Наука
Село на Мeсечината најдобра замена за ISS

Село на Месечината не е научна фантастика, и тоа би можело да стане стварност до 2030 година, смета челникот на Европската вселенска агенција (ESA).
Според најавите од САД, Меѓународната вселенска станица треба да биде во функција до 2024 година, четири години подолго отколку што претходно се планираше. Меѓутоа, Русија, најави дека би можела да изгради сопствена орбитална станица, а некои европски земји и членки на ESA изразија сомневање дека би биле исплатлив уште четири години одржување на ISS.
Бидејќи згаснувањето на Меѓународната вселенска станица е предвидено за 2024 година, новиот челник на верува дека е дојден моментот за планирање на следната фаза на присуството на човекот во Вселената.
Јохан Дитрих Вернер ја изнесе својата визија како Меѓународната вселенска станица (ISS) да биде заменета со лунарно село со населби кои од месечевата прашина ги градат роботи и 3Д печатачи.
„Размислував за тоа кој проект би можел да ја замени Меѓународната вселенска станица. Сметам дека село на Месечината би било идеалниот наследник на ISS за вселенските истражувања“, изјави Вернер на научен собир во Париз.
Уште во јуни минатата година, кога ја презема челната функција во ESA, Вернер сметаше дека мисијата на Месечината е приоритет, велејќи дека тоа би бил клучниот чекор кон евентуалното испраќање на луѓе на Марс.
Повеќе држави, агенции и приватни компании, како што се ESA, NASA, Русија и Кина, би можеле да учествуваат во тој проект, со технологија и астронаути кои би помогнеле во подготвувањето на мисиите на Марс и би ги продолжиле научните истражувања коишто сега се изведуваат на ISS.
„Доколку некој изнесе подобра идеја, во ред… Меѓутоа, засега на масата нема подобар предлог“, рекол Вернер.
Кон крајот на октомври Вернер го изложи својот план и според првиот човек на Европската вселенска агенција (ESA), месечевото село би било сместено на делот на Месечината кој не се гледа од Земјата и не би станувало збор само за неколку куќи, градски совет и цркви, туку за меѓународна колонија којашто би била изградена со помош на роботи и којашто ќе овозможува спроведување различни научни мисии.
Според првиот човек на Европската вселенска агенција (ESA), месечевото село би било сместено на делот на Месечината кој не се гледа од Земјата и не би станувало збор само за неколку куќи, градски совет и цркви, туку за меѓународна колонија којашто би била изградена со помош на роботи и којашто ќе овозможува спроведување различни научни мисии
Селото, коешто всушност би било расфрлани населби, би можело да биде изградено во длабоките кратери на површината на Месечината кои доселениците од Земјата би ги штителе од опасностите, како што е космичката радијација, микрометеорите и несоодветните температури, смета Вернер.
„Мораме да размислуваме за иднината понатака од Меѓународната вселенска станица. Мораме да планираме изградба на вселенски брод кој ќе биде во можност да ја проучува микрогравитацијата во ниската орбита на Земјата“, појасни пред неполни три месеца челникот на ESA.
Додаде дека првите жители на „лунарните села“ би биле научниците и истражувачите, но и дека претприемачите веќе размислуваат како да пронајдат начин за искористување на природните ресурси на Месечината, како што се златото, кобалтот, железото, платината, паладиумот, волфрамот и хелиумот-3. /крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Наука
230 милиони луѓе живеат во опасност од топењето на ледените покривки

Ново истражување покажува дека светските ледени покривки на Гренланд и Антарктикот се топат и се поместуваат. Ова може да предизвика пораст на нивото на морето и големи миграции од крајбрежните области.
Научниците сакале да дознаат која е „безбедната граница“ на глобалното затоплување за опстанокот на ледените покривки. Тие ги користеле податоците од сателити, климатски модели и други извори, дури и ДНК од октоподи.
Резултатите се загрижувачки. Дури и ако светот успее да го ограничи затоплувањето на 1,5 степени Целзиусови, ледениот покрив може да продолжи да се топи брзо. Тоа ќе доведе до зголемување на нивото на морето, што ќе има сериозни последици.
Ледените покривки на Гренланд и Антарктикот имаат доволно мраз што може да го подигне нивото на морето за околу 65 метри. Топењето на мразот е главната причина за порастот на морската вода. За последните 30 години, порастот на морето се забрзал двојно.
Околу 230 милиони луѓе живеат на помалку од еден метар надморска височина. Зголемувањето на морето ќе ги натера многу да се иселат од крајбрежните области.
Научниците велат дека е тешко точно да се предвиди кога ќе дојде до голем колапс на ледените покривки. Но, знаат дека опасноста постои и дека „безбедните“ температурни прагови сè повеќе се намалуваат.
Првично се мислеше дека покривките ќе се дестабилизираат при зголемување од околу 3 степени, но сега истражувачите сметаат дека не е доволно е ни 1,5 степен.
За да се спречи брз колапс, светот треба да го ограничи затоплувањето на најмногу еден степен над прединдустриското ниво. За тоа е потребно драстично намалување на согорувањето на фосилни горива. Сепак, тоа изгледа тешко, бидејќи многу земји, вклучително и САД, сè уште користат нафта, јаглен и гас.
Наука
Научниците открија на која возраст лошите навики почнуваат сериозно да му штетат на здравјето

