Здравје
Подготовка за здраво сончање
Умереното изложување на сонце е корисно и помага за настанување на Витаминот Д кој е од важно значење за функционирање на мускулите, јакнење на коските и подобрување на циркулацијата.
Освен тоа, ултравиолетовите зраци според некои истражувања од Американски научници, го ослободуваат хормонот на среќата (ендорфин), кој влијае на доброто расположение. Меѓутоа при изложување на сонце важна е и правилната заштита од УВ зраците и превентивно да ги почитуваме советите од дерматолог како да се заштитиме во сончевиот период.
КАКО УВБ И УВА ЗРАЦИТЕ ВЛИЈААТ НА НАШАТА КОЖА
УВБ – зраците се појаки, создаваат брчки, сончеви пеги, предизвикуваат еритем, но количеството на УВА – зраци кои стигнуваат на Земјата е од 10 до 1000 пати поголемо. Дерматолозите предупредуваат дека УВА – зраците продираат во длабокиот слој на кожата (дермисот) и ја оштетуваат нејзината структура, додека УВБ – зраците допираат само во површинскиот слој на кожата (епидермот). Ова ни укажува дека потребна ни е заштита од сонцето и за УВА и за УВБ зраците.
ХРАНАТА КАКО ПОДГОТОВКА НА КОЖАТА ЗА СОНЧЕВИТЕ ЗРАЦИ
Лицата кои страдаат од алергии на сонце треба постепено да се изложуваат на сончева светлина и правилно да се подготват за заштита од сонце. Освен препрататите за мачкање, важен дел има и исхраната што ја конзумираме односно што повеќе овошје и зеленчук, кои се богати со антиоксиданти. Најважни за кожата се витамините A, C, E, флавоноиди, полифеноли и фамозниот B-каротен често препорачуван како идеално решение во подготовката на кожата за сончевите зраци. B-каротенот го има во морков, спанаќ, кајсија, брокула…
КАКОВ ЗАШТИТЕН ФАКТОР НИ Е ПОТРЕБЕН
Заштитниот фактор се определува во зависност од типот на кожата. За светол тен и коса, се препорачува употреба на заштитен фактор 50, додека за темнокосите е доволен заштитен фактор од 15 до 30. Притоа, треба да се внимава, препаратите за заштита од сонце освен што ќе не штитат и од УВБ и од УВА зраците треба да бидат и водоотпорни. Некои од најчестите УВ – филтри хемиски или физички кои се присутни во фотопротективните креми се: РАВА –деривати, салицилати, цинамати, бензофенони, авобензон, екамсул, титаниум диоксид и цинк оксид. Треба да се користат секојдневно, а при подолг престој на сонце да се нанесуваат на секои 2 часа особено после пливање, бањање и бришење со пешкир. Исто така при подолг престој на сонце мора да ги заштитиме и усните, кои и онака имаат недостаток на меланин, кој е природна одбрана на кожата против сонце. Посебно чуствителна е долната усна, па се препорачува да се стави специјален вазелин со минимален заштитен фактор 15.
Сончањето и кожа склона кон создавање на акни
Кожата под влијание на сончевите зраци во лето повеќе се масти. Ова игра важна улога бидејќи во тој случај кожата е повеќе подложна на настанување на акни и во овој период тој проблем може да се зголеми. При изложување на сонце акните првично се повлекуваат, меѓутоа набрзо после тоа стануваат уште повидливи и состојбата се влошува. Поради тоа важно е да ја припремиме акнеичната кожа при првото изложување. Треба да се користат производи кои го смалуваат и го одстрануваат вишокот на масти, а не предизвикуваат дехидратација и иритација. Неопходно е да се користат препарати со заштитен фактор за проблематична-акнична кожа кои не се масни и се богати со антиоксиданти кои содржат широк спектар на заштита од сонце како и хидрирачки препарати за подобрување на влажноста на кожата.
