Економија
Анѓушев ги претстави можностите за инвестирање пред белгиските бизнисмени
Вицепремиерот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, е во дводневна службена посета на Кралството Белгија, а на првиот ден од посетата во Антверпен учествуваше на тркалезна маса во организација на стопанската комора ВОКА (Voka – Kamer van Koophandel Antwerpen Waasland), каде што пред двесетина претставници на белгиски компании ги презентираше можностите за инвестирање во Република Македонија.
Како што информираат од владината прес-служба, вицепремиерот истакнал дека Владата во изминатиот период напорно работела и ја стабилизирала економската состојба во Република Македонија. Тој нагласил дека за добра бизнис-клима е потребно владеење на правото за стопанствениците да чувствуваат сигурност во нивните инвестиции, како и обезбедување стабилна политичка состојба, преку интензивни активности за реализација на евро-атлантските аспирации на земјата.
„Ве уверувам дека странските инвеститори се добредојдени во Република Македонија. Доколку некоја компанија реши да ја посети земјата и да ги истражи можностите за инвестирање, Владата и органите на државната управа ви стојат на располагање за сите потребни информации. Веќе имаме оформено неколку технолошко-индустриски развојни зони, во кои работат странски компании, работиме на нивно комплетирање и сакаме да ги пополниме со реномирани производствени компании“, потенцирал Анѓушев.
Вицепремиерот ги претставил мерките од Планот за економски раст, при што истакнал дека преку имплементација на мерките се овозможува значителна поддршка на компаниите за нови инвестиции, нови работни места и подобрување на конкурентноста на странски пазари.
„Планот за економски раст го креиравме со намера да ја поттикнеме економската активност во земјата, да привлечеме нови инвестиции, да ги поддржиме постоечките компании да се развиваат, а со тоа да ја подигнеме конкурентноста на македонската економија и да се отворат нови подобро платени работни места за македонските граѓани. За секоја нова инвестиција, државата ќе обезбеди поддршка во висина од 10% од вредноста на инвестицијата и дополнителни 10% доколку со таа инвестиција се зголеми пазарната реализација на компанијата на странски пазари. Со цел да ја стимулираме соработката помеѓу странските и домашните компании креиравме мерка преку која доколку странска компанија набавува 15% од материјалите за работа од домашни, македонски компании, Владата ќе изврши исплата во висина од 1% од вкупно направените набавки на компанијата. Доколку некоја компанија одлучи да отвори развоен и истражувачки центар во Република Македонија, може да смета на поддршка во висина од 50% од направените инвестиции, со што го поттикнуваме технолошкиот развој и иновациите во компаниите. Во насока на зголемување на платите, обезбедуваме поддршка во висина од 20% од исплатената нето-плата, за нововработени лица во компаниите кои примаат 50% повисока плата од минималната “, подвлекол Анѓушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.