Hitech
Претставен HTC One M9 и со уникатни перформанси
На Светски конгрес за мобилна технологија, кој започна во неделата во Барселона, производителот на мобилни уреди HTC го претстави, како што изјавија неговите претставници, својот досега најперсонализиран, најубав и најмоќен смартфон, HTC One M9.
HTC One M9 ќе биде глобално достапен во двобојна сребрена и розово-златна варијанта, еднобојна метално сива, еднобојна златна и двобојна златна и розова во средината на март.
„Најновиот предводник во светски признаеното семејство HTC One, HTC One M9 претставува класика и воедно безвременско прославување на убавината и елеганцијата коешто е комбинација на висок стил и перформанси, овозможувајќи ви да добиете најмногу од вашиот мобилен телефон“, рече Шер Ванг, претседателката на HTC..
„HTC го изгради своето реноме предизвикувајќи ги очекувањата во мобилната индустрија” истакна Ванг и додаде дека со HTC One M9 „тоа одново се постигнува со спектакуларна елеганција и дизајн, во комбинација со интелигентни опции што ви помагаат да го оживеете вашиот свет, поврзувајќи ве на подлабок начин со нештата што вие ги сметате за најважни. Толку повеќе од обичен телефон, HTC One M9 е продолжување на тоа што сте вие…“.
Врз основа на тригодишното истражување за создавање извонредни перформанси, HTC One M9 го спојува најдоброто од наградуваните HTC One M7 и HTC One M8 во спектакуларен, легендарен дизајн, се вели во соопштението. Препознатливите метални рабови совршено се искомбинирани со грациозните облини што даваат изглед споредлив со накит. Мал е и лесен за држење, а мајсторски изработениот дизајн на целосно металното компактно тело е нагласен со деликатниот двобоен финиш во сребрена и розово златна боја¹, којшто е истовремено и препознатлив и траен. Огледално полираните златни страни каскадно и без напор се преточуваат во линијата на задниот панел, врамувајќи го блескавиот и вивиден дисплеј.
Уредот е дизајниран така што на го покажува идентитетот на сопственикот, а новиот HTC Sense™ 7 дава контрола врз сѐ и се најавува како крајно приспособлив на корисниците а модусот HTC Themes ги става во центарот на смартфон искуството, интелигентно анализирајќи ги нивните омилени фотографии за да го модификува изгледот и чуството на вашите апликации, обрасци на боја и позадини.
Исто така, Sense 7 го пресоздава вашиот home screen за да ги испорача најкорисните апликации на homepage-от зависно од вашата локација. Независно дали сте дома, работите или играте, со оваа контекстуална, приспособлива алатка никогаш не сте повеќе од еден клик оддалечени од опциите што ви се потребни. Уште поинтелигентниот HTC BlinkFeed™ го олеснува и откривањето на скриените убавини што ве опкружуваат преку користење на податоците за локацијата за да ви препорача интересни места, новости и информации.
Бидејќи најдобрата камера е онаа што можете да ја носите в џеб, вашиот смартфон би требало да ви овозможи без ронка напор да направите брилијантни, креативни и забавни слики. Камерите на HTC One M9 се дизајнирани да го фатат секој момент со чудесен квалитет, овозможувајќи ви да ги преживувате тие моменти одново и одново. Главната камера доаѓа со неверојатни 20 мегапиксели коишто му даваат акцент на секој најситен детал, а леќите од сафирско стакло ја штитат од гребнатини. За добивање на пластични видеа што личат на најновите блокбастери, камерата снима и видеа со резолуција од 4K.
Најдобрите моменти ве изненадуваат и спонтаноста честопати не излегува целосно осветлена. Врвниот придружник на импулсивниот фотограф, HTC One M9 ги решава ниско-осветлените снимки со моќната предна камера UltraPixel™. Динамичната автоекспозиција и UltraPixels што фаќа 300% повеќе светлина од стандардните камери, даваат поостри, поприродни и балансирани селфи во секакви услови на осветленост.
HTC Sense 7 со софтверот EYE™ Experience на HTC го прави лесно сликањето креативни фотографии. Низата нови ефекти за уредување фотографии како Shapes, Prismatic, Elements и Bokeh ви овозможуваат да додадете по малку индивидуална имагинативност во секоја слика, автоматски уредувајќи ги со апликацијата Zoe™, ставајќи им музика по ваш избор² и дозволувајќи им на пријателите да прават ремикс на колекцијата со сопствените слики, на тој начин создавајќи споделено прославување на секој момент.
Со толку многу неверојатни слики, може да стане тешко набрзина да им ги покажете на пријателите тие фантастични слики. Каде и да се зачувани, новата галерија на HTC One го прави лесно пребарувањето низ целата фото-библиотека, при што ги гледате сликите зачувани на телефонот, на социјалните медиуми и на избрани cloud платформи3. Галеријата ви ја доносува целата ваша фото-библиотека на дофат на прстите, со пребарувања по датум, локација, настан, албум, па дури и по самите слики со Image Match.
