Daily news
Груевски: Животот го дава Господ, а не СДСМ
На митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Бутел вечерва се обрати претседателот на партијата, Никола Груевски. Тој кажа дека ја следеле и противничката кампања и напомена дека една третина од говорите ги посветуваат да го навредуваат, да го плукаат, да ги омаловажуваат него, неговите соработници и ВМРО-ДПМНЕ.
„Кога плукате по некоја партија и по некои личности што создале, што изградиле, што направиле, треба да сте свесни дека е исто како кога плукате нагоре, плунката ви се враќа врз вас, врз главата. Тоа ќе им се случи ним на 15 октомври од овој народ кој знае и гледа што направивме ние во изминатиот период. Само нека продолжат да нè плукаат и навредуваат, ние нема да ги навредуваме, нема да ги плукаме, затоа што народот гледа, народот е свесен, народот прави разлика и на 15 октомври е свесен дека тогаш е неговиот миг, тогаш е неговата моќ, не пред тоа, не потоа“, рече Груевски.
Тој порача дека СДСМ нема да успее повторно да го прелаже народот.
„Втората третина или помалку од една половина им е повторно лажни ветувања, повеќето од работите не можат да се исполнат. Третото им е една чиста демагогија, едни апстрактни поими, ќе донеле живот, во Бутел ќе донеле живот, што да ви кажам. Ќе донеле воздух, како во приказните со Итар Пејо, со Насрадин-оџа, каде што му продаваа разноразни работи на народот со разноразни итроштини, така и овие нашиве што се сега на власт ќе продаваат воздух на народот. Народот има воздух, народот има живот, животот го дава Господ, а не СДСМ“, изјави Груевски.
Тој исто така рече дека новата Влада ги запрела сите крупни проекти, ја запрела целата економија, како и изградбата на новата клиничка болница.
„Тие стопираа и изградба на училишта, градинки и потоа ќе продолжат да ги градат и по неколку години ќе речат дека оваа Влада ги изградила сите овие работи, а не ВМРО-ДПМНЕ. Бројот на вработени во Бутел е значајно зголемен, па така во 2006 во Бутел биле регистрирани околу 3 илјади вработени лица, а во септември 2016 година има регистрирано околу 7 илјади лица, а тоа е повеќе од двојно, и тоа е работа“, рече Груевски.
Тој порача дека новата ера ќе дојде по ова замрачување, по ова незаконско работење на новата власт.
„Свесно тераат незаконски, влезени се во една еуфорија, влезени се во еден занес, еден восхит дека се донесени вечно да владеат, бидејќи не се избрани, тие изгубија на изборите, тие се донесени. Веруваат дека вечно ќе бидат на овие позиции и затоа не гледаат ни што е закон ни што е народ, но народот ќе им покаже кои се и кој е овде народот на 15 октомври“, рече Груевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.