Daily news
Шест пратеници на ВМРО-ДПМНЕ му пишаа на Заев : Споделете го текстот на договорот со Бугарија со пратениците
Пратеникот Илија Димовски од собранискиот прес – центар во име на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македоија, побара увид во нацрт-договорот со Бугарија, како што рече, затоа што во бугарските медими веќе имало информација дека бугарските пратеници го разгледуваат овој договор. Димовски рече дека за таа цел шест пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и тоа Никола Попоски, Трајко Вељаноски, Антонио Милошоски, Емил Димитриев, Влатко Ѓорчев се потпишале на писмото кое го упатиле до премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров, преку кое бараат овој документ да биде транспарентен и разгледан од пратениците на опозицијата.
„Во бугарските медиуми има информација дека текстот на нацрт-договорот е усогласен и дека пратениците на бугарскиот парламент веќе го разгледуваат. Затоа ние цениме, дека овој документ треба да биде даде на увид во нашето Собрание, за да се избегнат сите сомнежи и да се надмине грижата кај граѓаните што деновиве се создава. Ветија инклузивно работење, но досега нема ништо од тоа. Уште еднаш го повикуваме премиерот Заев во духот на транспарентноста што ја ветуваше да го исполни тоа. Ние како опозиција ќе бидеме констуктивни, но нема да прифатиме договори кои ќе бидат штетни за националните интереси“, рече Димовски.
Тој додава дека токму поради ваквиот однос на опозицијата ги формирале 10-те пратенички групи во Собранието. Тој рече дека не сака да лицитира со содржината на договорот помеѓу Македонија и Бугарија, за да не наштети на започнатите евро-атлански процеси. Според него, за ова прашање треба да се отвори јавна дебата, но првично овој договор да се презентира на затворена или отворена седница на Комисијата за надворешни работи.
На новинарско прашање дали ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи законот за употреба на албаснкиот јазик, Димовски вели дека и овој закон треба првично да го видат и потоа да донесат одлука. Повтори дека опозицијата се уште е на ставот дека нема да прифати закон кој ќе задира во унитарноста на државата и идентитетот на македонскиот народ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.