Компании
„Ки Сејфти Системс“ гради фабрика во Кичево, најавени 1.000 вработувања

Американската компанија „Ки Сејфти Системс“ во средата започна со реализација на инвестицискиот проект за изградба на фабрика во ТИРЗ Кичево, која се наоѓа во селото Србјани.
На свеченоста присуствуваа премиерто Никола Груевски, министерот за економија Беким Незири, директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо и директорот на „Ки Сејфти Системс“ за Македонија, Богдан Петрута.
„Девет полни години траеа преговорите со оваа компанија и денеска со посебно задоволство можам да констатирам дека во Кичево, по долг застој, успеавме да донесеме компанија со светско реноме, која во наредниве две години ќе вработи околу 1.000 лица, што е од особена важност за населението во регионот“,рече Груевски .
Оваа американска компанија се занимава со производство на воздушни перничиња за автомобилската индустрија, појаси и електроника има 34 фабрики во 12 земји. Во Македонија стартуваше во браунфилд објект во центарот на Кичево, а со почетна инвестиција од 20 милиони долари ја започна изградбата на фабрика за производство на воздушни перничиња за светски марки на автомобили во зоната во Кичево.
„Од аспект на економски раст особено е значаен податокот што на годишно ниво извозот од компанијата ќе биде меѓу 50 и 60 милиони долари. Само да потсетам, минатата година извозот само од слободните економски зони изнесуваше над 1 милијарда евра, што е раст од 54 % во споредба со 2013 година, додека во првите пет месеци од оваа година само од слободните економски зони имаме извоз од 553 милиони евра, а во месец мај извозот од зоните изнесуваше 120 милиони евра. ТИРЗ Кичево и инвестицијата на американската компанија ’Ки Сејфти Системс’ се уште еден доказ дека политиките во насока на зголемување на инвестициите се правилно насочени“, рече министерот Незири.
Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо потсети дека со поставувањето на камен темелникот во ТИРЗ Делчево за заокружи проектот за функционирање на 14 зони, со цел за рамномерен економски развој. „Паралелно со изградбата на оваа фабрика се привршува изградбата на ТИРЗ Кичево. Зоната е со површина од 3 хектари, ја сочинуваат 9 градежни парцели, од кои 7 се наменети за производни и услужни дејности, а ќе биде функционална до крајот на октомври“, изјави Мизо.
Директорот на „Ки Сејфти Системс“ за Македонија, Богдан Петрута го изрази своето задоволство од денешниот настан, кој ќе значи нова успешна инвестициска приказна за оваа американска компанија.
„Со гордост можам да кажам дека заедно изградивме бизнис кој започна во постојниот објект во градот Кичево, каде ќе функционираме до изградбата на фабриката. На постојните три линии веќе вработивме 72 лица од Кичево, а само оваа година во новата фабрика ќе бидат отворени над 300 работни места“, рече Петрута. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Силна профитабилност во првиот квартал од 2025 година во услови на меѓународно опкружување исполнето со предизвици

Во првиот квартал од 2025 година, цените на суровата нафта се движеа помеѓу 60 и 68 долари за барел што претставува намалување во однос на опсегот од 68 до 93 долари за барел, во првиот квартал од 2024 година. Ваквиот пад првенствено беше предизвикан од неизвесноста околу развојот на глобалниот трговски протекционизам, инфлаторните притисоци и геополитичките тензии. Инфлацијата доведе до повисоки трошоци за производство, додека геополитичките прашања го дестабилизираа пазарот. Како резултат на трговските тензии, проекциите за растот на глобалната побарувачка за нафта беа намалени, за разлика од општото зголемување на цените во првиот квартал од 2024 година, предизвикано од геополитички ризици и нарушувања во снабдувањето.
Обемот на продажба во првиот квартал од 2025 година изнесуваше 247 илјади М³, со пад од 10% споредено со истиот период минатата година. Производите беа пласирани на двата пазари на кои компанијата традиционално работи (домашниот и извозниот), при што извозот учествуваше со 24% во вкупниот обем на продажба.
Бруто-добивката достигна 269 милиони денари, што претставува намалување од 9% споредено со истиот период минатата година. Добивката пред оданочување изнесува 107 милиони денари.
