Објавена бесплатна електронска верзија на Правописот на македонскиот јазик

Објавена бесплатна електронска верзија на Правописот на македонскиот јазик

Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ по повод патрониот празник 8 Декември одржа свеченост, на која беше промовирана бесплатната електронска верзија на Правописот на македонскиот јазик.

„Имам задоволството да ве информирам дека од денес на адресата www.pravopis.mk на интернет, веб-страница на НУБ, е поставена бесплатна електронска верзија на Правописот на македонскиот јазик, кој ќе може сите да го користат и да го преземаат лесно. Сметам дека оваа вест претставува голема радост за сите Македонци не само во нашата земја затоа што со неа добиваме одличен и практичен инструмент за унапредување на нашите јазични познавања и за подобра употреба на македонскиот јазик во јавните објави и во јавната комуникација“, рече министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, во своето обраќање.

Бесплатната електронска верзија на македонскиот Правопис е дел од предвидените мерки на програмата за работа на Владата, преку кои ќе се развиваат потребните механизми за остварување на стратегијата за заштита, унапредување и афирмација на македонскиот јазик.

Бесплатната електронската верзија на Правописот на македонски јазик, која ќе биде достапна за секој граѓанин на Република Македонија, е резултат на повеќемесечна соработка помеѓу Владата на Рeпублика Македонија, Министерството за култура, Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, редакцијата на второто проширено издание на Правописот, издавачката куќа ,,Култура“ и Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“.