Hitech
Руските научници разоткриле американска шпионска програма

Американската Агенција за национална безбедност (NSA) смислила начин како шпионски софтвер да сокрие во хард дисковите на производителите „Western Digital“, „Seagate“, „Toshiba“ и други компании, што ѝ овозможува прислушување на повеќе компјутери во светот, тврдат научници, аналитичари и поранешни оперативци.
Станува збор за голем број шпионски програми кои ги открила лабораторијата во Москва на компанијата „Kaspersky Labs“, производител на безбедносни програми, која веќе има откриено повеќе западни операции поврзани со кибернетичката шпионажа, пишува Reuters.
Извори од споменатата компанија тврдат дека во 30 земји открила персонални компјутери кои биле инфицирани со една или со повеќе шпионски програми. Најмногу инфицирани компјутери се откриени во Иран, Русија, Пакистан, Авганистан, Кина, Мали, Сирија, Јемен и Алжир.
Цели биле владини и воени институции, телекомуникациски компании, банки, компании за енергетика, нуклеарни научници, медиуми и исламски активисти.
Од „Kaspersky“ одбиле јавно да ја именуваат земјата коишто стоела зад таквата шпионска кампања, но тврди дека е тесно поврзана со „Stuxnet“, кибернетичкото оружје со коешто NSA ги нападна иранските постројки за збогатување ураниум во 2007 година. Оваа агенција е задолжена за собирање електронски разузнавачки податоци за американските власти.
Аналитичар од тимот на Global Research and Analysis Team (GReAT) на „Kaspersky“ на конференцијата на аналитичарите од канцелариите на компанијата кој се одржува во Канкун, Мексико, во понеделникот рекол дека основите на споменатиот шпионски софтвер, испитуван последните две години, биле во употреба и се развивале од 2001 година, па можеби дури и во 1996 година. Вели дека овој софтвер ја надминува неодамна откриената платформа Regin за којашто се верува дека е креирана од разузнавачката служба на Велика Британија GCHQ, која е користена за инфилтрирање во компјутерите на Европската унија и Белгија, меѓу другото преку компјутерските системи на белгискиот оператор „Belgacom“.
Станува збор за прелиминарни документи од истражувањето, а аналитичарите велат дека планираат следните денови да објават повеќе технички детали, но и дека има уште работи што не ги знаат за активностите./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Hitech
Претставничкиот дом на САД го забрани „Ватсап“ на службените уреди

На помошниците во Конгресот на САД наводно им било кажано дека повеќе не можат да го користат WhatsApp (Ватсап) на службени уреди. Главниот административен службеник на Претставничкиот дом (CAO) наводно во понеделникот го известил персоналот дека апликацијата – вклучувајќи ги мобилните, десктоп и веб верзиите – не е дозволена на уредите управувани од Претставничкиот дом.
„Канцеларијата за сајбер безбедност процени дека WhatsApp претставува висок ризик за корисниците поради недостаток на транспарентност во однос на заштитата на корисничките податоци, недостатокот на енкрипција на податоците во складиштето и потенцијалните безбедносни ризици поврзани со неговата употреба“, навел CAO во електронската пошта, според „Аксиос“
Microsoft Teams, Wickr, Signal, iMessage и FaceTime се наведени како прифатливи алтернативи. Вработените беа потсетени и да бидат претпазливи во врска со можни фишинг напади.
„Не се согласуваме со карактеризацијата што ја даде главниот административен службеник на Претставничкиот дом“, напиша портпаролот на Мета, Енди Стоун, на Network X.
„Знаеме дека членовите на Конгресот и нивните соработници го користат WhatsApp редовно и со нетрпение очекуваме да им дозволиме на членовите на Претставничкиот дом да го користат официјално, како што веќе прават нивните колеги од Сенатот. Пораките на WhatsApp се заштитени со енкрипција, што значи дека може да ги види само примателот, дури ни WhatsApp нема пристап. Тоа е повисоко ниво на безбедност отколку за повеќето апликации од списокот на CAO кои ја немаат оваа заштита“.
Оваа мерка доаѓа по ограничувањата за користење на други апликации кои беа оценети како ризични. Меѓу нив се ChatGPT, TikTok, DeepSeek и Microsoft Copilot.
Hitech
Веројатно никогаш не сте слушнале за неа: најмладата светска милијардерка доаѓа од ВИ-светот

