Забава
Испечена најголемата пица на светот

Пица со сирење и домати, подолга од 1,8 километри испечена е во Неапол, со што е поставен нов Гинисов светски рекорд во оваа категорија, објави портпаролката на здружението на неаполските пица мајстори во четвртокот.
За рекордната пица, долга точно 1.85388 метри, биле потребни 1,6 тони домати, два тона моцарела, 200 литри маслиново масло и 30 килограми босилек. Во подготовката на пицата во средата учествувале околу 250 мајстори за пица од Италија и од други земји.
Парчиња од гигантската пица им биле делени на бездомници и на случајни минувачи, а атракцијата е дел од кампањата во чест на традиционалната подготовка на пицата каква што се приготвува во Неапол, која УНЕСКО ја воведе на списокот светско наследство.
Иако се приготвува со векови, жителите на Неапол тврдат дека современата верзија на пицата потекнува токму од овој град. Според традицијата, класичната пица Маргарита е измислена во 1889 година во чест на посетата на кралицата Маргарита на Италија.
Претставник за јавност на здружението на Гинисовите светски рекорди потврди дека станува збор за најголемата пица кога и да е приготвена, како и дека го надминала досегашниот рекорд од 1,6 километарска пица испечена во јули 2015 година за време на светската изложба ЕКСПО во Милано, која беше посветена на храната./крај/мф/сн
Извор: DPA
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Забава
Преполн Паркот на Франкофонија синоќа за концертот „Нешто што ќе остане“

Илјадници граѓани, синоќа го исполнија Паркот на Франкофонија и заедно уживаа во големиот музички хепенинг „Нешто што ќе остане“, кој по трет пат собра врвни македонски изведувачи и создаде незаборавна атмосфера. Пет часовна ноќ за паметење со најпознатите македонски хитови на Дарио и Миг-21, Елена Ристеска, групата „2 Бона”, Викторија Лоба, Кристина Арнаудова и Барбара Поповиќ.
Градоначалникот Горан Герасимовски, во своето обраќање пред присутните, истакна дека кога пред три години ја добил идејата за концертот „Нешто што ќе остане“, не можел да замисли дека ќе прерасне во толку голема традиција со ваков одѕив и поддршка, и од изведувачите и од граѓаните.
„Но ете, идејата прерасна во прекрасна традиција. Трета година по ред се собираме овде, во срцето на Скопје, под отворено небо, на концертот ‘Нешто што ќе остане’. Секоја година со нови изведувачи и нова енергија, но едно останува исто – македонската музика. Овде Македонија пее и ние со неа, на бината и во публиката! Македонските уметници секогаш ја имале и ќе ја имаат мојата поддршка. Тие ја претставуваат Македонија гласно, гордо и со љубов. Уживајте во музиката на нашата и вашата младост, затоа што овие моменти остануваат трајно врежани во сеќавањата. Се гледаме и следната година на ‘Нешто што ќе остане’, затоа што Македонија има свој глас, своја песна, затоа што македонската песна е силата што нè обединува“, рече Герасимовски.
Музичкиот настан „Нешто што ќе остане“ е во организација на Општина Центар.
Забава
Mузички хепенинг вечерва во Паркот на франкофонијата

Дарио и Миг-21, Елена Ристеска, групата „2 Бона“, Викторија Лоба, Кристина Арнаудова и Барбара Поповиќ вечерва ќе настапат на големиот музички хепенинг „Нешто што ќе остане” во Паркот на франкофонија со почеток во 19.30 часот.
Градоначалникот Горан Герасимовски ги поканува сите граѓани кои денеска ќе бидат во Скопје да дојдат и да уживаат во најголемите македонски хитови.
„Вечерва не очекува вистинска ноќ за паметење, исполнета со најубавите македонски песни. Ги повикувам сите граѓани да ни се придружат и заедно да создадеме незаборавни моменти. Како Општина Центар, ќе продолжиме да вложуваме во македонската музика и во нашите македонски артисти, затоа што тие се гордоста и иднината на нашата културна сцена,“ истакна Герасимовски.
Концертот е бесплатен за сите граѓани и е во организација на Општина Центар.
Забава
По средбата со кралот Чарлс, Хари се надева на нов почеток, но братот не попушта

Принцот Хари (40) наводно жали за дел од одлуките што ги донесе откако со сопругата Меган Маркл се повлече од кралските должности. Неговиот неодамнешен престој во Британија – четири дена во Лондон и Нотингем – беше обид за поправка на односите со семејството и јавноста.
За првпат по 19 месеци, Хари се сретна со кралот Чарлс. Состанокот траел околу еден час и во дворецот го оценуваат како позитивен чекор, иако не и целосно помирување.
„Кралот сака да ја обнови врската со својот син и да помине време со своите внуци, кои не ги видел три години“, изјавил извор за „Дејли меил“. „Хари е свесен дека направил грешка и сега се обидува да ја ресетира врската“.
Сепак, средба со брат му Вилијам не се случила, и покрај тоа што биле во непосредна близина.
По посетата на Британија, војводата од Сасекс отпатува за Украина, каде се сретна со ветерани и владини претставници, испраќајќи порака за поддршка и потсетување на страдањата на украинскиот народ.
Иако се шпекулира дека наредната година би можел да ги поведе децата Арчи и Лилибет на посета кај дедо им, останува неизвесно дали Меган ќе се врати во Британија. Прашањето за безбедноста и понатаму е главна пречка, а како можен компромис се спомнува престојoт во кралските резиденции каде што мерките за заштита се најстроги.