Прилагодената ЕБИТДА за периодот достигна 137 милиони денари, бележејќи годишен раст од 25%. Ова е резултат од зголемената продажба на домашниот пазар, зголемените чисти извозни бруто-маржи, повисоката бруто маржа на електрична енергија и намалувањето на оперативните трошоци за 5%. Остварената ЕБИТДА забележа пад од 15% споредено со истиот период лани, главно поради негативниот ефект на вреднување на залихите од 20 милиони денари, наспроти позитивниот ефект од 28 милиони денари постигнат во претходната година.
Во согласност со своите стратешки приоритети и одлуката да ги зајакне инвестициите во почисти извори на енергија и да ги намали емисиите на јаглерод диоксид, компанијата инвестираше 9 милиони денари во проекти за обновливи извори на енергија во текот на првиот квартал од 2025 година. Овие тековни инвестиции не само што придонесуваат кон одржливоста на животната средина, туку обезбедуваат и значителни економски придобивки.
Посветеноста на компанијата на својата стратегија за ООП останува цврста и доследна, особено во поглед на поддршката на средината и заедницата каде што ОКТА работи. Годината започна со фокус на иднината на земјата – децата и младите. Преку нашата годишна донација од 6.000 литри екстра лесно масло за греење на СОС Детското село во Скопје, обезбедивме доволни количини за целосно покривање на потребите за греење за целата година. Ваквиот придонес значително ги подобрува условите за живот на децата без родителска грижа.
Во текот на првиот квартал од годината, ОКТА ја најави својата програма за стипендии за постдипломски студии во земјата и во странство. Оваа иницијатива го поддржува нашето уверување дека инвестирањето во образованието и новата генерација значи инвестирање во поодржлива и посигурна иднина. Нашите вработени пак, повторно ја покажаа својата посветеност на општествената добробит преку учеството во првата традиционална крводарителска акција за оваа година, потврдувајќи ја својата непоколеблива посветеност на хуманоста и благосостојбата на заедницата.
ОКТА има за цел да ја задржи својата лидерска позиција на локалниот пазар преку обезбедување на редовно и непрекинато снабдување со горива од највисок квалитет до своите клиенти на пазарите на кои работи. Унапредувајќи ги своите иницијативи за автоматизација, компанијата работи на подобрување на својата организациска ефикасност, намалување на трошоците и поставување на цврста основа за идни остварувања.
Преку прифаќање на иновациите и приспособливоста, ОКТА не само што обезбедува континуитет, туку и придонесува за подобрување на општеството, поттикнувајќи одржлив напредок и стабилност за сите.
ПР
Економија
„Алкалоид“ отвори нови хоризонти во третманот на ГЕРБ со течниот „омепразол“

Како носител на првиот меѓународен патент за лек со додадена вредност – Омепразол во течна форма: готов за употреба – „Алкалоид“ беше покровител на Првата меѓународна конференција за современ пристап во третманот на ГЕРБ кај педијатриските пациенти, организирана во Загреб, Хрватска.
Повеќе од 200 здравствени професионалци од областа на педијатријата, гастроентерохепатологијата, нутриционизмот, експерти од фармацијата и од фармакологијата, претставници на академската заедница, како и претставници на „Алкалоид“ учествуваа на првиот глобален настан под покровителство на компанијата посветен на најновите достигнувања во третманот на гастроезофагеалната рефлуксна болест (ГЕРБ) кај доенчињата и кај малите деца.
Настанот во фокусот го имаше првиот патентиран течен Омепразол, иновација која носи значителни подобрувања во педијатрискиот третман на ова често заболување. Омепразолот ѝ припаѓа на групата инхибитори на протонска пумпа и претставува терапија од прв избор при лекувањето на ГЕРБ, традиционално достапен во форма на гастрорезистентни таблети, капсули или прашок за растворање, што ја отежнува неговата примена кај доенчињата постари од еден месец, малите деца, кај пациентите со тешкотии при голтањето, пациентите со гастрични сонди за хранење, како и кај геријатриските пациенти.
„Алкалоид“ за првпат во историјата успеа да го развие омепразолот во патентирана течна форма, овозможувајќи нов, практичен и ефикасен пристап во третманот кај овие чувствителни групи пациенти.