Според „Форбс“, 30-годишната претприемачка од Силиконската долина и коосновач на Scale AI е најмладата милијардерка што сама го стекнала бизнисот.
Scale AI е американска компанија со седиште во Сан Франциско која развива и обезбедува решенија за забрзување на развојот на апликации базирани на вештачка интелигенција – за кои можеби никогаш не сте слушнале досега. Нивниот основен бизнис е управување со податоци и трансформација во висококвалитетни бази на податоци кои се клучни за обука и подобрување на моделите со вештачка интелигенција. Услугите на Scale AI ги користат големи технолошки компании како што се OpenAI, Meta, Microsoft и Nvidia, како и автомобилската индустрија, како и голем број владини и одбранбени институции на САД.
Компанијата, која постои девет години, моментално е во процес на собирање капитал и ќе им овозможи на своите рани сосопственици да ги продадат своите акции на надворешни инвеститори. Овој процес треба да биде завршен до 1 јуни и би можел да ја зголеми проценката на Scale AI на дури 25 милијарди долари, или 80% повеќе од вредноста постигната минатата година во мај, кога стартапот собра 1 милијарда долари инвестиции со проценка од 13,8 милијарди долари.
View this post on Instagram
Новата рунда инвестиции во компанијата носи и големо зголемување на личното богатство на нејзините основачи, меѓу кои се издвојува Луси Гуо – американска претприемачка за која можеби исто така никогаш не сте слушнале досега. Таа учествуваше во основањето на Scale AI кога имаше само 22 години. Таа го лансираше стартапот заедно со Александар Ванг, сегашниот извршен директор, но поради меѓусебни несогласувања, ја напушти компанијата по само две години, задржувајќи околу 5% од сопственичкиот удел.
Со очекувана проценка од 25 милијарди долари, Гуо скокна на скалата на млади богати жени на првото место. На само 30 години и со богатство од 1,25 милијарди долари, таа се најде на врвот на листата на „Форбс“ на милијардери кои сами си го стекнале богатството. Така, таа ја „детронизираше“ музичарката Тејлор Свифт, која е пет години постара.
Откако ја напушти Scale AI, Гуо го основа својот фонд за ризичен капитал, Backend Capital, а во 2022 година ја лансираше платформата Passes, конкурент на OnlyFans и Patreon, која им овозможува на креаторите на содржини и познатите личности директно да комуницираат и да монетизираат односи со фановите. Passes досега собра околу 50 милиони долари инвестиции, во вредност од околу 150 милиони долари, па затоа нејзиното вкупно богатство, ако се вклучи и тој проект, е уште поголемо.
Hitech
Која е Мира Мурати, Албанката што ја тресе Силиконската долина: Ја напушти „Опен АИ“, па создаде компанија

Мира Мурати, поранешена главна технолошка директорка (СТО) на „Опен АИ“ и краткотраен в.д. извршен директор по соборувањето на Сем Алтман во 2023 година, повторно е во центарот на вниманието.
Триесет и шестгодишната девојка сега води своја сопствена стартап компанија за вештачка интелигенција – „Тинкинг Машинс Лаб“ – која планира да собере рекордни 2 милијарди долари основен капитал.
Стартапот е основан кон крајот на 2024 година, и додека малку се знае за неговите производи, Мурати неодамна откри дека развиваат модели со вештачка интелигенција фокусирани на соработка меѓу човекот и машината. Според „Бизнис Инсајдер“, оваа почетна рунда на финансирање може да биде најголема во историјата, а вредноста на стартапот се проценува на повеќе од 10 милијарди долари.
Патот од Албанија до врвот на светската технолошка сцена
Ермира „Мира“ Мурати е родена во албанскиот град Валона, а на 16-годишна возраст добила стипендија на колеџот Пирсон во Канада. Студиите ги продолжила во САД, каде што се стекнала со две дипломи – уметност на колеџот Колби и инженерство на колеџот Дартмут. Во раните фази од нејзината кариера, таа работела во Токио и Франција, а потоа како менаџер во „Тесла“, каде што учествуваше во развојот на „Модел Икс“
Помеѓу 2016 и 2018 година, таа работеше на развој на технологија за проширена реалност во „Лип Моушн“ (сега позната како „Ултралип“).
Улогата во развојот на „Чат ГПТ“ и драматичното заминување од „Опен АИ“
Мурати се приклучи на „Опен АИ“ во 2018 година како потпретседател за применета АИ технологија, а ќе стане CTO во 2022 година. Таа беше клучна фигура во развојот на „Чат ГПТ“, „Дал-Е“ и други напредни модели. По ненадејното соборување на Алтман кон крајот на 2023 година, таа накратко ја презема улогата на в.д. директор, но Алтман се враќа на позицијата по само една недела.
После тоа, Мурати се повеќе излегува во јавноста како заштитно лице на компанијата – таа учествуваше на презентацијата на моделот „Чат ГПТ 4-o“ и се појави на Мет Гала 2024 година, каде „Опен АИ“ претстави персонализиран четбот.
Таа е позната по нејзиниот повнимателен пристап кон развојот на вештачката интелигенција и нејзиното застапување за регулирање на оваа технологија.
„Не треба да се потпираме на саморегулација од страна на компаниите. Регулаторите мора да бидат вклучени“, рече таа во интервју за Тајм.
„Тинкинг Машинс Лаб“– мистериозна стартап компанија која регрутира поранешен персонал на „Опен АИ“
По напуштањето на „Опен АИ“ во септември 2024 година, Мурати ја основа „Тинкинг Машинс Лаб“, која излезе на берза во февруари 2025 година. Нејзините вработени вклучуваат голем број поранешни инженери од „Опен АИ“, „Мета“ и „Антропик“. Некои од креаторите на „Чат ГПТ“, како Џон Шулман и Барет Зоф, исто така се приклучија на тимот.
Визијата и инспирацијата на Мира Мурати
За приватниот живот на Мира Мурати се знае многу малку. На Канскиот филмски фестивал во 2024 година, таа сподели анегдота за тоа како нејзината мајка првпат го прашала „Чат ГПТ“ кога Мира ќе се омажи. Инспирацијата ја наоѓа во филмот „2001: Вселенска одисеја“ и поетската збирка на Рајнер Марија Рилке, додека како една од нејзините омилени песни ја наведува „Параноид Андроид“ на „Рејдиохед“
За Мурати, вештачката општа интелигенција која може да се прилагоди, да учи сама и да решава широк опсег на задачи – ја претставува последната и најважна технологија што ќе ја создаде човештвото. Како што вели таа, оваа визија е причината поради која дошла од „Тесла“, преку „Лип Моушн“, до „Опен АИ“ и сега до сопствен стартап за вештачка интелигенција.