Daily news
Пјуртек прогласен за „Мотор на годината“ по третпат
За време на 18. Меѓународна награда за мотор на годината што се одржа во Штутгарт, меѓународното жири на новинари ја додели наградата „Мотор на годината за 2017″ на турбо-бензинскиот мотор Пјуртек (PureTech) 1.2 литри со 3 цилиндри во категорија од 1 литар до 1.4 литри.
Индустриски и комерцијален успех
Трета година по ред наградата „Мотор на годината за 2017″ го потврдува комерцијалниот успех на овој успешен бензински мотор, достапен со 110 и 130 КС (PureTech 110 S&S и PureTech 130 S&S).
Факти:
-Со повеќе од 850.000 веќе произведени единици во индустриските капацитети на производствената локација Фронес ди механик во Дуврин (Франција) и во Ксијанг Јанг (Кина) од нејзиното лансирање во 2014 година, овој мотор, исто така, ќе се произведува во фабриката Тремери (Франција) на крајот на 2017 година, со цел да се одговори на зголемувањето на побарувачката и двојно да го зголеми капацитетот за производство на овој мотор во Франција. Годишното производство ќе надмине 1 милион единици до 2019 година.
-PureTech 1.2-литарскиот мотор во верзии од 110 и 130 КС е целосно распореден на повеќе од 90 возила во 70 земји. Во 2017 година, тој придонесе за комерцијалниот успех на новите производи на PSA Групацијата, во кои го вклучуваат потполно новиот Peugeot 3008 SUV – Европски автомобил на годината за 2017 и новиот Citroën C3.
-На европскиот пазар, Пјуртек 1.2литри со 3-цилиндрично модуларно семејство претставува една третина од вкупните бензински и дизел мотори на PSA Групацијата.
Поголема ефикасност и еколошка погонска единица
Признание за сите перформанси во возењето, дури и кај најниските вртежи во минута, Пјуртек1.2 литри 3-цилиндричниот турбо мотор продолжува да се развива и ќе има корист од значителни подобрувања пред крајот на 2017 година, со подобрувања во ефикасноста, перформансите и потрошувачката на гориво (до 4%):
-воведување на филтер за честички на бензинските мотори за намалување на штетните честички на емисиите за повеќе од 75% во очекување на идните стандарди за регулирање на емисијата во 2020 година во Европа и Кина;
-оптимизација на ефикасноста, поради еволуцијата на циклусот на согорување и притисок за вбризгување на горивото од 250bar;
– намалување на механичкото триење и воведување нов турбополнач;
-правејќи го моторот покомпактен за да ја оптимизира аеродинамиката на каросеријата (SCx добивки).
Коментирајќи ја наградата, Кристијан Чапел, потпретседател на одделот „Инженеринг за моторен погон и шасии“ на PSA Групацијата, изјави: „Добивањето на оваа награда го потврдува извонредниот квалитет и перформансите на нашите бензински мотори. Продолжуваме да ги оптимизираме моторите со внатрешно согорување и да ги направиме повеќе ефикасни и сè повеќе еколошки, за што подобро да се справуваат со предизвиците на енергетската транзиција”.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.