Daily news
Изјавите на Владимир Путин кои ги тераат противниците да се замислат
Популистички, прагматичен, авторитативен, лукав тактичар – години откако стапна на врвот на руската политика, западните набљудувачи се прашуваат кои се намерите на Владимир Путин.
Б92 издвои дел од неговите највпечатливи изјави во врска со неколку светски настани во изминатите години.
За САД
„САД се голема сила, веројатно единствената која постои денес. Ние тоа го прифаќаме и подготвени сме да соработуваме со нив. Тоа што не го сакаме е мешање во внатрешните работи на нашата земја, да ни говорат како треба да го живееме својот живот и да ја спречуваат Европа да се поврзе со нас“ – јуни 2016.
За Каталонија
„Во еден момент Европската Унија го поздрави колапсот на цела низа држави во Европа, не трудејќи се да го сокрие задоволството. Тоа го правеа поради краткорочни интереси и задоволувањето на Големиот брат во Вашингтон – безусловно поддржувајќи го отцепувањето на Косово, предизвикувајќи слични процеси на континентот и пошироко“ – октомври 2017.
За НАТО
„Го нема повеќе СССР, го нема Источниот блок. Сметам дека на НАТО му е потребен надворешен непријател за да го оправда своето постоење, па затоа константно е во потрага по него, со провокации и непостоечки противници“ – јуни 2017.
За Блискиот Исток
„Постоеше обид да се реформира регионот, за да се наметне надворешен модел преку промена на режимот или целосно користење на силите. Наместо да се борат против екстремизмот и наместо да наметнат таква борба, некои од нив сакаат хаосот да стане секојдневие“ – октомври 2017.
За Северна Кореја
„Се разбира дека ги осудуваме нуклеарните тестови на Северна Кореја и согласни сме со сите безбедносни резолуции на Обединетите нации, без исклучок, но за да се реши овој проблем, потребен е дијалог, а не користење воени закани и меѓусебно разменување погрдни зборови и навреди. Без разлика дали ви се допаѓа режимот на Пјонгјанг или не, морате да признаете дека Северна Кореја е суверена држава“.
За рушењето на Виктор Јануковиќ во Украина
„Она што се случи во Киев е вооружано и неконституционално демонстрирање на моќ –државен удар. Прашањето е: мораше ли така? Виктор Јануковиќ веќе се откажа од својата моќ и немаше шанси повторно да биде избран на изборите. Зошто земјата се турна во хаос? За да се демонстрира моќ? Тоа беше глупава одлука и имаше повратен ефект. Мислам дека тие акции ја дестабилизираа ситуацијата на истокот на земјата“ – март 2014 година.
За Владата во Киев
„Интересите на рускиот и украинскиот народ се исти. Тоа што не е исто се целите на украинската влада и елита. За извоз имаат само русофобија и политика на поделба помеѓу двете земји. Некои на запад веруваат дека овие две држави никогаш не би требало да бидат сојузници, па Украина стана успешна во извозот на таа идеја“ – јуни 2017.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.