Вистински одлично визуелно искуство заслужува звук којшто ве става во првиот ред. HTC One M9 гарантира музичко искуство поголемо од звук во живо благодарение на HTC BoomSound™. Легендарните двојни предни звучници на семејството HTC One, сега комбинирани со 5.1 Dolby® Surround sound4 симулација, ве носат уште поблиску до акцијата, испорачувајќи извонреден мултидимензионален кино звук. Со обединување на HTC BoomSound и Dolby Audio™ се создава тотално внесување во аудио доживувањето, така што ќе уживате во филмови со звук како на кино дури и без да ги поврзете слушалките или надворешните звучници. Без оглед дали слушате преку стерео звучници или слушалки, дури и најпребирливите музички фанови ќе бидат одушевени од поддршката што ја дава телефонот за совршен, 24-битен high-definition звук којшто го надминува и квалитетот на CD. Единствената комбинација на HTC BoomSound, Dolby Audio, фино подесениот звучен профил и Qualcomm® Immersive Audio им дава на сета ваша музика и на сите ваши филмови непогрешлив белег на HTC One M9.
Смартфоните сѐ побрзо стануваат централни точки на домашната забава, а HTC Connect™ го прави едноставно уживањето во вашите мултимедиумски содржини надвор од вашиот телефон. Со повлекување со три прсти на екранот го поврзувате телефонот со компатибилните ТВ уреди или надворешни звучници од водечки производители вклучувајќи го и Harman Kardon. Опцијата плејлиста на HTC Connect, интегрирана со интелигентната медиумска платформа Qualcomm® AllPlay™ и со безжичната медиумска технологија Blackfire Research™, ви овозможува вам и на вашите пријатели да стримувате содржини од вашите смартфони до повеќе домашни уреди за забава. За врвно поврзано ТВ искуство од вашиот смартфон, HTC One M9 доаѓа ексклузивно со апликацијата Peel® Smart Remote. Моментално поврзувајќи ве со емисиите што ги сакате, апликацијата дури и учи од вашите навики во гледањето, претворајќи го вашиот смартфон во личен ТВ водич и далечински управувач.
Заради повпечатлив изглед, HTC One M9 ќе биде достапен со цела низа единствени и прилагодлииви додатоци вклучувајќи ја и втората генерација на футролата HTC Dot View, којашто донесува поголема ретро персонализација благодарејќи на серијата нови карактеристики и опции на бои. Транспарентната заднина го чува вашиот смартфон недопрен без да го крие од светот, а футролата внесува забава дури и во најдосадните моменти претворајќи се во мини играчка платформа. Новата футрола HTC Dot View нема да им пречи на апликациите како Instagram, Snapchat и Badoo5 зашто нотификациите што доаѓаат преку футролата ве известуваат за најновите фотографии, пораки и check-ins.
Животот нема лимити, и кога вашата авантуристичка страна ќе ве одведе во непознатото, водоотпорните IP68 Active Case и Active Headset значат дека вашиот телефон може храбро да ве следи каде и да ве одведе акцијата, држејќи чекор со најепските авантури./крај/мф/лч
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Hitech
„Нетфликс“ се повлече од купувањето на „Варнер брос Дискавери“
По неколкумесечни преговори, Нетфликс се повлече од понудата за купување на Варнер брос Дискавери, отворајќи му пат на Парамаунт и Скајденс во договор вреден околу 111 милијарди долари, објави Би-Би-Си.
Варнер брос Дискавери, кој е на продажба од минатата година, соопшти дека најновата понуда на Парамаунт е супериорна во однос на онаа на Нетфликс. Раководството на Нетфликс одби да ја зголеми понудата, наведувајќи дека трансакцијата повеќе не е финансиски привлечна по таа цена.
Во декември, Варнер брос Дискавери прифати делумна понуда од Нетфликс во вредност од околу 72 милијарди евра, која вклучуваше купување на филмското и ТВ студио и платформата Ејч-Би-О Макс.
Сепак, Парамаунт поднесе повисока конкурентска понуда, со што се наметна како фаворит. Калифорнискиот државен обвинител Роб Бонта изјави дека договорот сè уште не е конечен и дека регулаторите ќе спроведат темелна истрага.
Доколку биде одобрен, Парамаунт ќе го преземе Ејч-Би-О Макс, како и телевизиските мрежи во сопственост на Варнер брос Дискавери, вклучително и Си-Ен-Ен, што може значително да го промени стриминг и медиумскиот пазар во Холивуд.
Фото: Depositphotos
Hitech
„Епл“ дел од производството го сели од Кина во САД
Американскиот технолошки гигант „Епл“ соопшти дека дел од производството на компјутерот „Мек мини“ ќе го пресели од Азија во Хјустон, САД, а производните линии треба да почнат со работа до крајот на годинава.
