Daily news
Прифатени апликациите на 424 млади земјоделци: Ќе добијат неповратни 10.000 евра
Годинава Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, од Програмата за рурален развој, ќе склучи 424 договори, со земјоделците кои ги исполнија критериумите при аплицирањето на најавените мерки за поддршка на млади земјоделци. Тие ќе добијат неповратни 10.000 евра, што можат да ги користат за набавка на земјоделска механизација и за инвестиции во производствени капацитети. Ова го изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, по повод потпишувањето на првите договори за мерката.
„Мерката постоеше и во претходните години, но по критериум „прв дојден прв усложен“, што отвораше сомнеж дали овие пари завршуваа кај вистинските земјоделци. Нашата аграрна политика е јасна – секој денар од субвенциите од секоја мерка, мора да се исплати на вистинските земјоделци. За таа цел во годинешната Програма за рурален развој го отсртанивме претходниот критериум, и воведовме нови критериуми, со единствена цел овие неповратни 10.000евра да завршат кај оние млади земјоделци кои навистина сакаат да се занимаваат со земјоделство, кои ќе ги искористат парите за сериозна инвестиција, ќе внесат нови технологии, од што придобивка ќе има и вкупното земјоделско производство“, изјави Николовски и додаде дека лани за истата мерка се склучени само 124 договори.
Николовски ја образложи и процедурата на исплата, појаснувајќи дека платежната агенција веќе ги известила сите 424 земјоделци дека им се прифатени апликациите и им пратила допис со датум и време на потпишување на документите.
„По потпишувањето на договорите, корисниците треба започнат со реализација на инвестицијата. Временскиот рок за реализација на инвестицијата е 6 месеци. По реализација на инвестицијата, барателот треба да поднесе барање за исплата до Платежната агенција, заедно со потребната документација од инвестицијата односно фактури, испратници, доставници, изводи од банка за транскациите, најдоцна до 1-ви јуни 2018 година
По обработката на барањата за исплата, Платежната агенцијата, испраќа контрола на лице место, која што ќе ја констатира фактичката состојба со инвестицијата на терен. Доколку се совпаѓаат податоците од контролата и договорот, Агенцијата веднаш ќе изврши исплата на парите. Тоа значи дека, доколку годинава ја реализирате инвестицијата или набавите механизација, оваа година ќе имате исплата на неповратени 10.000 евра“, рече Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.