Daily news
(ВИДЕО) Рашковски: Фирма на братот на пратеникот Мукоски склучила договор за варосување на Арената од 10 евра по квадрат
Случајно, или намерно, фирмата „Атриум“ од Вевчани, во сопственост на братот на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, склучила договор за варосување на помошни простории во „Телеком арената“ за 10 евра од квадрат, пред одржувањето на Супер Купот во Скопје. Ова е само една од тезите кои денеска ги соопшти генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски на прес-конференција пред новинарите за проблемите околу одржувањето на Супер Купот во главниот град.
Ова, како што посочи, се информации кои ги добил тој како генерален секретар на Владата, и рече дека се неофицијални, па ги упати медиумите понатаму да истражат. Тој рече дека има многу недостатоци и пропуштени рокови во реконструирањето на Градскиот стадион во пресрет на одржувањето на Суперкупот.
Рашковски посочи дека Владата мора да ги заврши бараните реконструкции на Арената до 21 јули, бидејќи два дена подоцна, на 23 јули ќе има финална контрола од УЕФА дали Супер Купот ќе се одржи во Скопје. Генералниот секретар на Владата посочи дека УЕФА на ФФМ му пратил допис со одредени забелешки кој од ФФМ до Владата патувал седум дена. „Што правел ФФМ 7 дена?“, праша Рашковски, потенцирајќи дека писмото од Федерацијата до Владата патувало една недела. Тој рече дека засега нема технички услови за одржување на Супер Купот на Градскиот стадион.
Најголемиот проблем на кои посочува Рашковски се неинсталираната климатизација, немањето простор за камиони и репортажни возила, планот за евентуална евакуација… „Правиме напори за соодветно електрично напојување во случај на дефект“, рече Рашковски. Тој нагласи дека Владата ќе ги забрза работите за одржување на Супер Купот во Скопје. „Ако не се одржи во Скопје, загубата ќе биде на цела Македонија“, рече тој.
Рашковски рече дека Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор треба да направи алокација на средства од 2 милиони денари за да се исполнат стандардите на УЕФА.
Генералниот секретар на Владата рече дека станува збор за тематска прес-конференција и за сите прашања надвор од темата, новинарите беа упатени дополнително да побараат одговори.
В. Маглешов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.