Здравје
Хиперпигментации и нивен третман
Хиперпигментациите претставуваат пореметувања во пигментацијата на кожата кои особено во сончевиот период од годината стануваат вистински проблем за лицата кои ги имаат.
Кафениот пигмент на кожата ја дава бојата на кожата и воедно ја штити од штетното дејство на сончевите зраци. Неговата синтеза се одвива во меланоцитите односно во нивните гранули меланозоми.
Во основата на настанување на хиперпигментациите лежи или зголемен број на меланоцити или пак нивна зголемена функција со зголемена продукција на пигмент. Тие можат да бидат наследни или пак стекнати, локализирани или генерализирани.
Најчестите форми на оваа појава се Ephelides (ефелиди или сончеви пеги), тоа се мали (2 до 4мм), точкести, светло до темно кафени промени кои се локализирани обично на лицето во пределот на носот и образите, деколтето, рацете и други делови изложени на сонце. Карактеристични се за лицата со светол тен, почесто во одредени фамилии односно се генетски детерминирани. Истите се појавуваат во детството и траат цел живот. Покажуваат сезонска варијација во бојата т.е. во зима осветлуваат, а во лето потемнуваат и никогаш не малигнизираат.
Појавата на Lentigo simplex е претставена со мали кафени или кафено-црни пигментни промени со големина од 2-5мм, локализирани на торзото и на екстремитетите. Се појавуваат во детството, но и подоцна во животот со јасна фамилијарна релација. Тие не ја менуваат бојата на сонце и немаат малиген потенцијал.
Lentigo senilis (соларно лентиго) претставува стекната хиперпигментација која се јавува кај пациенти со светол тен кои долги години се хронично изложени на сонце. Се манифестира како темно-смеѓи пигментни флеки со големина од 1 до 3 сантиметри со ирегуларни граници кои не потемнуваат на сонце и обично се локализирани на делови хронично изложени на сонце како дланките и лицето.
Melasma, пак претставува голема пигментна флека (2 до 5см) со нерамни граници обично локализирана на лицето. Причина за нејзина појава е ендокрина односно хормонална стимулација во комбинација со сончеви зраци. Најчесто ја гледаме кај трудници, пациенти на хормонална терапија или кај заболувања на јајници и матка. Мелазмата е реверзибилна и во некои случаи се повлекува по породувањето или по прекинување на терапијата, но честопати знае да биде упорна и да стои со години.
Acanthosis nigricans се манифестира со пигментни, валкано сиви, кадифени и кератотични творби локализирани во пределите на триење на кожата. Се разликуваат три форми: бенигна-честа при хормонална дисфункција пр. кај дијабетичари, малигна-асоцирана со висцерален карцином најчесто аденокарцином на желудник и псевдо форма-која се јавува кај дебели луѓе.
Дифузната хиперпигментација обично се јавува кај хормонални нарушувања, кахексија, болести на црниот дроб, примање на одредени медикаменти, витамински дефицит и др.
Секундарни хиперпигментации вообичаено се проблем кај пациенти со потемен тен и се јавуваат по делување на некој етиолошки агенс: топлина, хемикалии, сончеви или рентген зраци, кај хронична дразба на кожата или пак како постинфламаторни хиперпигментации кај некои дерматози како: акни, псоријаза, лихен, атопик, контакт дерматит или по медикаментозни и фототоксични реакции.
Лекувањето на хиперпихментациите бара време и трпение, бидејќи секогаш се потребни повеќе третмани кои се прават на одреден временски период. Со најголем ефект се ласерскиот третман со кои се постигнува селективна деструкција на меланоцитите и хемискиот пилинг и тоа средно-длабок кој по пат на ексфолијација отстранува неколку слоеви на пигмент. Истите се прават во несончева сезона од годината на растојание од три до четири седмици. Со нив се постигнува постепено избледување на флеките кое е воочливо со секој третман.
Во текот и на сончевата сезона ,исто така, со одличен резултат на специјалистите применуваат и мезотерапијата за хиперпигментации со специфична формулација на состојки и кристалниот пилинг, кои се прават повеќе третмани во интервали од две до три седмици.
„За крај, со најслаб резултат, но секако видлив по долготрајно користење, како дополнителна терапија на третманите ги препорачуваме кремите за флеки кои најчесто содржат хидрокинон, третиноин, азелаична киселина, Б-ресорцинол, овошни киселини и друго. Она што е од особено значење е фотопротекцијата со креми со висок заштитен фактор, кои ќе го спречат поголемото потемнување на флеките во летниот период. Во третманот на секундарните хиперпигментации или оние зад чија што појава лежи некој друг етиолошки агенс од најголемо значење ни е отстранувањето на истиот“, вели д-р Тања Бурјакоска, специјалист дерматолог од „Ординација Д-р Анчевски“./крај/мф/би
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
Зошто понекогаш е добро да се направи пауза во процесот на слабеење?
Паузите се период кога привремено го прекинувате калорискиот дефицит и преминувате на диета што ја одржува вашата моментална тежина.
Повеќето луѓе кои се обидуваат да ослабат се фокусираат на строги диети и постојан калориски дефицит, надевајќи се на брзи резултати. Сепак, таков пристап често води до замор, губење на мотивација и откажување пред да се постигнат посакуваните цели.
