Daily news
„Самит 100“ за бизнис-лидери од Југоисточна Европа на 16 и 17 октомври во Скопје
Денес, во просториите на „Алкалоид“ АД Скопје се одржа прес-конференција по повод 6. годишен „Самит 100“ за бизнис-лидери од Југоисточна Европа, кој на 16 и 17 октомври се одржува во Скопје.
На прес-конференцијата претседателот на УО на „Самит 100“ и генерален директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, и програмскиот директор на „Самит 100“ и партнер во „Алба партнери“, Јелена Радуловиќ, најавија дека Скопје и Република Македонија преку уникатната регионална бизнис-платформа „Самит 100“ ќе бидат домаќини на повеќе од сто реномирани бизнис-лидери и највисоки политички претставници од Југоисточна Европа, кои во текот на двата дена ќе дискутираат за потенцијалите и можностите на регионот како целина.
Воведно обраќање на „Самит 100“ ќе има Живко Мукаетов, кој на прес-конференцијата истакна дека она што го прави овој бизнис-настан уникатен е тоа што отвора можности за вистинска поврзаност и искористување на заедничкиот потенцијал на земјите од нашиот регион.
„’Самит 100′ е создаден како регионална иницијатива и токму затоа членови во нашиот Управен одбор се претставници на стопанството од целиот регион на Југоисточна Европа. Како претседател на Управниот одбор, но и како директор на компанија што работи регионално и меѓународно, свесен сум за силата и значењето на заедничкиот настап и поврзаноста на нашите земји. Имено, гледано во светски рамки нашите пазари се мали, но обединувајќи ги интересите и капацитетите во заеднички настап, можеме да бидеме сериозно меѓународно конкурентни и истовремено да го свртиме вниманието на глобалниот бизнис кон инвестицискиот потенцијали на земјите од Западен Балкан, Хрватска и Словенија. Како домаќин на годинешниот „Самит 100“ навистина ми е драго што енергијата е препознаена од голем број бизнис и политички лидери кои ги очекуваме во следните денови во Скопје“, изјави Мукаетов.
Клучниот збор на годинешниот „Самит 100“ во Скопје е поврзување во разни области и на разчни нивоа. Еден од главните говорници е еврокомесарката за транспорт, Виолета Булц, на која ќе ѝ се придружат реномирани бизнис-лидери, претставници на водечките компании од регионот, како „Хидрија“, „АСА груп“, „Атлас фондација“, „Атлантик група“, „Горење“, БМВ, „Подравка“, „Филип Морис“, ББИ, „Убер“, „Бамби“ и многу други, но и претставници од меѓународни финансиски институции, како Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), Европската инвестициона банка (ЕИБ), Светската банка и многу други претставници од бизнис-секторот.
„Од година на година „Самит 100“ напредува и секогаш додаваме по некоја нова димензија на нашата иницијатива. Во Скопје очекуваме дека ќе продолжиме да го надградуваме нашиот модел и „Самит 100“ ќе стане уште посилна платформа со помош на добрата енергија во Скопје, но и дека дополнително ќе ги конкретизираме нашите идеи и првпат во историјата на „Самит 100“ ќе ги им ги претставиме на премиерите, со цел да направиме поширок фронт за унапредување на соработката во регионот“, изјави Јелена Радуловиќ, програмски директор на „Самит 100“.
Програмата на „Самит 100“ е поделена во два дена. На денот на отворањето учесниците ќе имаат можност да дискутираат за важноста од поврзувањето на регионот, развојот на зелената мобилност како можност за брз раст, слободното движење на стоките и услугите и како локалните идеи може да достигнат глобален успех, но и за идеите и проектите за подобра координација и унапредување на соработката во рамките на нашиот регион и негово приближување кон Европската Унија преку Берлинскиот процес, во чија цел е предвидено и потпишување меморандум за соработка помеѓу платформата „Самит 100“ и Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан 6, основан на неодамнешниот самит во Трст.
Вториот ден учесниците на „Самит 100“ ќе бидат ангажирани во 5 креативни работилници посветени на енергетиката, економијата базирана на знаење, брендирање на производите од секторот храна и пијалаци, како и дигиталната економија и туризам. Во текот на денот предвиден е и политички панел на премиерите од регионот, на кој ќе им бидат претставени заклучоците од креативните работилници, а политичките лидери пред присутните ќе го дадат својот осврт на „Новиот договор за новото доба‘‘ во согласност со слоганот на „Самит 100“.
Прелиминарната програма е објавена на интернет-страницата на „Самит 100“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.