КАКО ВЛИЈАНИЕ ИМААТ ЛЕКАРСТВАТА ШТО ГИ ЗЕМАМЕ СЕКОЈДНЕВНО
Уште една препорака е добредојдена за сончевите денови – дел од лекарствата што ги примаме секојдневно содржат фотосензивилни материи, па затоа треба да се обрне внимание на средствата за контрацепција, за лична хигиена, на антибиотиците и на парфемите. Дури и лековите од домашната аптека, како што се маслото и лимонот можат да предизвикаат тешки изгореници и естетски оштетувања на кожата.
СОВЕТ
Сончајте се умерено за да ги избегнете последиците од прекумерното сончање. Важно е да се придржувате на основните правила изложувајте се на сонце кога сончевите зраци не се јаки, односно избегнувајте го периодот од 10 до 16 часот. Од количеството на темен пигмент (меланин) во вашата кожа зависи колку долго треба да останете на сонце. Ако се работи за лица со светол тен, очи и коса, претерано изложување на сонце може да доведе до настанување на изгореници. Лица кои имаат повеќе бемки по телото треба да бидат многу внимателни. Опасни се сметаат и двата спектра на сончеви зраци инфрацрвени кои предизвикуваат црвенило и изгореници, а можат да предизвикаат и промена на бемките, ултравиолетово познат како провокатор на меланомот. Затоа е важно да се заштитиме при појава на првите сончеви зраци, а со тоа ќе се заштитиме од подоцнежните негативни влијанија кои неповолно и штетно би влијаеле на Вашата кожа.
Д-р Тања Бурјакоска
Спец. Дерматолог
Ординација Д-р Анчевски
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Здравје
Лошиот сон може да го зголеми ризикот од срцеви заболувања
Знаеме дека добриот сон е неопходен за добро здравје, особено за здравјето на срцето. Истражувањата покажаа дека лошиот сон може да го зголеми ризикот од срцеви заболувања. Но, дали знаевте дека положбата во која спиеме исто така игра улога за здравјето на срцето?
„Спиењето на левата страна може да предизвика суптилни промени во положбата на срцето. На некои луѓе им е дури и непријатно да спијат на левата страна, особено ако имаат срцева слабост или неодамна им бил вграден пејсмејкер“, вели кардиологот Леонард Ганц за Prevention.
Позицијата на спиење може да влијае и на одредени симптоми.
„Палпитацијата и абнормалните отчукувања на срцето може да бидат позабележителни кај некои луѓе штпо лежат или спијат на левата страна. Сепак, не е јасно дали лежењето на левата страна ги зголемува шансите за развој на аритмија и дали тоа влијае на прогресијата на болеста“, додаде д-р Ганц, цитиран од хрватски „Индекс“.
Затоа кардиологот ги советува оние што чувствуваат некакви промени во работата на срцето при лежење на левата страна да изберат поинаква положба.
Оние што страдаат од рефлукс на киселина или гастроезофагеален рефлукс, од друга страна, може да имаат корист од спиењето на левата страна, според лекарите.
Во овој момент нема доволно истражувања за да се докаже која положба на спиење е најдобра за здравјето на вашето срце ако веќе немате срцеви заболувања. Најважно е добро да се одморите.
Она што е познато е дека лежењето на грб може да го влоши пулмоналниот едем кај луѓето со конгестивна срцева слабост. Некои луѓе со срцева слабост велат дека им е потешко да дишат кога лежат или спијат на левата страна.
Здравје
Просечното шише вода содржи 240.000 парчиња нанопластика, која предизвикува рак – 100 пати повеќе отколку што претходно се мислеше
Пластичните шишиња со вода содржат стотици илјади токсични микроскопски пластични честички, открија нови истражувања.
Британски „Дејли мејл“ објави дека наодите, најверојатно, ќе го шокираат секој што преминал од чешма на пакувана вода верувајќи дека е подобро за здравјето.
