(Видео) На рака се делеле предмети во кривичниот и во Врховниот суд

(Видео) На рака се делеле предмети во кривичниот и во Врховниот суд

На рака се делеле предмети во кривичниот и во Врховниот суд, покажа извештајот на работната група на АКМИС – Автоматизираниот информациски систем за управување со судските предмети, што на прес-конференција го презентира министерот за правда, Биљен Саљији.

Во согласност со извештајот, само во кривичниот суд за 2 години 10 пати се менувал распоредот на судии, а во Врховен само во септември 2017 распоредот на судии бил сменет 9 пати. Судии што судат кривични предмети биле префрлани во граѓанскиот оддел на Врховниот суд, а за 860 предмети во кривичниот не бил доделен судија.

Предметите во кривичниот суд биле доделувани само со јавување на претседателот на судот во писарницата и со негов потпис. Во судот не е формирано работно тело за управување со движење на предметите во судовите, не се донесени внатрешни процедури за одделни процеси при управувањето со движењето на предметите. Министерот рече дека не бил користен модулот за автоматска распределба на предметите, а распоределбата се вршела рачно. Стручен соработник избирал кривичен совет кои судии ќе го реферираат предметот. Биле исклучувани судии од автоматската распределба на предмети и тоа без изготвување писмена одлука и без образложена причина.

Саљии рече дека во Врховниот суд со промена на годишниот распоред на судии наместо случаен, се добивал очекуван избор на судии. Не сакаше да ги потенцира имињата на претседателите на судовите кај кои се откриени злоупотереби на процедурите. Рекоа дека тоа според извештајот е повеќе од јасно. Според она што беше изнесено станува збор за судиите Јово Вангеловски, Владимир Панчевски, Татјана Михајлова и Стојанче Рибарев.

Од Врховниот суд  најавија реакција за овие наводи за в понеделник.

В. Маглешов