Лошите навики како што се пушењето, консумирањето алкохол и физичката неактивност почнуваат сериозно да го оштетуваат здравјето од 36-годишна возраст, според новата студија на фински истражувачи од Универзитетот Лауреа.
Во студија која ги следела учесниците родени во 1959 година до нивната 61 година, било утврдено дека оние кои пушеле, пиеле и воделе пасивен начин на живот подолго време почесто завршувале со сериозни физички и ментални заболувања, пишува Net.hr.
„Колку порано престанеме со ризичните навики, толку се поголеми шансите за здрава и исполнета старост“, вели д-р Тија Кекелаинен. Иако, како што наведува тој, никогаш не е предоцна да се премине на поздрави навики – придобивките се забележуваат и кога промените се случуваат во средната возраст.
Студијата, исто така, откри дека:
– Физичката неактивност има најголемо влијание врз лошото физичко здравје,
– Пушењето генерално е поврзано со влошување на менталното здравје,
– Алкохолот има негативен ефект и врз физичката и врз менталната состојба.
Научниците забележуваат дека лошите навики и лошото здравје честопати се поврзани во двата правци – депресијата и болестите можат да доведат до пушење и алкохол, а истите навики можат да ги продлабочат здравствените проблеми.
Иако истражувањето се однесувало на генерацијата родена кон крајот на педесеттите години, резултатите даваат важни предупредувања за денешните помлади генерации, чии ризични навики вклучуваат феномени како што е вејпирањето.
Наука
Седум милиони луѓе во светот годишно умираат како последица на загадениот воздух – што не смее да правите?

Дури седум милиони луѓе во светот, односно двојно повеќе од алкохолизам и пет пати повеќе од сообраќајни несреќи, годишно умираат како последица на загадениот воздух, покажуваат проценките на Светската здравствена организација (СЗО).
Загадениот воздух буквално го напаѓа целото човечко тело
Лекарите укажуваат дека загадениот воздух ги загрозува речиси сите витални системи на човечкото тело и буквално го „напаѓа“ секој орган. Околу една петтина од смртните случаи од мозочен удар, срцев удар и коронарна артериска болест се предизвикани од загаден воздух, а исто така предизвикува аритмија, конгестивна срцева слабост и покачен крвен притисок.
Во извештаите на СЗО се наведува и дека е поврзан со рак на белите дробови, мочниот меур, дебелото црево, бубрезите и желудникот, како и со леукемија кај децата. Тоа му штети на когнитивниот развој на децата, а кај постарите луѓе го зголемува ризикот од деменција или смрт од Паркинсонова болест.
Зошто се толку штетни ПМ честичките?
ПМ честичките се мешавина од прашина, чад и саѓи, создадени од комбинираното влијание на греењето, индустријата и сообраќајот и содржат тешки метали како никел и арсен.
Што не смеете да правите кога загаденоста на воздухот е висока?
1. Не отворајте ги прозорците од домот кога квалитетот на воздухот е оценет како „загаден“ или „многу загаден“, што е во утринските, доцните попладневни и раните вечерни часови.
2. Во оние периоди од денот и воопшто во периоди кога воздухот е претерано загаден, не носете надвор доенчиња, мали деца и деца кои веќе имаат респираторна инфекција.
3. Излегувањето надвор со висока загаденост на воздухот треба да избегнуваат и бремени жени, пациенти со хронична астма и хронична опструктивна белодробна болест.
4. Не вежбајте на отворено и воопшто избегнувајте ги сите спортски или рекреативни активности, од пешачење до трчање, бидејќи за време на вежбањето бројот на вдишувања се зголемува меѓу 40 и 60 во минута, па затоа поголеми количини загаден воздух влегуваат во респираторниот тракт.
5. Не применувајте физичка активност во области со многу сообраќај и во области од секторот за топлинска енергија.
Што да направите кога загаденоста на воздухот е висока?
1. За почеток, пред да излезете надвор или да планирате да излезете надвор, дознајте го моменталниот квалитет на воздухот. За овие цели, на вашиот телефон можете да инсталирате голем број апликации кои го мерат загадувањето на воздухот во реално време.
2. Проветрувајте ги просториите на домот неколку пати во текот на денот и за тоа изберете ги периодите кога се очекува концентрацијата на загадувачи во воздухот да биде најмала, што е приближно помеѓу 11 и 15 часот.
3. Користете домашни прочистувачи на воздух.
4. Користете климатизери кои имаат соодветни филтри или се дизајнирани да не го вовлекуваат надворешниот воздух во дневната соба.
5. Користете природни средства за прочистување на воздухот во домаќинството, како што се растенијата.
6. Доколку навистина останувате надвор во периодот на зголемено загаденост на воздухот, правете почести паузи во движењето и дишете плитко.
7. Избегнувајте прометни улици и патишта каде што концентрацијата на загадувачи во воздухот е поголема поради издувните гасови од возилата.
8. Користете специјални маски за филтрирање за ПМ честичките, бидејќи обичните хируршки маски не помагаат.
9. Што се однесува до исхраната, лекарската препорака е во областите со прекумерно загадено воздух да се јаде храна богата со витамини Б, витамини Ц и Е и омега-3 масни киселини, што е поврзано со антиоксидантните и антиинфламаторните својства на овие состојки.