Daily news
Ново рочиште по тужбата на Али Ахмети и Муса Џафери против екс-разузнавачот Богоевски
Во Граѓанскиот суд денеска треба да продолжи судското рочиште за тужбата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и Муса Џафери против екс-разузнавачот Слободан Богоевски за клевета поради неговото сведоштво во судот во Њујорк за случајот „Маѓар телеком“.
Судот на минатото рочиште прифати за сведоци да ги повика адвокатката Билјана Панова, нотарот Сашо Клисаровски и преведувачката пред кои наводно е дадена, односно заверена изјавата која била користена за потребите на постапката во САД, па оттука, Ахмети и Џафери ќе докажуваат дека изјавата била дадена во Скопје и за тоа е надлежен скопскиот суд, а не на екстериторија во Амбасадата на САД во Скопје.
Адвокатката на Али Ахмети, Татјана Поповски, побара Богоевски да го појасни приговорот на одбраната за стварната и месна надлежност на судот за постапката. Полномошниците на тужителите рекоа дека ќе се произнесат по одговорот на тужените кога до судот ќе биде доставена оригиналната изјава на Слободан Богоевски дадена за Њујоршкиот окружен суд преведена од овластен судски преведувач.
Адвокатката на екс-разузнавачот Цветанка Настова, пред судот изјави дека судот е ненадлежен бидејќи делото за кое се товари не е сторено на територијата на Македонија, односно дека тужениот Богоевски изјавата ја дал во претставништво на амбасадата на САД во Скопје, притоа повикувајќи се на принципот на екс-територијалност според кој местата каде се наоѓаат амбасадите им припаѓаат на земјите. Настова подвлече дека упатиле и писмено барање до Амбасадата на САД во Скопје за одговор на прашањето кога е дадена изјавата на Богоевски како сведок и за кои потреби.
Полномошничката на тужителите на минатото рочиште се повика и на објави од македонски електронски и печатени медиуми во кои биле пренесени детали од сведочењето на Слободан Богоевски пред Њујоршкот Окружен суд, но не беа приложени докази кои ја потврдуваат автентичноста на доказите објавени во медиумите, бидејќи секој пренел или превел делови од документи, но никој не пренел лична изјава на Богоевски.
„Вакви тужби се недозволени и се казниви според македонскиот кривичен законик. Ова јас го доживувам како притисок“ – рече Богоевски.
Богоески во сведоштвото пред американскиот суд посочи дека 7,5 милиони евра биле внесени во Македонија со службен владин автомобил за поткуп на тројца политичари, експремиерот Владо Бучковски, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и Муса Џафери. Како отштета во овие процеси Ахмети побара 3 милиони денари, а Џафери 2,5 милиони денари.
Поранешните директори на „Маѓар Телком“, Елег Штрауб и Андрас Балог, се спогодија да платат парични казни и добија петгодишна забрана за вршење дејност како директори или вработени во сите акционерски друштва. Штрауб ќе плати кана од 250 илјади долари, а Балог од 150 илјади долари долари.
В. Маглешов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.