Спорт
Гетџи: По мечот со Хабиб, мојата мајка конечно ќе може да се пензионира

Американската УФЦ-ѕвезда, Џастин Гетџи, вели дека мајка му ќе може да престане да оди на работа по неговиот саботен мегамеч против Хабиб Нурмагомедов на УФЦ 254 бидејќи тој ќе заработи доволно за да си ја осигури иднината.
Се очекува Гетџи да заработи над 3 милиони долари, без разлика дали ќе успее да го победи шампионот во лесна категорија, Нурмагомедов на Островот на борбите во Абу Даби. Неговата мајка Каролина, која по потекло е Мексиканка, работи во пошта.
„Моите родители никогаш не летале надвор од САД, а сега пристигнаа со бизнис-класа. Мојот татко Џон се пензионира пред неколку години откако 37 години работеше во рудник за бакар. А мојата мајка ќе оди во пензија по овој меч. Кога ќе почне мечот, тоа ѕвонче на почетокот ќе осигури таа да може да се пензионира по 35 години работа. Сите пари што ги заработуваа одеа кај мене и кај моите браќа и мојата сестра за да добиеме шанса“, вели Гетџи.
Американецот има скромно потекло од Сафорд, Аризона, каде што израсна со својата сестра и братот близнак и признава дека не било лесно.
„Живеевме на два часа од кој било град. Кога одевме да купуваме алишта за училиште, беше како празник за нас бидејќи возевме два-три часа. Знам колку финансиски им тежеше тоа и нема подобро чувство од тоа да си способен да го вратиш тоа“, вели Гетџи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Драма во Шпанија: Тренерот на Жирона итно префрлен во болница

Фудбалскиот тренер на Жирона, Мичел Санчез, напиша на социјалната мрежа X дека е хоспитализиран, но не ги наведе причините поради кои е примен во болница.
„Морав да бидам хоспитализиран и ќе бидам под лекарски надзор неколку дена“, напиша Санчез, додавајќи дека се чувствува добро и со нетрпение очекува да се врати на клупата.
Поради здравствената состојба, Санчез нема да го предводи тимот на натпреварот против Виљареал во сабота. Жирона моментално е на 15-то место на табелата, шест бода над зоната за испаѓање, а до крајот на првенството остануваат уште четири кола.
Ниту клубот, ниту тренерот не објавија повеќе детали за неговата здравствена состојба.
„Се чувствувам добро, под надзор сум на лекар и ги бројам деновите до враќањето на работа за да можеме да ја продолжиме борбата до крајот на сезоната. Ќе бидам отсутен од теренот, но во постојан контакт со стручниот штаб“, рече Санчес.
Минатата сезона, Санчез го предводеше каталонскиот клуб до историско трето место во шпанското првенство. Сепак, тимот се соочи со проблеми оваа сезона откако клучни играчи го напуштија клубот за време на летниот преоден рок, па Жирона е само 15-та на табелата со 38 бода, и сè уште не ја надминала борбата за опстанок.
Спорт
Средба која се чека со години: Ана Ивановиќ и Ѓоковиќ повторно заедно?

Ана Ивановиќ и Новак Ѓоковиќ би можеле повторно да се сретнат за прв пат по долго време.
На турнирот во Женева, најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, ќе ги направи последните подготовки за Ролан Гарос, а се очекува да пристигне и некогашната српска тенисерка Ана Ивановиќ во својство на почесна гостинка и поранешна шампионка, пренесуваат српските медиуми.
Нивната средба би можела да се случи во многу деликатен момент за двајцата.
Имено, се повеќе се шпекулира дека Ана поминува низ брачна криза со Бастијан Швајнштајгер и дека развод е на повидок.
Од друга страна, Новак поминува низ чуден период. Од почетокот на годината, тој е далеку од препознатливо ниво, се откажа од мастерсот во Рим без конкретна причина, а се повеќе се шпекулира за крајот на неговата кариера.
Турнирот во Женева е закажан од 17 до 24 мај.
Спорт
Алонсо се збогуваше со Леверкузен: „Разговарав со играчите“
Веќе нема никаква дилема, Чаби Алонсо јавно потврди дека ја напушта клупата на Баер Леверкузен и дека ќе стане нов тренер на Реал Мадрид.
Официјална потврда дојде и од главниот актер.
На прес-конференцијата пред натпреварот од Бундеслигата против Борусија Дортмунд, Алонсо откри пред јавноста дека веќе разговарал со играчите и дека ќе се збогува со клубот во преостанатите два натпревари од сезоната.
„Оваа недела, клубот и јас се согласивме дека ова ќе бидат моите последни два натпревари во Леверкузен. Ова е вистинско време да го објавам тоа бидејќи секогаш имавме добра комуникација. Мораме да уживаме во овој момент со измешани емоции. Разговарав со играчите и персоналот, не беше лесно. Имавме одличен однос и тоа беше клучот. Тие веруваа во мене и ме следеа. Сакам да се збогувам на вистински начин овој викенд“, рече Алонсо.
Алонсо, поранешен шпански репрезентативец, играше за Реал Мадрид од 2009 до 2014 година за време на својата играчка кариера и освои бројни трофеи со Реал, вклучувајќи ја и Лигата на шампионите во 2014 година.