Daily news
Прилеп лидер во Македониja и регионот за развој на алтернативниот спортски туризам
Прилеп стана Центар за развој на екстремните спортови, не само во Македонија, туку и во поширокиот регион.
Алтернативниот спортски туризам годишно во градот носи илјадници посетители буквално од целиот свет.
Болдерингот, параглајдингот, планинскиот ултрамаратон наречен „По стапките на Крали Марко“, планинскиот велосипедизам, downhill, highline, мото крос трките се само дел од овие екстремни спортови кои го промовираа Прилеп во вистинска хит дестинација за сите љибители на адреналинот.
Токму поради уникатните карпи од вулканско потекло кои се наоѓаат околу Прилеп, особено на локалитетите „Камена Баба“, „Маркови кули“ и „Трескавец“ и големите напори на локалната самоуправа за развој и промоција на болдерингот, Прилеп повеќе пати се најде на страниците на светските медиуми.
Британскиот двомесечник „Climber“, француското списание за искачување „Grimper“, списанието „Le Alpi“, кое го издава клубот за алпинизам на Швајцарија и големиот број балкански спортски магазини се само дел од медиумите кои ја пренесуваат болдеринг приказната за Прилеп.
Инаку болдерингот е искачување на помали карпи, без никаква опрема и Прилеп е една од 10-те топ дестинации за развој на болдерингот во Европа и има големи перспективи за развој на овој екстремен спорт кај нас.
Во 2014 година во Прилеп се одржа и настанот „Petzl Rock Trip“, кој го организираше француската компанија за опрема за качување „Petzl“ и кој предизвика голем интерес во Европа, а тогаш за Прилеп беа снимени и доста промотивни видеа кои го промовираа нашиот град насекаде во светот.
Со изградбата на патот за манастирот Трескавец, покрај локалитетите „Камена Баба“ и „Маркови кули“ за болдерингот се отвори уште еден ваков терен за искачувачите по карпи.
Изградбата на патот до Трескавец придонесе и за развој на параглајдингот затоа што таму се изгради ново параглајдинг полетувалиште.
Во Прилеп секоја година се одржува и ултра планинскиот маратон „По стапките на Крали Марко“, кој годинава беше долг 90 км, а регионот на Мариово се промовира преку настанот за планински велосипедизам „Mariovo off road experience“.
Тука се негува и мото крос спортот, со одржувањето на трки во арената кај Лагово. Лани, пак, за првпат во Македонија во Прилеп се одржа манифестацијата насловена како „PRILEP EXTREME WEEKEND“ на кој се одржа и првото македонско трофи, на кое со своите џипови, учествуваа повеќе од 120 учесници од повеќе држави. Во исто време, на патеката кај Лагово, по 4-ти пат се одржа и меѓународната трката со крос мотори насловена како „Stormriders“.
Локалната самоуправа планира оваа патека во иднина да прерасне во современ мото центар со повеќе патеки за џипови, постоечката патека за крос мотори да се доуреди за да може на неа да се одржуваат и меѓународни натпревари кои ќе се бодуваат, а ќе се гради и патека за картинг, пеинт бол терен како и неколку угостителски објекти кои би ги услужувале посетителите на овој Центар.
Исто така, за првпат во Македонија, лани кај манастирот Трескавец, се организираше уште еден аутдор фестивал од екстремните спортови, на кој се промовираше одењето по трака над провалија висока 30 метри, или спорт познат како highline. Тоа е уште една атракција која Прилеп ќе ја нуди во иднина.
Кај Паркот на револуцијата се отвори и скејт парк.
Сите овие манифестации се максимално поддржани од локалната самоуправа на Општина Прилеп бидејќи секако крајната цел на оваа промоција е економскиот бенефит, затоа што туризмот е една од носечките економски гранки, не само во Прилеп, туку и во светот. /крај/мф/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.