Овој потег се надоврзува на најавата од август за инвестиции од 600 милијарди долари во САД во наредните четири години. Во Хјустон е предвиден и центар за обука за напредно производство, а проширувањето, според компанијата, ќе отвори илјадници нови работни места.
Во мај, американскиот претседател Доналд Трамп ѝ се закани на „Епл“ со царина од 25 отсто за производи произведени во странство. Ситуацијата дополнително се искомплицира откако Врховниот суд на САД пресуди дека претседателот ги пречекорил овластувањата со измената на царините. Трамп потоа најави привремени царини од 10 отсто, со важност до 180 дена.
Извршниот директор на „Епл“, Тим Кук, изјави дека компанијата е „цврсто одлучна да ја поддржи иднината на американската индустрија“.
И покрај тоа, најголемиот дел од производството на „Епл“, вклучувајќи ги „ајфон“ и „ајпад“, и натаму се одвива во Азија, претежно во Кина, иако дел е префрлен во Виетнам, Тајланд и Индија.
Hitech
ИТ-секторот пред пресврт: Вештачката интелигенција ќе замени половина од софтверот
Повеќе од половина од постоечкиот деловен софтвер би можел да биде заменет со вештачка интелигенција (ВИ), изјави Артур Менш, директор и основач на компанијата „Мистрал АИ“.
Неговите коментари доаѓаат во време на растечка загриженост кај инвеститорите за иднината на софтверските компании, чии акции во последните месеци бележат пад, објави „Си-Ен-Би-Си“.
Стравувањата дека вештачката интелигенција може да ги преземе функциите на постоечките деловни програми веќе доведоа до распродажба на акции на големи софтверски компании.
Инвеститорите се сè позагрижени дека ВИ може да ги извршува задачите за кои денес се користи деловен софтвер, што би можело да ги загрози бизнис-моделите засновани на софтвер како услуга (СааС).
Вредноста на фондот „Ајшерс експендед тех – софрвер сектор“, кој ги вклучува компании како „Мајкрософт“ и „Сејлсфорс“, паднала за повеќе од 20 проценти годинава. Пад бележат и акциите на големите индиски софтверски компании како „Тата Консултанси Сервисис“ и „Инфосис“.
„Проценувам дека повеќе од половина од она што ИТ-секторот моментално го набавува во форма на СааС ќе премине на вештачка интелигенција“, изјави Менш на маргините на самитот „АИ Импакт“ во Њу Делхи. „Вештачката интелигенција ни овозможува да развиваме софтвер со брзина на светлината“, додаде тој.
Менш објасни дека компаниите, со „соодветна инфраструктура“, можат да ги поврзат своите податоци со ВИ-системи и да создадат апликации за специфични деловни задачи.
„Кај нашите клиенти гледаме дека за само неколку дена можеме да создадеме целосно прилагодени апликации за управување со работни процеси, на пример за набавка или синџири на снабдување. Пред пет години за тоа ви беше потребен специјализиран СааС“, истакна тој.
Според него, во тек е „промена на платформите“, при што компаниите се насочуваат кон користење ВИ наместо постојните СааС-решенија.
„За нас тоа е голема можност, бидејќи повеќе од 100 деловни клиенти веќе ни се јавија со желба да го редизајнираат својот ИТ-систем. Сакаат да се ослободат од решенија купени пред 20 години, кои стануваат прескапи“, рече Менш. „Тие ја гледаат вештачката интелигенција како начин системот да стане поефикасен и поевтин.“
Сепак, Менш нагласи дека софтверот наменет за системи за складирање податоци „нема да се промени“, бидејќи тој е одговорен за податоците во организацијата и често функционира во соработка со ВИ.
Слично мислење има и Бипул Синха, директор на компанијата „Рубрик“, кој за „Си-Ен-Би-Си“ изјави дека „софтверот за работни процеси“ може да биде значително нарушен од ВИ, но дека софтверот за податочна инфраструктура што ја овозможува ВИ ќе има корист.
Менш потврди дека компанијата оваа година планира да отвори прва канцеларија во Индија, со што влегува на пазар каде што за удел се натпреваруваат сите глобални технолошки гиганти.
Мистрал веќе соработува со меѓународни компании присутни во Индија, а сега активно бара клиенти со седиште во земјата, и во јавниот и во приватниот сектор.
За разлика од Европа, каде што гради сопствени центри за податоци, во Индија компанијата ќе воспостави партнерства со фирми кои веќе имаат физичка инфраструктура.
Индиската влада го поттикнува развојот на ВИ-модели што можат да работат локално, со податоци складирани во рамки на земјата. Големите јазични модели на „Мистрал“ веќе поддржуваат повеќе индиски јазици, меѓу кои хинди и панџаби.
„Тоа е нешто што долгорочно ќе биде исклучително важно за индискиот потрошувачки пазар“, заклучи Менш.