„Овој производ ја потенцира посветеноста на ’Алкалоид’ кон врвни достигнувања во сферата на фармацијата и поставува нови стандарди во генеричкото производство на лекови, со фокус на иновацијата и пазарната диференцијација. Иновативниот лек со додадена вредност на ’Алкалоид’ веќе отвора нови хоризонти во третманот на ГЕРБ кај педијатриските пациенти, пред сè, во поглед на достапноста на терапијата, што претходно не беше случај, прикажувајќи позитивни резултати во третманот на овие чувствителни групи на пациенти и подобрувајќи го квалитетот на живот на семејствата кои се соочуваат со ова често заболување“, истакна Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на УО на „Алкалоид“.
По патентирањето во септември 2023 година, течниот Омепразол за првпат беше пуштен во употреба во февруари 2024 година на пазарите во Македонија и во Обединетото Кралство, а оваа меѓународна конференција претставуваше извонредна можност за размена на клинички искуства, како и за споделување добри практики и иновативни пристапи во педијатриската пракса.
Здравствените професионалци од Македонија, Обединетото Кралство, Белгија, од Словенија, Хрватска, БиХ, Бугарија, Романија, Србија и од Косово дискутираа за предизвиците со кои се соочуваат во третманот на ГЕРБ, како и за придобивките од воведувањето на оваа иновативна формулација на Омепразол, укажувајќи на неговата ефикасност, безбедност и на подобрената подносливост кај најмалите пациенти.
Тим од експерти од разни области во „Алкалоид“ 6 години работеше на развојот на течниот Омепразол.
Иновативниот концепт на овој лек вклучува двокоморно шише за еднократна употреба, кое одделно содржи два раствора – еден со висока pH и еден дилуент.
Со мешање на растворите непосредно пред употребата се добива стабилна формулација со оптимална pH-вредност, која ја заштитува активната супстанција од деградација при контакт со желудочната киселина, овозможувајќи соодветна, безбедна и ефикасна примена на терапијата кај педијатриските пациенти, како и кај другите чувствителни групи на пациенти.
За да се задоволат специфичните барања во процесот на производство на овој лек, „Алкалоид“ инвестираше во наменски изработена машина, соодветна за овој иновативен производ, осигурувајќи ефикасен и одржлив синџир на негова испорака низ светот. Омепразол растворот е достапен на пазарите во Македонија, Велика Британија, Ирска, Романија и Хрватска. Во моментов, производот се наоѓа во постапка за добивање на маркетиншка авторизација во повеќе други земји.
Економија
Еколошкиот систем за гаснење пожар на Борис Јанковски и Искра Јанковска-Михајловска награден за патент на годината

Еколошкиот систем за гаснење пожар, изум на компанијата за истражување и развој „Веда“ и на изумителите Борис Јанковски и Искра Јанковска-Михајловска, ја доби највисоката државна награда за изуми „Патент на годината“.
Наградата традиционално годишно ја доделува Државниот завод за индустриска сопственост.
„Веда“ е мала семејна компанија основана во 1991 од Јанковски, кој е инженер и истражувач, а ја раководи ќерката Јанковска-Михајловска.
„Ова е многу значајно за развој на нашиот бизнис бидејќи сме фирма што ги продава технологиите што ги создава. Но, без иновации нема напредок. Овој пронајдок е значаен за развојот на разни бизниси во кои може да се имплементира, а во исто време да ја заштити животната средина“, вели Јанковска-Михајловска.
Изумот овозможува гаснење во моментот на настанување на пожарот, што е приоритет во техниките на гаснење. Користи супстанција која е потврдена како нетоксична според меѓународните стандарди и протоколи, а тоа е важно затоа што Европската комисија постојано ги заострува регулативите поврзани со емисија на токсични гасови.
Оваа супстанција е соодветна за употреба во станбени и јавни простори, во простории во кои има луѓе и е безбедна алтернатива на постојните системи за гаснење пожари, кои, поради нивната штетност за околината, се во процес на повлекување во Европската Унија.
„Системот може да се примени во разни сектори, електрични возила, камиони, автобуси, воена и полициска опрема, системи за производство на енергија од сонце и ветер. За време на ковид-кризата со тимот работевме интензивно на овој систем, со поддршка на Фондот за иновации, и стасавме до фаза во која веќе може да влезе во индустриско производство“, изјави изумителот Јанковски.
Овој пронајдок во 2022 година ја доби првата награда на американскиот натпревар за висока технологија поддржан од американската армија и од Министерство за одбрана на САД, а следната година Искра Јанковска-Михајловска во Вашингтон го доби признанието жена во фокус на технологијата.