(Видео) Бојаровски: Буџаку трошел по 40 илјади денари за ручеци

(Видео) Бојаровски: Буџаку трошел по 40 илјади денари за ручеци

В.д. директорот на Центарот на управување со кризи, Агрон Буџаку, додека на синдикалците и на вработените не им исплатувал и им завлекувал законски и симболични суми од 3 до 4 илјади денари, галантно трошел со својата картичка над 40 илјади денари во еден ден, обвини денеска Илија Бојаровски, претседател на Синдикатот на вработените во ЦУК.

Според него, некомпетентноста и нестручноста се евидентни кога се поставуваат партиски и политички кадри во државни органи како во случајот со в.д. директорот на ЦУК. Раководење кризен штаб подразбира да го раководи професионалец, а и да го свика навреме, а не по кризата како во случајот со излевањето на Вардар, но и претходно со пожарите.

Од Синдикатот на вработените во ЦУК велат дека за подобрување на состојбите и развој на Центарот за директор треба да биде поставен професионалец од сферата на кризниот менаџмент, како што велат и препораките на меѓународната заедница по системот Мерит.

Бојаровски рече дека в.д. директорот Агрон Буџаку во еден ден седел во скопски ресторан и пречекувал седум делегации една по една, каде што потрошил над 40 илјади и 700 денари и од седумте платени ручеци во тој ден, пет биле за една иста делегација, а тоа е делегацијата на Јапонија.

Бојаровски истакна дека во ЦУК биле и дискриминирани докажани административни кадри. „18 вработени се распоредени со упатувања каде било под изговор дека работат за доброто на работата, а вистинската причина било да не пречат во „феудалното владеење на ЦУК“, рече Бојаровски. Како што кажа и претседателот на Синдикатот на вработените во ЦУК, в.д. директорот на Центарот, заедно со своите луѓе од Кабинетот, згора на сè, ги злоупотребувале службените возила, односно ги користеле за сопствени цели по завршувањето на работното време.

В. Ј.