Објавен романот од Гербранд Бакер инспириран од поезијата на Емили Дикинсон

Објавен романот од Гербранд Бакер инспириран од поезијата на Емили Дикинсон

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го објави романот „Скршнување“ од холандскиот писател Гербранд Бакер, чиј англиски превод во 2013 година ја освои наградата за Независна странска книжевна фикција. Преводот на македонски е на Елизабета Божиноска.

Вели дека се вика Емили, но тоа не е нејзиното вистинско име. Го позајмила од поетесата Емили Дикинсон, чија книга поезија е едно од ретките нешта што ги понела со себе бегајќи во дивите предели на Велс. Нејзиниот стар дом е во Амстердам, но го напуштила откако признала дека е во вонбрачна врска со студент и добила отказ од работа. На фармата каде што доаѓа наоѓа десет гуски. Една по една, тие исчезнуваат.

Навистина, која е оваа средовечна жена? Дали нејзиниот сопруг ќе успее да ја најде? А момчето што останува да преспие на имотот: зошто не сака да си замине? И зошто гуските исчезнуваат?

Сместен во прекрасните велшки пејзажи, „Скршнување“ е приказна за потрагата по себе и за природата на болката. Романот на Бакер освојува со својата заводлива атмосфера на осаменост и закана и со приказната полна со искрено сочувство и со ретка убавина. Кристалната прецизност и привидната едноставност на ова дело од еден од најзначајните европски писатели на својата генерација кријат гејзир од силни емоции.

Книгата е објавена со поддршка на Холандскиот литературен фонд.

Гербранд Бакер (роден 1962) е холандски писател. Студирал холандски јазик и литература. Работел како титлувач на природонаучни филмови пред да стане градинар. Неговите рани дела биле книги за деца и млади. За својот прв роман за возрасни ја добил наградата за најпродавано книжевно деби.