Распишана меѓународна потерница за Грујовски и Бошковски

Распишана меѓународна потерница за Грујовски и Бошковски

Вчера, 26 јули 2017 година, во 21 часот Апелацискиот суд во Скопје до Министерството за внатрешни работи достави наредби за спроведување на Горан Грујовски и Никола Бошковски во Истражниот затвор „Скопје“. Иако телефонски Судот во 17 часот го извести МВР дека ќе бидат испратени наредбите, тоа се случи дури во 21 часот кога МВР можеше да постапи во согласност со своите законски овластувања.

Веднаш беше распишана национална потерница со која се спроведоа активности за приведување на осомничените. Tимовите на Министерството извршија проверка на објектите на адресите што се пријавени како места на живеење на осомничените и проверки на повеќе локации на територијата на Република Македонија, поточно во Скопје, Велес и Охрид, за кои имаше оперативни сознанија дека осомничените ги користат за криење. Со оглед на тоа дека не беа пронајдени, МВР, во согласност со законските надлежности, побара од Судот согласност за распишување меѓународна потерница и по наредба на Судот веќе е распишана за двајцата обвинети во случајот „Тврдина – Таргет“ на СЈО.

В. М.