Црна хроника
МВР сослушува 12 лица за нападот врз новинарите на А1.он

Министерството за внатрешни работи ги осуди последните настани, односно нападот врз новинарите на А1.он, што се случи во вторник вечер по протестот на иницијативата „За заедничка Македонија“, во центарот на Скопје и ќе ги употреби сите средства за да ги расчисти сите обиди за нарушување на јавниот ред и мир.
Како што појасни портпаролот Јордан Ламановски, на прес-конференција, во вторникот биле пријавени три кривични дела „насилство“, од кои првото се однесува на нападот на новинарите на електронскиот медиум А1.он, при што се вели дека две лица од грб ги нападнале новинарите кои извршувале работна задача.
Во другите „насилства“ биле повредени двајца малолетници.
Според МВР, на место на настанот биле легитимирани 12 лица, со кои во текот на денешниот ден се извршени информативни, службени разговори и се преземаат сите неопходни мерки за утврдување на мотивот на напаѓачите. Полицијата презема мерки да се најдат тие две непознати лица, кои ги нападнале новинарите, кои, пак, не можат да посведочат за нивниот идентитет, со оглед на фактот дека биле нападнати од грб.
Ламановски потврди дека имаат фотографија од лице во профил кое бега од местото на настанот и во следниот период ќе се утврдува неговиот идентитет, како и тоа дали учествувал во насилството.
Во другите два одделни случаи групи млади нападнале малолетник на возраст од 17 години во близина на зградата на Народна банка. Малолетникот во бесознание е префрлен во Клинички центар каде е задржан на неврохирургија за натамошно лекување.
Трето дело насилство се случило во 19.20 часот во автобус ЈСП борј „58“, кој се движел кон транспортен центар. Возачот на автобусот рекол дека во автобусот на автобуската постојка кај „Евро Ламбо“, влегле група млади и тие физички нападнале 17-годишен малолетник и искршиле еден прозорец.
Девет лица се приведени, од кои пет најверојатно се извршители на насилствата. Едно полнолетно лице е задржано во полиција, а другите се пуштени како малолетници дома, откако во присуство на нивните родители и на адвокати биле испрашани.
Од местото на насилството најдени се траги од крв и еден нож, а одземена е и облеката на некои од лицата, на кои имало траги слични на крв./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Топ
Извршен увид по пукањето во Штип: убиениот и напаѓачот се странски државјани

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Штип ноќеска вршеше увид на локација во кафе бар каде едно лице беше лишено од живот со истрели од огнено оружје.
Напаѓачот и жртвата се идентификувани и станува збор за странски државјани.
Од лице место подигнати се чаури и други траги кои ќе бидат предмет на вештачење, а телото на починатиот е дадено за обдукција. Обезбедени се и прегледани снимки од видео надзор. Се преземаат и други дејствија за обезбедување докази, а увидните дејствија на локацијата ќе продолжат и денеска.
Јавниот обвинител во текот на ноќта издаваше повеќе насоки и наредби за пронаоѓање на сторителот кој е во бегство.
Топ
Пукање во Штип, едно лице е повредено

Едно лице е повредено во пукање што се случило вчера вечер во кафуле на градскиот плоштад „Слобода“ во Штип.
Според првичните информации од полицијата, повредениот е префрлен во болницата во Штип.
„Вчера околу 21.30 часот во СВР Штип било пријавено дека во угостителски објект на градскиот плоштад во Штип, било пукано со пиштол при што едно лице е повредено. Лицето со возило на итна медицинска помош е пренесено во болница во Штип. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето кое пукало и за расчистување на случајот“, велат од МВР.
Црна хроника
Полицијата фати на дело крадци во поранешна Железара

Скопската полиција на дело фати криминалци кои краделе во објектите на поранешна Железара.
Според информациите на МВР, на 7 мај во 01.00 часот во кругот на поранешна фабрика Железара, полициски службеници ги уапсиле Ф.З.(30) од скопско, А.Х.(24) од Скопје и Б.С.(33) од липковско.
По претходно добиени сознанија и преземени мерки, тие биле затекнати при вршење кривично дело. Имено, лицата подолг период вршеле кривични дела во кругот на Железара и со огнено оружје се заканувале кон вработените.
Во Полициската станица Гази Баба бил извршен службен разговор со лицата и во содејство со јавен обвинител против нив е поднесена кривична пријава по брза постапка, додека од судија на претходна постапка на тројцата им е изречена мерка притвор од осум дена и биле спроведени во Казнено – поправната установа Затвор Скопје за издржување на мерката.