Пиењето вода од шише може да значи дека го загадувате вашето тело со мали парчиња пластика за кои научниците стравуваат дека може да се акумулираат во вашите витални органи и да предизвикаат непознати здравствени импликации.
Нанопластиката веќе е поврзани со рак, проблеми со плодноста и со вродени дефекти.
Научниците што користат најнапредни техники за ласерско скенирање просечно пронајдоа 240.000 пластични честички во шише вода од еден литар во споредба со 5,5 на еден литар вода од чешма.
Истражувачите на Универзитетот во Колумбија тестираа три популарни бренда на шише вода продадени во САД – и користејќи ласери, ги анализираа пластични честички што ги содржеа на само 100 нанометри во големина.
Честичките – нанопластика – се многу помали од микропластиците претходно откриени во пакувана вода.
Сепак, честичките се сметаат за потенцијално токсични бидејќи се толку мали што може да влезат директно во крвните клетки и мозокот.
Овие микроскопски честички носат фталати – хемикалии што ја прават пластиката поиздржлива, флексибилна и подолготрајна.
Здравје
Нутриционист: Три докажани начини да го забавите процесот на стареење, првите ефекти за две недели
Британската нутриционистка Габриела Пикок изјави дека со правилна исхрана им помогнала на многу луѓе од високото општество да ги забават знаците на стареење за само две недели.
„Науката е јасна дека сите ние имаме моќ да направиме едноставни промени што го менуваат животот на подобро, без оглед на генетската предиспозиција“, вели Пикок, која работела со членови на британското кралско семејство, како што се принцезата Јуџин и принцот Хари.
Авторката, чија книга „2 недели за помлад ти: тајни за подолго живеење и фантастично чувство“, беше објавена на почетокот на оваа година, рече дека е сосема природно што многу луѓе прибегнуваат кон нездрави навики во исхраната.
„Но, сите ние имаме потенцијал да го промениме ова“, изјави таа за „Сан“.
Без оглед на нашата возраст и здравје, Пикок тврди дека никогаш не е доцна да ја промените брзината на стареење и да ги прифатите енергијата и силата на вашето помладо јас.
Според нејзиното мислење, доволно е да се применат овие три работи и доволно е да се забави процесот на стареење, а првите ефекти ќе се видат по две недели.
Избегнувајте шеќер
Иако можеби е тешко да се замисли ако сте љубител на шеќер, таа советува дека намалувањето на шеќерот не само што е добро за целокупното здравје туку може и да го забави стареењето.
Како што дополнително објаснува, шеќерот води до хронично воспаление во телото, кое е еден од најлошите непријатели во процесот на стареењето.
Јадењето шеќер може да доведе до зголемување на телесната тежина, но, како што истакнува Пикок, вашата енергија и нивото на хормоните ќе влијаат на тоа како изгледате и се чувствувате.
Внесувајте разни хранливи материи
„Се разбира, урамнотежената исхрана помага во целокупното здравје, но некои хранливи материи имаат супермоќ против стареењето“, рече таа.
Заедно со антиоксидансите, омега-3 масните киселини, всушност, може да ги намалат брчките со хидратација на кожата и промовирање на еластичноста. Јадењето мрсна риба како лосос е одличен трик.
За уште поголема еластичност на кожата, Пикок вели дека колагенот, кој може да се најде во немасните протеини и супата од коски, е исто така неопходен.
Топло-ладно туширање
Екстремните температури може да бидат исклучително добра техника против стареењето.
Пикок вели дека има многу такви начини, вклучувајќи пешачење или вежбање на отворено во зима или ладната вода на крајот од туширањето.
„За да си ги олесните работите, зошто да не пробате неколку секунди ладна вода на крајот од туширањето?“, препорача таа.
„Се обидувам да се истуширам со ладна вода една-две минути пред да се префрлам на топла“, изјави таа за „Њујорк пост’.