Еден од најефикасните начини за одржување на мотивацијата и постигнување подобри резултати е воведување планирани паузи за време на губењето на тежината. Паузите се период кога привремено го прекинувате калорискиот дефицит и преминувате на диета што ја одржува вашата моментална тежина.
Ова му дава на телото шанса да се одмори, а метаболизмот се стабилизира, додека психолошки се регенерира. Телото не е под стрес и подоцна кога ќе продолжите со планот и програмата, има мотивација.
Паузите исто така помагаат во учењето како правилно да се одржува тежината. Многу луѓе не знаат како да јадат по диетата и често се враќаат на старите навики, што доведува до враќање на изгубената тежина. Кратките, планирани паузи му овозможуваат на телото и навиките постепено да се прилагодат на новата тежина и навиките во исхраната.
Покрај тоа, паузата од ограничувањата го намалува гладот и психолошкиот притисок, што му помага на лицето да се врати на диетата со обновена енергија и дисциплина. Паузите не се знак на слабост или откажување, туку стратешка алатка за долгорочен успех во слабеењето.
Затоа, правењето планирани паузи може да ги подобри и физиолошките и психолошките аспекти на процесот на слабеење, да го олесни постигнувањето на целите и да помогне во одржувањето на посакуваната тежина по завршувањето на диетата.
Забава
Неколку навики додека се туширате секојдневно ви ја уништуваат кожата
При секојдневно туширање, често се јавуваат проблеми со кожата како што се затегнатост, лупење, сивост или иритација, а експертите ги објаснуваат најчестите причини за ова.
Дерматолозите предупредуваат дека најголемите проблеми со кожата не доаѓаат само од силните производи, туку и од мали, повторувачки грешки кои полека ја оштетуваат заштитната бариера. Затоа е клучна правилната нега на кожата.
Експертите тврдат дека најпријатните моменти во туширањето, долгите и топлите, се и најштетни бидејќи водата над 38 степени ги раствора липидите, природните масла што ја одржуваат кожата мека и еластична.
Кога ова се случува секој ден, бариерата се истенчува, губи влага и развива препознатлива комбинација од затегнатост и чувство на „крцкање“.
Кожата потоа изгледа чиста, но е и исцрпена. Експертите советуваат да се користи млака вода, која чисти без да ја наруши природната состојба на телото. После тоа, кожата подобро ја прифаќа грижата, а сувоста на кожата исчезнува речиси преку ноќ.
Дополнително, геловите полни со парфеми, сулфати и засилувачи на пена го прават она што го прави топлата вода, односно отстрануваат повеќе отколку што е потребно. Кога на тоа ќе се додаде и секојдневната употреба на сунѓери кои механички ја тријат кожата, резултатот е потенцијална хронична иритација, која најчесто се гледа на рамената, градите, нозете и подлактиците.
Она што ѝ е потребно на вашата кожа е понежен пристап во форма на поприродни гелови и оние со минимален број состојки, без интензивни мириси.
Исто така, препорачливо е да нанесувате производи за нега на тело во првите 60 секунди по туширањето. Тогаш вашата кожа најбрзо ја губи влажноста.
Кога млекото, лосионот или маслото се нанесуваат додека кожата е влажна, се создава заштитен слој што ја одржува кожата мека во текот на целиот ден.
Дерматолозите велат дека ова е една од најбрзите промени што носи видливи резултати, особено во зима кога воздухот е сув, а кожата е почувствителна од вообичаеното.
Забава
(Видео) Најдобрата вежба за стегнат задник
Како што температурите се намалуваат и тренинзите се префрлаат од парковите во теретаните, фокусот повторно е на докажани вежби за сила и форма.
Главниот фокус, секако, се задникот и нозете. Интернетот е полн со програми за „peachy gluteus“ и силни нозе, но кога ќе се собере сè и ќе се одземе, постои една вежба која постојано се издвојува како кралица на долниот дел од телото – бугарско чучнување.
Повеќето луѓе прво помислуваат на стандардното чучнување или популарниот hip thrust кога сакаат да го активираат задникот. И да, и двата се одлични за вежбање, но не се број 1. Според многу тренери и студии, бугарско чучнување е супериорна вежба кога станува збор за активирање на мускулите на задникот, тетивите и квадрицепсите. Тоа е еднострана вежба која ги таргетира вистинските мускули, а воедно ја подобрува рамнотежата, стабилноста и симетријата на телото.
Бугарско чучнување се изведува со поставување на едното стапало на подигната површина (обично клупа) додека се прави клекнување со другото. Иако изгледа едноставно, оваа вежба брутално ги погодува мускулите и по само неколку повторувања ќе почувствувате како „горат“ – во најдобрата смисла на зборот. Може да се прави со сопствена тежина, тегови или шипка, во зависност од вашето ниво на искуство.
Она што ја издвојува оваа вежба е максималното активирање на глутеусите во долната фаза од движењето и фактот дека ја елиминира можноста посилната нога да ја „преземе“ работата на послабата, што е чест проблем кај класичните чучњеви. Покрај тоа, бидејќи бара рамнотежа и координација, ги вклучува и мускулите на јадрото, па затоа работите со повеќе мускулни групи во една вежба.
Значи, ако сакате да ги обликувате нозете и задникот, а не сакате да поминувате часови во теретана правејќи бесконечни серии, бугарско чучнување треба да биде на врвот на вашата листа. Не е најлесно, но дефинитивно е најефикасна вежба.

