав богаташ од оваа работа, ниту некого премногу го иритирав. Не сум се дружел со погрешни луѓе“, додаде тој.
Естрада
Почина Халид Бешлиќ
На 71 годинa денес во Сараево почина Халид Бешлиќ, еден од најголемите музички великани на просторот на поранешна Југославија. Пејачот ја изгуби битката со тешка болест по кратко боледување, пренесуваат медиумите од Босна и Херцеговина.
Бешлиќ беше хоспитализиран кон крајот на август во Клиничкиот центар на Универзитетот во Сараево, каде што беше под постојан надзор на лекарите. И покрај напорите на медицинскиот тим, пејачот почина денеска околу 13 часот.
Со своите безвременски хитови Халид Бешлиќ остави неизбришлив белег на музичката сцена и во срцата на многу генерации.
Роден на 20 ноември 1953 година во Кнежина кај Соколац, Бешлиќ беше симбол на севдахот и емоцијата.
Естрада
На Роби Вилијамс му е дијагностициран Туретов синдром
Музичката ѕвезда Роби Вилијамс откри дека тајно се бори со Туретов синдром. Педесет и едногодишниот пејач вели дека неговите тикови се „наметливи“ и главно внатрешни, но мислите му се толку интензивни што не може да ги замолчи дури ни за време на настап пред десетици илјади обожаватели, пишува „Дејли мејл“.
Вилијамс претходно имал дијагнози за АДХД и посттрауматско стресно нарушување, а се соочувал и со зависности од алкохол и дрога. Неодамна направил и тестирање за аутизам – резултатот бил негативен, но му било укажано дека има „аутистични особини“, вклучувајќи анксиозност кога ја напушта сигурноста на својот кревет.
Во искрен разговор за подкастот ‘I am ADHD! No, you’re not’, пејачот призна дека турнеите и понатаму го плашат, и покрај децениското искуство на распродадени стадиони.
„Што и да е во мене, тоа не разбира“
Говорејќи за најновата дијагноза, Вилијамс изјави: „Штотуку сфатив дека имам Туретов синдром, но не се манифестира надворешно. Би помислиле дека стадион полн со луѓе кои ви даваат љубов би делувал како одвлекување на вниманието, но тоа не е така. Што и да е во мене, тоа не може да разбере.“
Како и шкотскиот пејач Луис Капалди, кој во 2023 година направи пауза поради Туретов синдром, и кај Вилијамс менталното здравје силно влијае врз настапите.
„Имам многу комплициран однос со турнеите и настапите во живо. Луѓето велат: Одеш на турнеја? Сигурно си возбуден. Но не баш, ужаснат сум,“ призна тој.
Добитникот на 18 БРИТ награди рече дека АДХД му бил дијагностициран дури три пати, бидејќи секојпат „заборавал“ на дијагнозата. Првиот пат бил околу 2006 година. „Се почувствував олеснето што конечно имам официјална дијагноза,“ изјави тој.
„Но потоа почувствував уште поголемо олеснување кога добивав по 200 апчиња и мислев дека тие ќе ме поправат, затоа што секогаш барате лек. Барате лек за болеста во вашата глава. Така многу брзо преминав од голтање апчиња до нивно дробење и вшмркување,“ рече Вилијамс.
Денес, вели, е посвесен за своето ментално здравје и постојано ги бара корените на својата нелагодност.
„Кога сум во кревет, тоа е мојата зона на комфор. Се друго надвор од креветот е моја зона на нелагодност. Во дваесеттите беше ужасно, во триесеттите лошо, во четириесеттите почна да се подобрува, сега сум на нагорна линија, но сè уште се чувствувам лошо во сопствената кожа,“ заклучи пејачот.
Туретов синдром е наследно, невролошко нарушување кое се карактеризира со неволни звуци и движења – тикови. Обично започнува во детството, а симптомите можат да вклучуваат често трепкање, гримаси, слегнување со раменици или движење на главата. Состојби како АДХД, опсесивно-компулсивно нарушување и анксиозност често се поврзани со Туретов синдром.

