(Видео) Судири по одлуката на Трамп за Ерусалим

(Видео) Судири по одлуката на Трамп за Ерусалим

Две ракети попладнево биле испалени во правец кон Израел од појасот Газа, соопштија израелските власти.

Сирените за ракетен напад се огласиле во градот Ашкелон на југот на Израел. Ракетите се испалени додека траат нередите на Западниот Брег, во источниот дел на Ерусалим и во Газа во знак на протест по соопштението на американскиот претседател, Доналд Трамп, дека го признава Ерусалим како главен град на Израел.

Во Рамала израелските безбедносни сили користеле гумени куршуми и солзавец во судирите со Палестинците. Меѓу учесниците во протестот имало и жени и деца. На протестот било запалено американското знаме.

Гумени куршуми биле користени и во Витлеем. Хаос владее на улиците во Ерусалим, во делот каде што живеат Палестинци. Досега е потврдено дека се повредени 43 луѓе.

Во Ерусалим живеат речиси 900.000 луѓе, вклучувајќи 300.000 Палестинци. Израел ја презеде контролата над источниот дел од градот, во кој се наоѓаат светите места на три религии, освојувајќи го од Јордан во војната во 1967 година. Тој дел на Ерусалим, Израел подоцна го анектираше.

Меѓународната заедница никогаш не го призна тоа и сите странски амбасади се наоѓаат во Тел Авив, но и покрај тоа Израел го прогласи цел Ерусалим за своја вечна престолнина.

Палестинците меѓутоа имаат намера во источен Ерусалим да прогласат главен град на нивната идна држава.